Македонија
Основан Форум на жените лидери од Југоисточна Европа за добро владеење и антикорупција
На иницијатива на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска во Скопје се одржува официјален настан за промоција на Форумот на жени лидери од Југоисточна Европа за добро владеење и антикорупција, поддржан од UN WOMEN, RAI и UNODC.
Целта на Форумот е да се создаде регионална мрежа, која се стреми да го зајакне лидерството на жените во општеството преку професионален развој и меѓународно вмрежување за размена на најдобри практики, искуства и меѓусебна поддршка за градење подобри општества за сите.
Вицепремиерката Грковскa го отвори настанот потсетувајќи на поранешната романска обвинителка Лаура Ковеси, која иако на почетокот на својата кариера била обесхрабрувана дека обвинителската професија не е за жени, постигна голем успех во својата татковина, покажувајќи дека институциите може да функционираат и дека никој не е недопирлив.
„Започнувам со ова бидејќи е јасен пример за лидерство, кое цели кон промени. Лидерство што настанало преку борба со препреки, со кои се соочува секоја жена. Лидерство што јакнело низ жестока борба со помоќен противник. И лидерство со интегритет и засновано на високи вредности. Лидерство какво што е важно за да се опстане и да се живее и создава во сопствената земја“, истакна вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење.
Осврнувајќи се на заедничките предизвици на земјите во регионот, таа ја нагласи потребата од соработка заради забрзано подобрување на системот, но и за изнаоѓање ефикасни начини за подобрување на колективниот менталитет за
прашања, како што се корупцијата и доброто владеење.
„Сите ние доаѓаме од подрачја што не се имуни на конфликти и насилство и јасно ни е дека корупцијата се одржува и со продлабочување на поделбите по разни основи и дека силно влијае на тоа дали ќе имаме мир, безбедност, благосостојба или пак, нестабилност и сиромаштија“, изјави Грковска и го заокружи своето воведно обраќање цитирајќи го американскиот претседател Џозеф Бајден дека борбата со корупцијата не е само добро владеење, туку претставува самоодбрана и патриотизам.
Како поддржувачка на оваа иницијатива, во воведниот дел на Форумот се обрати амбасадорката на САД во Северна Македонија, Ангела Агелер, која истакна дека зајакнувањето на жените е врвен приоритет, а силното лидерство е потребно повеќе од кога и да е порано. Амбасадорката истакна дека поголемото учество на жените води до помирни и постабилни демократии и дека САД остануваат партнер и сојузник во креирањето подобра иднина.
Генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, во поздравното видеообраќање посака овој Форум да биде почетна точка за поефикасни интервенции и родово одговорни политики на полето на антикорупцијата истакнувајќи дека корупцијата не е родово неутрална и е еден од најголемите предизвици за колективот и безбедноста.
Форумот на жени лидери на ЈИЕ се воспоставува со поддршка на агенциите на Обединетите нации и РАИ. Во име на UN Women се обрати раководителката на канцеларијата, Весна Ивановиќ-Кастаред, која истакна дека силната женска перспектива е потребна за да се оствари одржлив развој и за да се осигуриме дека никој нема да биде изоставен. Џенифер Сарвари Бредфорд од UNODC посочи дека сега е вистинско време за да се повика на акција, која го зема предвид женскиот глас и приоритети.
Раководителката на Секретаријатот на РАИ, Десислава Гоцкова, порача дека оваа иницијатива ќе биде глас на жените во регионот, особено за оние што се на одлучувачки позиции на полето на доброто владеење.
На настанот беше потпишана декларацијата за основање на Форумот, на што му претходеше панел-дискусија, на која првите потписнички ги споделија своите ставови и мислења за неговото значење и можностите што ги отвора.
Покрај вицепремиерката Грковска, декларацијата ја потпишаа: Наташа Новаковиќ, доскорешна претседателка на Комисијата за одлуки за судир на интересите во Хрватска, Десислава Гоцкова, раководителка на Секретаријатот на РАИ, Јелена Перовиќ, директорка на Агенцијата за спречување корупција од Црна Гора и поранешен судија и претседател на суд, и Ардита Секнај, генерален секретар на Националниот комитет на Меѓународната стопанска комора во Албанија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

