Македонија
Остри реакции по смртта на Благојче: Не купуваме лекови за болни од цистична фиброза, плаќаме милиони евра за службени автомобили!
Лавина реакции предизвика ненадејната смрт на Благојче Илиевски, кој речиси две години добиваше уверувања дека ќе го добие скапиот лек за цистична фиброза, а вчера ја изгуби битката со болеста. Правници, новинари, јавни личности, инфлуенсери, се само некои од граѓаните што изразија револт што државата не му помогнала на Илиевски. Меѓу првите јавни реакции беше објавена од адвокатот Јанаки Митровски.
„Луѓе, дајте протест за цистичнава фиброза. Ниту сум експерт ниту појма имам, ама знам дека лек има, а пари не даваат. Што чекаат, да погинат луѓево и така да избегнат обврска?!“, прашува Митровски.
Остра реакција има и Божидар Божиновски, кој важи за јавен критичар.
„Ако има лек, а државата има пари и не го купува, а лекот го бараат од 2020 година, кога беше уште ‘срцето планина’ (Филипче) министер – државата е убиец“, посочува тој.
На тапет беше и тргувањето со министерското место во здравство, со кое раководи Алтернативата, а треба да прејде во рацете на Алијансата за Албанците.
„Сè додека министерската фотелја во здравството се тргува ко вреќа компири на пазар, ќе снема и матични лекари, а не само специјални терапии. После може само на ‘Фејсбук’ да се лечиме“, напиша Герасим Андоновски.
Лична реакција имаше и Ина Џугуманова, која работи во Хелсиншкиот комитет за човекови права.
„Лекот е скап. Пари нема. Постапката за набавка е долга. Треба да почекаме некои процедури да завршат. Потребна е документација. Е, толку вреди човечки живот“, коментира Џугуманова.
Остра реакција има и од познатата инфлуенсерка, која стои зад профилот на Ина Многуфина.
„Не купуваме лекови за 130 болни од цистична фиброза, плаќаме милиони евра за километар пат и службени коли!“, стои во нејзиниот коментар.
Теодора Цветковска, новинарка, исто така јавно реагира и посочи дека државата одново потфрли.
„Благојче Илиевски, најтешкиот пациент со цистична фиброза, не го дочека лекот ‘трикафта’. Почина не цела недела по протестот за овие пациенти. Државата уште еднаш потфрли“, додаде таа.
Благојче Илиевски, кој речиси две години добиваше уверувања дека ќе го добие скапиот лек за цистична фиброза, ја изгуби битката со болеста. Тој беше дел од осумте критични пациенти за кои се бараше лекот итно да им се набави. Со кислородна боца Благојче бараше поддршка и од претседателот на државата, Стево Пендаровски. Но, и покрај сите напори, не дочека да добие терапија со лекот „трикафта“.
Претседателот на Асоцијацијата за лицата болни од цистична фиброза, Фики Гаспар, за „Макфакс“ вели: „Ние можевме да го превенираме овa“ мислејќи на смртта на Благојче.
За денеска е закажан нов протест пред Владата во 14 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

