Македонија
Османи на средба со Рау: „Ќе бидеме гарант и чувар на принципите и заложбите на ОБСЕ“
Претседавачот со ОБСЕ, министерот Бујар Османи, во Полска оствари средба со Збигњев Рау, министер за надворешни работи и претходен претседавач со ОБСЕ за 2022 година.
На средбата, Османи уште еднаш оддаде признание за ангажманот и напорите на полското претседавање со ОБСЕ во 2022 година, и тоа во исклучително тешки услови во ОБСЕ регионот, а воедно и изрази благодарност за поддршката од Полска за претседавањето со ОБСЕ на Северна Македонија.
„Како дел од тројката Претседавачи, очекувам да продолжи блиската соработка со цел заеднички да ги адресираме предизвиците на Организацијата; да обезбедиме ефикасна функционалност и присуство на ОБСЕ на терен, меѓу луѓето на кои им е потребна нашата помош во обезбедување стабилна и безбедна околина во која живеат“, потенцираше Османи на средбата.
Пренесувајќи ги впечатоците од посетата на Украина, особено посетата на загрозените подрачја, Министрите заеднички ја повторија осудата за агресијата на Руската Федерација против Украина, потенцирајќи дека истата претставува најтежок чин на кршење на меѓународното право и принципите и обврските на ОБСЕ.
„Колку и да се обесхрабрувачки најновите случувања на теренот, треба да продолжиме упорно да работиме на стопирање на агресијата, на повлекување на руските воени сили од Украина и да обезбедиме простор за дипломатско решение кое ќе обезбеди стабилен и долгорочен мир“, потенцираше Османи.
Тој потсети и дека ОБСЕ може да понуди ресурси и механизми за изнаоѓање излез од ситуацијата, како и за ублажување на последиците од војната, потенцирајќи дека сите страни треба да целосно да го искористат потенцијалот на ОБСЕ.
„Северна Македонија ќе остане да биде гарантор и чувар на принципите и заложбите на ОБСЕ и само со почитување на истите, може да се продолжи со решавање на војната, колку што е можно поскоро, со цел да се намалат страдањата на луѓето. Водени од нашето мото ‘За луѓето се работи’, наш фокус ќе биде да им се помогне на луѓето, и тоа не само во Украина, што е од најголема важност, туку и на другите региони кои се опфатени со влијание од продолжени конфликти“, заклучи Османи.
Министерот за ндворешни работи на Полска беше досегашен Претседавач со ОБСЕ во 2022 година, и според правилата на Организацијата во 2023 година ќе претседава со Групата за соработка на ОБСЕ со азиските партнери и воедно дел од Тројката претседавачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.

