Македонија
Отворен конкурсот за стипендии за школување во меѓународната гимназија „Нова“
Меѓународната гимназија „Нова“ во соработка со фондацијата „Борис Трајковски“ распиша конкурс за доделување на стипендии за школување во оваа гимназија. Аплицирањето почнува денес (20 февруари) и ќе трае до 9 март, а ќе се одвива преку интернет-страницата на „Нова“ каде е поставена електронска апликација која заинтересираните ќе треба да ја пополнат.
Стипендиите се доделуваат по дванаесетти пат и наменети се за ученици од цела Македонија кои го завршуваат основното и сакаат да го продолжат средното образование во оваа образовна институција. Сите пријавени кандидати треба да имаат одличен успех од петто до деветто одделение и солидно познавање на англискиот јазик.
Тројца апликанти ќе добијат целосни стипендии за четиригодишно школување додека најдобрите 25 ќе имаат шанса да конкурираат за финансиска помош која ќе може да покрие најмногу до 50 отсто од школарината. Ваква финансиска поддршка ке добијат најмногу 10 ученици. Сите пријавени кандидати ќе треба да полагаат тестови по англиски и математика и да напишат есеј на зададена тема. Најдобрите 8 кандидати ке бидат повикани на интервју пред стручна комисија. Од нив ќе се одберат трите целосни стипендисти.
Со цел да им се помогне на сите заинтересирани ученици во процесот на аплицирање, на 2 март ќе бидат организирани и работилници по математика и англиски јазик.
Oсвен целосни стипендии, тројца ученици ќе добијат и поддршка за време на четиригодишното школување активно да учествуваат во локални, регионални и меѓународни настани и натпревари. Преку овие можности тие соодветно ќе се надградуваат со цел да ја претставуваат визијата на училиштето, фондацијата „Борис Трајковски“, но и својата држава. Програмата за стипендирање почна во 2005 година, а досега ја завршија девет генерации матуранти, кои своето образование го продолжија на врвни факултети во Европа и во САД./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

