Македонија
Отворен Центарот за жени жртви на семејно насилство во Полошкиот регион
Министерството за труд и социјална политика известува дека официјално е воспоставена социјалната услуга – Центарот за жени жртви на семејно насилство во Полошкиот регион. Центарот за жени жртви на семејно насилство е организациона единица на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Гостивар. Во пресрет на 16 дена активизам, министерството како институција заедно со своите вработени е дел од бројните активности за подигање на свеста за насилството.
Оттаму велат дека отворањето на центарот е уште еден голем чекор кон заштита на жените жртви на семејно насилство.
„ Владата како потписник на Истанбулската конвенција и верен учесник во борбата против семејното насилство и насилството врз жените и девојчињата со отворање на Центарот за жени жртви на насилство ја обезбеди услугата за привремен престој. Преку оваа услуга Владата и Министерството за труд и социјална политика обезбедува сместување, заштита, психо-социјална помош и поддршка за жртвите кои доживеале насилство или злоупотреба, со цел надминување на состојбата, зајакнување на капацитетите и нивна социјална интеграција во општеството. Нужното сместување на жртвата во центарот може да трае три месеци со можност за продолжување од три месеци односно една година доколку се работи за исклучителен случај. За време на сместувањето на лицата им се нуди психо-социјална помош, поддршка и други активности.
Доколку жртвата има и деца кои се сместени во центарот и кои се вклучени во воспитно-образовниот процес, стручните работници се должни да обезбедат продолжување на редовното образование на децата, економско јакнење на жртвата и нејзино активно вклучување на пазарот на трудот.
Со воспоставување на Центарот во Полошкиот регион, од министерството наведуваат дека се обезбедени услуги за жените жртви на семејно насилство во регион во кој досега не беше достапна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кривични пријави за 10 возачи поради возење без возачка дозвола
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишиле од слобода 10 возачи, од кои пет лица за возење под дејство на алкохол, на територија на Куманово, Кривогаштани, Битола и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, четири лица се санкционирани затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на тетовско, Гостивар, Гевгелија и Кавадарци. Еден возач е лишен од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа во Скопје. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
Бегај пречекан со високи почести во Гостивар, Валбон Лимани му го додели „Клучот на градот“
На свечена церемонија со високи почести, градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, вчера оствари официјална средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.
Во просториите на Општина Гостивар, во присуство на пратеници од регионот, општински советници, претставници на верските заедници и истакнати личности од градот, градоначалникот Лимани му го врачи на претседателот Бегај „Клучот на градот“ – највисокото признание што го доделува Општина Гостивар на личности со посебен придонес и значење.
Во своето поздравно обраќање, градоначалникот Лимани ја оцени посетата како момент со посебна политичка и емоционална тежина за градот, истакнувајќи ја симболиката што ја носи присуството на Претседателот на Албанија во град претежно населен со Албанци.
„Посебна чест е што на почетокот на мојот мандат како градоначалник на Општина Гостивар, да му кажам во ваше и во мое лично име: Добредојдовте во Гостивар, Претседателе на Република Албанија. Вашето доаѓање има посебна симболика за нас“, изјави Лимани.
Тој ја оцени улогата на претседателот Бегај во достоинственото претставување на Албанија и на Албанците ширум светот, особено во време на предизвици и значајни геополитички случувања, нагласувајќи дека неговото лидерство внесува смиреност, сигурност и национална гордост.
Во образложението за доделувањето на признанието се наведува: „На Претседателот на Република Албанија, г. Бајрам Бегај, за достоинственото и мудро застапување на сите Албанци и пошироко, низ целиот свет.“
Врачувајќи го симболичниот клуч на градот, градоначалникот Лимани истакна дека со овој чин за претседателот Бегај отворени се сите врати во Гостивар, оценувајќи го овој момент како еден од најзначајните настани во неговиот мандат.
Посетата на претседателот Бегај во Гостивар беше оценета како потврда за силните врски меѓу Албанците и важен чекор кон продлабочување на соработката и националното единство.
Македонија
Филипче за Груби: Сè е договорено
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, посочи дека случајот со враќањето на Артан Груби и одлуката за куќен притвор се јасен показател дека постои политички договор и директно влијание врз судството и обвинителството од страна на власта.
„Еве ги прашањата за Артан Груби. Ние ги поставуваме од моментот кога дојде. Еве и сега ги поставувам. Како е можно на тој начин да се врати бегалец од правдата, да го пречекаат камери, да го пречека специјална полиција и да оди во домашен притвор? Сте слушнале ли одговор од ВМРО-ДПМНЕ? Не. Ниту ќе слушнете. Поради тоа што има договор. Тоа е вистината. На кое прашање до премиерот вие сте слушнале конкретен одговор? Сè е дефокус и сè е бегање од темата. На прашањето коешто јас го поставив – кој е Душан Адамовиќ, новопоставениот конзул на Македонија во Србија – премиерот не одговори. Избегна да одговори затоа што одговорот не му одговара. Секогаш е дефокус – Харис Џиновиќ, Дубаи, плажа. Тоа одговара премиерот. Недоличен речник и начин на коментирање на човек што ја води Владата и државата.“ рече Филипче.
Тој потенцираше дека ваквиот развој на настаните не може да се случи без политичка координација и контрола врз институциите.
„Такви политички договори во коишто судството и обвинителството се послушници никому не носат добро. Уште премиерот фалеше дека ќе го пречека Артан Груби на граница“, нагласи Филипче.
Додаде дека наместо институциите да функционираат независно и согласно законите, јавноста сведочи на координирани чекори – од медиумското покривање на враќањето, до експресното определување куќен притвор.

