Македонија
ЗНМ и МВР со протокол за безбедност на новинарите на интернет
Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски, со претставници од извршната канцеларија на ЗНМ и работната група, кои беа вклучени во изработка на новиот протокол за безбедност на новинарките на интернет, остварија работна средба со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Како резултат на изработката на овој протокол, меѓу другото, во МВР е назначено лице – контакт-точка за интернет-заканите кон новинарите и воопшто медиумските работници. Протоколот нуди практични чекори како новинарите да постапат кога ќе бидат предмет на закана преку социјалните мрежи и воопшто на интернет преку поактивна вклученост на МВР во заштита на медиумските работници. Ова е една од низата активности што заеднички ги спроведуваат МВР и ЗНМ за подобрување на безбедноста на новинарите од 2017 година кога беше потпишан меморандум за соработка.
На средбата имаше дискусија и за други аспекти за безбедност на новинарите, новинарките и медиумските работници при вршење на дејноста, заканите што се присутни во интернет-просторот, потребата од слободно и непречено известување од настани на терен, ефикасноста при заштитата на новинарите со целосна имплементација на правните инструменти што ги имаат институциите и беше потенцирана одличната соработка меѓу ЗНМ и МВР.
Чадиковски рече дека овој протокол е чекор плус во градењето безбедна атмосфера за работа на новинарите.
„Сметаме дека ова е позитивен исчекор во рамките на зголемување на безбедноста на колегите новинари и новинарки. Денес, не само што се соочуваме со намалување на нашата безбедност туку се соочуваме и со опасноста од онлајн-закани, каде што, за жал, поголеми жртви се новинарките. На овој начин очекуваме нападите и опасноста од нив да се намали, а неказнивоста на сторителот да исчезне. Се надеваме дека препораките што се наоѓаат во овој протокол ќе го најдат своето место во градењето безбедна атмосфера за работа на новинарките и новинарите“, рече тој.
„Јасна е нашата посветеност како Министерство на новинарите да им се обезбедат сите услови за тие непречено да си ја вршат работата и тоа го покажавме од 2017 до сега. За тоа не смее да има дилема, затоа што слободата на медиумите е еден од базичните столбови на кој се потпира демократијата. И овој протокол, во чие изработување учествуваа претставници од МВР, ЗНМ и експерти од академската заедница, нуди решенија кои ќе придонесат секој новинар, особено новинарките, да се чувствуваат безбедно, но и да знаат како да постапат во случаи на закани преку интернет. За нас, слободата на новинарите е приоритет и во таа насока продолжуваме и со наредни активности во соработка со ЗНМ. Во претходниот период реализиравме многубројни обуки, заеднички со ЗНМ и со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, го изработивме прирачникот за безбедност на новинарите за време на настани со висок ризик, а денеска можеме да констатираме дека е изработен и протоколот за безбедност на новинарите на интернет“, потенцира Спасовски.
Во процесот на подготовка на овој протокол беа направени широки анализи, беше искористена актуелната правна литература на темата, како и многубројни институционални практики, со цел да се најде најдобриот пристап за поголема заштита и безбедност на новинарките и новинарите на интернет. На овој начин ќе се намали можноста за самоцензура поради постоен страв од напад, а ќе се зголемат слободата на изразување и професионалните новинарски стандарди.
Членови на работната група составена за подготовка на овој протокол од ЗНМ беа Младен Чадиковски и Драган Секуловски, Никола Дујовски, професор на Факултетот за безбедност – Скопје при УКЛО – Битола, Јасна Бачовска-Недиќ, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – копје, Тони Ангеловски, помошник на министерот за односи со јавност и стратешко планирање при МВР, а од новинарките членови на работната група беа Сашка Цветковска, Еви Шкопи и Кристина Атовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сајкоски: Вчера докажавме дека Македонија не толерира некој да ја тероризира– граѓаните во нас препознаа луѓе кои ќе донесат правда во државата
„Вчера докажавме дека само заеднички, единствени како никогаш досега можеме да успееме. Можеме да успееме заеднички и да прегазиме секој противник, секој оној којшто прави штета на нашата држава и затоа ќе го снајде она што го снајде овој наш противник вчера. Ќе го снајде истото и на 8 мај. Голема победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Mакедонија“, голема победа на македонските граѓани и македонскиот народ. Почитувани кичевчани вие го покажавте револуционерниот дух. Тој никогаш не згаснал во вас. Покажавме дека можеме и дека ќе направиме се, дека имаме храброст, дека имаме елан да се спротивставиме и дека ние сме победнички расположени. Победнички за да ја донесеме Македонија онаму каде што и е местото Им дадовме јасно до знаење дека Кичевчани не толерираат повеќе изживување врз нив. Дека Македонија не толерира повеќе некој да ја тероризира! Ние не толерираме да лажат и крадат. Ние таквите ги казнуваме“, истакна на вечерашниот митинг во Кичево носителот на листата на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 5, Ѓорѓија Сајкоски.
Тој исто така повика на уште помасовна излезност на 8 мај за да се донесе историска победа за Македонија.
„Сакам исто така да ве повикам на 8 мај да излеземе во што поголем број и да донесеме историска победа на Македонија. Да донесеме историска победа за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, потенцираше Сајкоски.
