Македонија
Османи: Целта е Охридскиот рамковен договор да го претвориме во политичко движење
Кандидатот за претседател Бујар Османи рече дека се залага за еднаква држава за сите, каде што и покрај ограничената моќ, како иден претседател ќе стане авторитет кој ќе ги обедини различните политички и етнички наративи и активен адвокат на правата на граѓаните, во борба против било која форма на дискриминација. На јавната дебата по повод одбележување на 8-ми април, Меѓународниот ден на Ромите, Османи истакна дека целта на Европскиот Фронт е да го претвори Охридскиот рамковен договор во политичко движење.
„Одбележувајќи го овој ден, стојам пред Вас, не само како кандидат за претседател на Република Северна Македонија туку како еден посветен адвокат на создавање на еднаква држава, со еднакви можности за сите граѓани” рече Османи, образложувајќи дека разликата меѓу едно општество за сите и еднакво општество за сите е дека во првиот концепт најбројните ќе доминираат додека на вториот, без разлика на бројот на припадниците на одредена етничка припадност, сите се еднакви во правата и привилегиите.
Османи ја опиша ситуацијата на која се наоѓаат Ромите и презентираше конкретни решенија за подобрување на нивната позиција, меѓу кои ангажирање на главен советник во кабинетот на претседателот за ромските прашања, создавање на механизми за пристап на Ромите до здравствените услуги со фокус превентивно здравство, задолжително пред-школско образование со што државата да обезбеди доволно градинки, воведување на програма за професионална обука на Ромите за стекнување вештини компатибилни со пазарот на трудот со цел намалување на невработеноста итн.
„Овој ден е ден кога не треба да ги ублажиме ставовите, тука да ја кажеме реалноста. Ромите имаат помал животен век, отколку другите етнички заедници. Ромите имаат поголема смртност на новороденчиња. Ромите имаат многу повеќе хронични заболувања отколку што имаат другите етнички заедници. И тоа не е генетика. Тоа се само услови коишто ги создава државата за пристап до превентивна нега, здравствени услуги. Тоа мора да се констатира. Ромите се дискриминирани” рече Османи.
Со свое обраќање претседателката на партијата, Унијата на Ромите, Фатима Османовска ја пренесе оптимизмот дека со Бујар Османи и Европскиот Фронт, гласот на Ромите ќе биде слушнат.
„Искрено многу верувам дека овој глас што тргнува од нас не само што ќе биде слушнат, туку ќе биде ставен и во програмата на идната влада и ќе биде реализиран. Верувам дека оваа ќе биде преточено во една политика владина и дека конечно, после 4 години на 8-ми април ќе може да говориме што сме направиле. Верувам во заложбите на претседателот иако е мала моќта на претседателот, сепак верувам на моќта на индивидуата и авторитетот што го има. г.Бујар има авторитет стекнат низ своето политичко досегашно искуство за да може да го пренесе гласот на нас како заедница” рече Османовска.
На дебата учествуваа и кандидатката за пратеничка на Европскиот Фронт, Дијана Тоска која ја истакна потребата за повеќе заложби за надминување на бариерите меѓу етничките заедници и претседателката на комисијата за еднакви можности, Имране Морина која побара поголемо и поактивно вклучување на сите заинтересирани страни кон јавните политики, според нејзе, битно за успешна држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.
На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

