Македонија
Откажани сите прегледи на Клиника за 7 мај, пациентите да се упатуваат во „8 септември“ и „Св. Наум Охридски“
Поради посетата на папата Франциск на 7 мај, вторник, Министерството за здравство апелира до сите граѓани да се упатуваат во Градската општа болница „8 Септември” (Воена болница), за сите здравствени потреби, како и во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, поранешна Градска болница, за сите потреби поврзани со дигестивна хирургија, трауматологија, ортопедски болести, реанимација и интензивно лекување, урологија и неврохирургија. Овие здравствени установи ќе бидат со полн капацитет и полна мобилност тој ден, со цел да одговорат на потребите на граѓаните.
Од Министерството соопштија дека Клиничкиот центар останува отворен, што значи дека сите граѓани со итни потреби до кои нема да стигне апелот за користење на болниците „8 септември“ и „Св. Наум Охридски“ и кои сепак ќе се упатат кон Клинички, ќе бидат прифатени и ќе добијат интервенција.
Исто така, граѓаните можат да се упатат кон Клиничкиот центар и за сите услуги на Клиниката за детски болести и на Клиниката за гинекологија и акушерствo.
Поради посебниот режим на сообраќај, приватните возила нема да имаат пристап до паркинзите на Клинички центар, и кон него ќе се пропуштаат само возилата на Итната медицинска помош.
Забраната за пристапување со приватни возила во кругот на Клинички центар, ќе почне на 6 мај во 18 часот и ќе трае 24 часа, поточно до 18 часот на 7 мај.
Министерството за здравство информира дека поради посебните протоколи поврзани со посетата на Папата, сите редовни прегледи на клиниките во Клиничкиот центар кои граѓаните ги имаат закажано за 7 мај во рамките на „Мој Термин“, ќе бидат презакажани во најбрз можен рок, во деновите почнувајќи од 08 мај.
„Министерството за здравство ги замолува пациентите за разбирање и ги известува дека ќе ги задолжи Универзитетските Клиники да ги информираат пациентите за најбрз можен термин за одложениот преглед, односно хируршка интервенција“, велат од Министерството.
Од таму уверуваат дека за време на посетата на папата Франциск, пациентите од целата држава непречено ќе ги добијат сите потребни здравствени интервенции и со посебен план на министерството, соодветно ќе се одговори на сите итни медицински потреби на граѓаните.
„Притоа, Клиничкиот центар во Скопје ќе биде прилагоден на посебните меѓународни стандарди кои се применуваат во сите земји кои ги посетува Папата, со цел најпрофесионално и најбрзо да се одговори на евентуални медицински потреби на високата делегација предводена од Папата. Паралелно, Министерството за здравство изработи посебен план со кој ќе им овозможи непречена здравствена заштита на сите граѓани кои ќе имаат потреба“, велат од МЗ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Битиќи: Во среда да гласаме и да избереме заедништво и соживот
„Ви се обраќам со длабоко чувство за важноста на двојните избори во среда. Државата ни е на крстопат, одлуката која ќе ја донесеме ќе ја обликува судбината на Македонија во годините што доаѓаат. Вашиот глас нема да биде само исполнување на граѓанска должност, туку и влог во наследството кое ќе го оставиме“, вели во видео обраќање Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и коносител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во изборна единица 2.
Тој истакнува дека секој глас е скапоцен, притоа посочувајќи дека избори може да се добијат или изгубат со мали разлики, но со големи последици.
„Затоа секој од вас е важен за да продолжиме по нашиот пат кон Европската унија. Да не дозволиме да отстапиме од тоа што седум години го градиме заедно и внимателно. Вашата желба за европски стандард и квалитет на живот е најважна, а тоа може да го исполниме со заокружување на бројот 1“, вели Битиќи.
Потпретседателот на СДСМ и кандидат за пратеник, Битиќи, потсетува дека пред седум години излеговме од сенките на поделеноста и заробената држава, притоа предупредувајќи дека национализмот и изолацијата повторно демнат, како што тој вели, на нашиот праг.
„Тоа не треба да не’ плаши бидејќи ние ја имаме моќта да одлучуваме за нашата судбина. Секој од нас сноси одговорност, никој не е изоставен. Без разлика дали сте земјоделци, учители, доктори или студенти – вашиот глас е важен. Затоа на 8 мај излезете на гласачките места и дадете го својот глас за СДСМ и Коалицијата за европска иднина, изберете го напредокот, оставете зад себе наследство на напредок, единство во различностите и просперитет“, порачува Фатмир Битиќи, коносител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во изборна единица 2.
Македонија
Демократски сојуз ги повикува граѓаните да гласаат за Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ
Демократскиот сојуз на Павле Трајанов ги повика граѓаните да гласаат за Гордана Силјановска Давкова и за коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
-Партиите кои се на власт, кои ги разградија институциите, ја криминализираа државата, ги загрозија националните и државните интереси, ги доведоа граѓаните во очај и предизвикаа масовно иселување, треба да одат во опозиција и да одговараат за грабежот и загрозувањето на опстанокот на државата. Во овие сложени состојби кога се одлучува за иднината на Македонија, Ве повикуваме на масовно гласање за промени, за Гордана Силјановска Давкова (2) и за кандидатите за пратеници на Коалицијата ТВОЈА МАКЕДОНИЈА, предводена од ВМРО-ДПМНЕ (Број 2), се вели во соопштението.
Македонија
Возач загина во сообраќајка на експресниот пат Штип-Кочани, повредени жена и две деца
Триесет и деветгодишен маж загина, а три други лица, од кои две малолетни, се повредени во сообраќајна несреќа што синоќа околу два часот по полноќ се случила на експресниот пат Штип-Кочани.
Во несреќата која била пријавена во 2:24 часот изутрина, учествувало само едно возило. Автомобилот „рено лагуна“ со скопски регистрации излетало од коловозот во близина на клучката кај селото Крупиште.
Возачот – 39-годишен маж од Скопје – починал, а сопатничката и двете деца се здобиле со повреди и се пренесени во болницата во Штип.
Увидот во несреќата е во тек.