Тој истакна и дека оваа е историска победа бидејќи граѓаните во ВМРО-ДПМНЕ препознаа луѓе коишто можат да ја донесат правдата во Македонија.
„Ние почитувани испишуваме историја. Испишуваме историја затоа што првпат од позиција на опозиција води некој политички субјект во Македонија со 180 илјади гласови. Испишуваме историја затоа што во нас препознаа македонските граѓани луѓе коишто се чесни, коишто се трудољубиви и луѓе коишто можат да ја донесат правдата во Македонија“.
Тој упати порака и до оние кои не излегоа на гласање дека ако сакаат да живеат во подобра Македонија треба да се придружат во големата победа на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако сме согласни дека треба да имаме подобро здравство, подобро образование, дека инфраструктурата во ИЕ 5 е катастрофална и дека треба да направиме комплетно нова, придружете се. Придружете се во голема победа за Македонија. Придружете се и само така, само единствени може да победиме и може да донесеме влада којашто никој не може да ја уценува и може да донесеме премиер што испорачува. Да испорача да имаме одлична инфраструктура, да бидеме први во регионот наместо последни и да направиме економски бум“, истакна Сајкоски и додаде:
„Поканете го секој, разговарајте со секој затоа што ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ се политички субјекти којшто мислат добро за сите во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата го заслужува вашиот глас, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ беше и остана браник на македонската државност“.
Македонија
(Видео) Ковачевски: Нема откажувања, ги повикувам граѓаните на 8 мај да излезат масовно и да дадат поддршка за Пендаровски и СДСМ
Со исправена глава, поставени на вистински европски пат кој е единствена опција за суштинска промена во нашата држава. Во тоа име ве повикувам масовно, ги повикувам сите граѓани на Македонија масовно да излезат на избори, на 8 мај и својот глас да го дадат за нашиот претседател Стево Пендаровски и за пратеничките листи на СДСМ и коалицијата за европска иднина, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва на митинг на коалицијата за европска иднина во Чучер Сандево.
-Сакам да ве поттикнам да разговарате со секој ваш пријател, роднина, сосед, до 8 мај, да кажете дека ДА, разбравме каде сме грешеле, дека имаме јасна програма и план како сето тоа да го поправиме и исто така да кажете дека ние сме таа партија која ги обезбеди сите овие прогресивни работи за државата и кои ја ослободија државата од канџите на само една политичка партија која имаше се во свои раце во цела една декада. Ве повикувам никогаш да не се откажете во она што веруваме и да се бориме да успееме за се она што сме го напишале во програмата да стане реалност и државата да стане многу подобра од она што е денес, рече Ковачевски.
Јас заедно со моите другари како денес, со Санела, Сузана, Оливер, Фатмир ќе бидеме секој ден меѓу граѓаните. Во секој град, секое село, секоја куќа, со секој граѓанин, додаде Ковачевски.
-Ве повикувам и вас, да ни се придружите и заедно да ја пренесеме пораката за напредна држава, пораката за држава која напредува, за држава во која сите се почитуваат и пораката за држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината и од борбата за напредна и прогресивна Македонија, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Македонија
Мицкоски: Разликата по вчерашниот изборен ден е цунамито кое се крева, народот се излеа и тој бран на промени ќе ја порази оваа власт
Над 180 илјади разлика е доволен показател за само едно, народот е на нозе и народот се крена против оваа власт, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Кичево.
„Оние кои што се удираа во гради дека ќе сме се сокриеле после изборниот ден, јас денес не ги гледам. Сокриени коваат сценарија за бојкот, на врата се пред Мала речица да ги молат за гласови, како што ги молеа за тендери. Но, народот е посилен и од тие стотина луѓе од ДУИ кои управуваат со државата и од тој артаноиден режим“, изјави Мицкоски.
Според Мицкоски разликата по вчерашниот изборен ден е толку изразена, што е поголема од вкупниот број на гласови на Пендаровски освоен на изборите.
„Ова е цунамито кое се крева и кое ќе се удри од главата на оваа власт. Народот се излеа и тоа незадоволство и тој бран на промени ќе ги порази. Сакам да предупредам дека работата не е воопшто завршена. Потребно е жолтиот картон да стане црвен. На 8 мај потребно е масовно да се излезе и да се гласа за промени“, вели Мицкоски.
Мицкоски укажа дека е многу важно разликата да биде уште поголема.
„Затоа што добивам информации за црни сценарија кои се коваат во противничките штабови и да им кажам колку и тие да планираат такви сценарија, народот уште пожестоко ќе ги казни. Излезот власта го гледа во две работи. И двете се губитнички сценарија. Првото е бојкот на изборите каде што најисправниот одговор треба да биде излезноста и масовноста на овие избори. Второто сценарио е играњето со белезите на Македонија и великодушните понуди што овој пат ги добива ДУИ за сметка на Македонија од СДСМ за еден партнерски настап и взаемна поддршка на изборите“, кажа Мицкоски.
Мицкоски кажа дека двете сценарија им се за тоа како ДУИ и СДСМ да извлечат некаква полза, за сметка на пропаста и назадувањето на државата.
„Тоа нема да го дозволам. И затоа одговорот е масовна излезност на 8 мај“, порача Мицкоски кој заклучи: „да покажеме заедно дека силата на Македонија е во нас, во сите нас заедно, и да бидеме пример на сите идни генерации“.