Македонија
Османи: Парите ќе бидат двојазични
Од три до пет илјади евра казна за неупотреба на албанскиот јазик, двојазични пари, собраниски седници на албански јазик, министрите во владата ќе зборуваат на нивниот јазик, судските процеси ќе бидат двојазични ако во нив има Албанец, а двојазични ќе бидат и информативните табли.
Ова се дел од новитетите за употреба на албанскиот јазик, договорни меѓу ДУИ и СДСМ, за албанската партија да му ги додели потписите од своите пратеници на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, да формира Влада откако тоа не му успеа на Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ.
На емисијата „Патот кон“ на ТВ Алсат-М, портпаролот на ДУИ Бујар Османи прашан дали албанскиот јазик ќе биде применет и на банкнотите и на монетите, рече дека во член 8 од новиот закон било предвидено и тоа.
„Со Заев договоривме албанскиот јазик да го има на парите. Како член 8 од овој закон, и банкнотите и монетите ќе бидат на албански“, рече Османи.
Османи појасни дека за да се спроведува законот како што е договорено предвидени се и казни.
„Овој закон е за употреба и заштита на албанскиот јазик. Тука многу јасно се предвидени механизмите за набљудување на употребата на албанскиот јазик и казнувањето на евентуалното неупотребување на албанскиот јазик. Со прецизни казни се предвидуваат три до пет илјади евра за институцијата, 30 отсто за физичкото лице раководител на таа институција. Дефинирани се сите компетенции на тој инспекторат, но и на агенцијата која ќе го направи стандаризирањето и одбраната“, рече Османи.
Како што појасни Османи со новиот закон за употреба на јазиците на малцинствата собраниските седници ќе може да се водат и на албански јазик, а сите донесени закони
ќе бидат двојазични.
Исто така, министрите Албанци во владата,ќе можат да говорат и на својот мајчин јазик. Судските постапки, ако во нив учествува Албанец, ќе бидат двојазични, а тоа важи и за информативните табли на државните институции и сообраќајните знаци.
Химната, знамето и другите прашања за чие решавање е неопходно двотретинско мнозинство и менување на Уставот, не се дел од овој нацрт закон. Од двете партии деновиве велат дека се што е договорено е во согласност со Уставот.
Поширока употреба на албанскиот јазик на целата територија на земјата беше клучно барање на партиите на Албанците за да учествуваат во новата влада.
Нацртзаконот беше подготвен од ДУИ во соработка со Алијансата на Албанците, по што СДСМ го разгледа и им достави забелешки, а во средата вечер, Централното претседателство на ДУИ ја прифати конечната верзија.
Во петок се очекува продолжување на состанокот на Централното претседателство на ДУИ, за да се усогласат и другите предмети, а секако, се очекува и да се донесе конечната одлука десетте потписи од пратеничките мандати да му се дадат на Зоран Заев за да го добие мандатот од Претседателот Ѓорге Иванов. Според ДУИ, потписите се во рацете на нивниот лидер Али Ахмети./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

