Македонија
Османи на состанок на министрите за надворешни работи на ПСЈИЕ

На маргините на 77 – та сесија на генералното собрание на ОН, министерот Бујар Османи учествуваше на традиционалниот состанок на министрите на надворешни работи на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) и на Советот за регионална соработка (СРС).
На состанокот се разговараше за теми поврзани со европската интеграција на земјите од регионот, тековната енергетска криза и ефектите кои ги има врз регионалната соработка во Југоисточна Европа, како и за Економскиот инвестиционен план наменет за регионот, социо – економската трансформација на Југоисточна Европа и Зелената агенда за Западен Балкан.
„Покрај тоа што овие конкретни проекти и процеси ќе донесат позитивен социо-економски ефект, резултатот ќе испрати силен политички сигнал за граѓаните во регионот и за меѓународните партнери, особено во контекст на неизвесноста поврзана со воената криза во Украина и заканата по европската и глобална безбедносна архитектура“, нагласи Османи.
Тој се осврна на почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија за членство во ЕУ, како „признание за сите реформски напори на земјата, преку воспоставување функционален мултиетнички модел со Охридскиот рамковен договор, односно политиката на добрососедски односи, рефлектирано и преку договорот од Преспа и Договорот за пријателство“.
Северна Македонија е идниот претседавач со ПСЈИЕ, почнувајќи од јуни 2023 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево време со температура до 35 степени

Времето денес ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност.
Попладне претежно во западните планински региони ќе има појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 27 до 35 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 35 степени.
Македонија
Уште еден земјотрес синоќа почувствуван во Охрид и Струга

Земјотрес со јачина од 2,5 степени според Рихтер синоќа по полноќ го погоди охридскиот регион.
Потресот е регистриран во 00 часот и 48 минути, а потекнува од епицентралното подрачје Пештани-Охрид-Струга.
Според досегашните податоци со кои располага сеизмолошката опсерваторија, земјотресот е почувствуван во Охрид, Струга и блиската околина со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
Меџити: Енергетската транзиција мора да оди рака под рака со еколошката правда и јавниот интерес

Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска се обрати на свеченото отворање на MEF Energy Forum 2025 –регионален форум посветен на енергетската транзиција и климатските предизвици во Западен Балкан.
Во својот воведен говор, министерот Меџити порача дека „енергетската иднина на регионот не смее да се гради на штета на животната средина, здравјето на граѓаните и социјалната правда.“
„Западен Балкан нема луксуз да избира меѓу економски развој и еколошка одржливост. Двете мора да одат заедно – или нема да одиме никаде,“ рече Меџити пред учесниците на форумот.
Тој исто така посочи дека Министерството за животна средина и просторно планирање, веќе работи на усогласување на националната еколошка и енергетска рамка со Европскиот зелен договор и глобалните цели од Парискиот договор. Но, истовремено и предупреди дека имплементацијата мора да биде: брза, фер и транспарентна бидејќи како што кажа тој последиците од климатските промени веќе ги чувствуваме, а транзицијата не смее да ги остави најранливите заедници зад себе.
На крајот од своето обраќање, министерот упати повик за регионално здружување, инвестирање во чисти технологии и конкретни резултати наместо декларативни заложби:
„Не можеме да зборуваме за енергетска сигурност ако истовремено ги труеме реките, воздухот и земјата. Не ни требаат само добри намери, туку и храбри политики. Граѓаните очекуваат резултати, а оваа тема бара акција час поскоро“
MEF Energy Forum 2025 се одржува во Скопје под организација на ZIP Institute, со поддршка од Владата на Република Северна Македонија и повеќе меѓународни партнери.