Македонија
Османи: Подготвени влегуваме во клучната година за европските интеграции на земјава
Во Владата се одржа 40. состанок на Работниот комитет за европски интеграции (РКЕИ), кој го водеше вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, и на кој беа отворени темите поврзани со европските интеграции, односно објаснувачкиот скрининг, статусот на имплементација на планот 18, статусот на апсорпцијата на ИПА и распределбата на странска помош итн.
Како што информираат од владината прес-служба, на состанокот бил направен пресек на клучните индикатори по кои се следи напредокот во процесот на европската интеграција на нашата земја.
На почетокот на состанокот Османи се осврнал на резултатите од 2018 година оценувајќи ја како историска од аспект на европските интеграции, при што потенцираше дека и оваа година европските интеграции остануваат во фокусот на Владата, за што во наредните месеци потребни се конкретни резултати во спроведувањето на реформите, особено во приоритетните области: правосудство, реформа на безбедносни служби, реформа на јавна администрација и борбата против корупцијата и организираниот криминал.
„Еден од најважните индикатори за нашата европската интеграција е, секако, имплементацијата на план 18. Во таа насока денес ќе ги разгледаме досегашните реализирани активности, ќе ги разгледаме евентуалните предизвици во неговата имплементација и, најважно, ќе оформиме реална проценка за негова финализација во периодот до излегувањето на новиот извештај на Европската комисија, како еден од најважните критериуми за верификацијата на нашиот напредок во европските интеграции“, истакнал Османи, при што од своја страна изразил задоволство од досегашниот успех на овој план, во сите области.
Во продолжение на состанокот бил разгледан и статусот на реализација на обврските од состаноците на телата во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ, како основна функција на ова тело, како и статусите на реализацијата на обврските од мисиите за оценка.
Во рамки на денешниот состанок на РКЕИ членовите на истиот биле запознаени и со досегашниот тек на т.н. набљудувачки скрининг, како и распоредот на поглавја за оваа година, со оглед на тоа што ова е процес што овозможува администрација, која е дел од преговарачката структура, односно преговарачкиот тим, и сите останати чинители во истиот да се подготвуваат за евентуалниот старт на преговорите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

