Македонија
Османи од Ереван: Најголема придобивка од одржлив мировен договор ќе имаат граѓаните на Ерменија и на Азербејџан
Актуелната состојба и односите помеѓу Ерменија и Азербејџан беа главна тема на денешната средба на претседавачот на ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, со министерот за надворешни работи на Ерменија, Арарат Мирзојан.
„ОБСЕ ги поддржува иницијативите за постигнување мировен договор. Од огромно значење е, конечно, да се решат долгогодишните прашања и да се нормализираат односите меѓу вас како наши важни партнери. На крајот на денот, најголема придобивка од одржлив мировен договор ќе имате токму вие и граѓаните, и на Ерменија и на Азербејџан“, рече Османи на средбата со Мирзојан.
Османи се интересира за статусот на мировниот договор, како и за севкупната безбедносна ситуација во земјата, како и за состојбата на притворените Ерменци во Нагорно-Карабах.
„Дозволете ми да ја истакнам мојата целосна поддршка за тековните напори за посредување и воспоставување стабилност на терен. Се надевам дека искуството и предностите на ОБСЕ може поактивно да се искористат за безбедноста во вашиот контекст“, рече Османи.
Османи и Мирзојан исто така разговараа и за загриженоста на Ерменија за состојбата во Лачинскиот коридор и ефектите од неа врз животот и егзистенцијата на населението од оваа област.
„Ги разбирам грижите на Ерменците и во духот на нашето претседавање ‘За луѓето се работи’ ги охрабрувам сите страни да продолжат со преговорите наспроти употребата на сила и принуда во решавањето на споровите“, истакна Османи на средбата. Тоа се однесува и на прашањата на демаркација и отворање на комуникациските линии, додаде Османи.
Како што истакна Османи, преговарачкиот процес може да биде комплициран и тежок, но треба да надвладее перспективата за добрососедски односи и трајна стабилност.
„Мора да гледаме со надеж во иднината и надвор од нашите непосредни грижи за да ја видиме големата слика, а таа е договор што може да се постигне преку силно лидерство, добри намери и политичка волја“, рече Османи.
Османи уште еднаш ја истакна посветеноста на ОБСЕ кон Ерменија во нејзините напори и аспирации за обезбедување на одржлив мир.
„Бидете уверени дека како претседавач со ОБСЕ ќе работам на зајакнување и продлабочување на нашата соработка промовирајќи мир и стабилност во овие неизвесни времиња“, потенцира Османи.
Во текот на денот Османи ќе се сретне и со претседателот на Ерменија, Вахан Хачатуријан, премиерот Никол Пашинјан и со делегација на Парламентарното собрание на ОБСЕ од Националното собрание на Ерменија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.

