Македонија
Османи пред Советот за безбедност на ОН: Постои закана и самиот мултилатерализам да стане жртва на руската агресија
Во својство на претседавач со ОБСЕ, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска, се обрати пред Советот за безбедност на Обединетите нации, а во рамките на 78. Генерално собрание на ОН, кое оваа недела се одржува во Њујорк.
Османи на почетокот на своето обраќање се заблагодари на албанското претседателство со Советот за безбедност за септември истакнувајќи дека комбинираното присуство на Северна Македонија и Албанија во ОН, кога се одбележуваат 30 години од соработката помеѓу ОН и ОБСЕ, е силен знак на посветеност и одговорност од две балкански држави, соседи и партнери, кои претседаваат со двете клучни мултилатерални платформи.
Зборувајќи за актуелните безбедносни предизвици, Османи повторно се осврна на агресивната војна на Руската Федерација против Украина истакнувајќи дека заедничката потрага по мир зависи од нашиот колективен ангажман.
„Војната претставува најголемо прекршување и оспорување на меѓународните правила и обврски, кои беа напишани и потпишани од истата Русија, која сега со презир ги гази. Таа ги уништува не само животите и средствата за живот во Украина, домовите и надежите на луѓето, туку и надвор од тоа – влијае и на животите на луѓето многу подалеку од Русија“, рече Османи.
Тој истакна и дека во рамките на ОБСЕ, регионална организација со која претседава во овој клучен момент од нејзината историја, се чувствува влијанието од војната, пред сè, врз луѓето, но и врз политиката меѓу регионите и врз институциите што се создадени како платформа за дијалог и одржување на мирот, а не се користат така.
„Постои закана и самиот мултилатерализам да стане жртва на оваа агресија, меѓународните форуми како овој да се заменуваат со бојното поле, а аргументите со брутална сила, без придобивка за никого. Па, објаснете ми: кој добива од оваа војна?“, праша во своето обраќање Османи.
Како претседавач со ОБСЕ, тој истакна и дека организацијата постојано ја дава својата поддршка преку програмата за поддршка во разни области, која веќе е на терен и која вклучува хуманитарно деминирање, промоција на владеењето на правото и ублажување на последователните еколошки и економски влијанија.
Тој најави и дека планира втора посета на Украина како претседавач со ОБСЕ по првата, која ја реализира во јануари, со цел директно да ги слушне потребите, надежите и стравовите на луѓето на терен, а поддржувајќи го мотото на претседавањето „За луѓето се работи“.
Своето обраќање пред Советот за безбедност на ОН, Османи го заврши со силни пораки за мултилатерализмот нарекувајќи го „процес што бара и заслужува секојдневна посветеност и зачувување“.
„Никој, ниту во наше време ниту пред нас, сè уште не смислил подобра идеја или пракса од мултилатерализмот. На крајот, војните ги прават луѓето и ги завршуваат луѓето. А луѓето им се враќаат на дипломатската маса, на дијалогот, платформите и на сеопфатните концепти за безбедност. Токму онакви какви што нудат ОБСЕ и ОН“, рече Османи.
Надоврзувајќи се на темелите на нашите организации, како што рече Османи, и работејќи заедно, бескомпромисни на договорените принципи, „мораме да направиме сè за да продолжиме со нашите заеднички напори за мир, стабилност и безбедност“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска Давкова – Ангеловска-Бежоска: во фокусот тековната работа на Народната банка и зачувување на макроекономската стабилност
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народната банка на Република Северна Македонија.
На средбата, прва по нејзиното стапување на функцијата, Сиљановска Давкова беше информирана за тековната работа на Народната банка и остварувањето на предвидените цели, насочени кон постигнување и одржување на ценовната стабилност и кон одржување на стабилен, конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем.
На средбата гувернерката Ангеловска-Бежоска ги претстави и стратегиските цели насочени кон унапредување на спроведување на монетарната политика, стабилноста на банкарскиот систем, непреченото функционирање на платните системи, управувањето со девизните резерви, а во функција на обезбедување на услови за ефикасни, иновативни и сигурни финансиски услуги.
Претседателката ги поздрави напорите на Народната банка за зачување на макроекономската стабилност на државата, во услови на геополитички и геоекономски ризици.
Гувернерката упати честитки до претседателката Сиљановска Давкова по повод стапувањето на функцијата и ѝ посака успех во работата.
Македонија
(Видео) Мециновиќ: ДПМНЕ поставува измеќар на СДС, за претседател на Собранието
Предлогот на новото мнозинство за избор на Африм Гаши за собраниски спикер не е ништо друго освен крунисување на партиите кои соработуваа во криминалната Влада на СДС, од страна на ДПМНЕ.
„Имаме јасен приказ дека силно ДПМНЕ најмногу значи силна Алтернатива. Зошто значи силна Алтернатива? – Токму оваа партија која беше измеќар на СДС, токму СДС ја избрка од својата Влада за да влезе Алијанса. Токму една ваква партија сега ДПМНЕ сака да ја круниса“ – истакна пратеникот Амар Мeциновиќ во неговото обраќање пред пратениците.
Според него, праксата на политички камелеонизам и шетање од коалиција во коалиција не е ништо ново на непренципиелната политика која ја водат политичките субјекти.
„Ова е само уште една потврда за водењето на лукративни политики, каде државните и националните интереси не се никаков предмет на интерес кај домашната политичка елита“, додава пратеникот на Левица.
Македонија
(Видео) Џафери најави дека останува да ја извршува премиерската функција до изборот на новата Влада: Нема да учествувам во работата на Собранието
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, кој е избран и за пратеник во Собранието на Република Северна Македонија, на Конститутивната седница на новиот парламентарен состав, најави дека ќе ја извршува функцијата премиер до изборот на новата Влада, и до тогаш нема да учествува во работата и одлуките на Собранието.
Џафери, се повика на Уставот, законите и досегашните пракси.
„Ја известувам јавноста да ги извести соодветните институции официјално дека како премиер и како владин состав, врз основа на заклучокот на овој владин состав, ќе продолжам да ги вршам должностите и обврските што извираат од функцијата премиер на земјата до изборот на идната Влада од овој владин состав, и нема да учествувам во работата на Собранието и со тоа, врз основа на Законот за спречување или превенција на корупција и заради спречување на корупција и конфликт на интереси, затоа што не може во исто време да носам две должности, две функции, и поради оваа причина, до изборот на идната Влада, нема да учествувам во работата на Собранието и во одлучувањето во Собранието, за да ги исполнам законските одредби на Законот за спречување на корупција и конфликт на интерес. Ова е за да се информираат сите, за да се надминат сите дилеми во однос на прашањето на понатамошното функционирање на институциите“.