Македонија
„Откриј го националниот парк Маврово“: кампања за природата, дивината и иднината
Под слоганот „Откриј го Националниот парк Маврово“, Јавната установа Национален парк Маврово ја започна својата најнова кампања за подигнување на свеста за зачувување на природата и промоција на природните и културните вредности на паркот.
Како најголем национален парк во Македонија, НП Маврово е дом на ретки природни богатства, автентични пејзажи, разновиден биодиверзитет и еден од највпечатливите жители на природата
во регионот – балканскиот рис. Оваа кампања има за цел да ги реафирмира вистинските вредности
на НП Маврово, неговите природни богатства и потребата од нивно зачувување.
Во следниот период, кампањата ќе информира за значењето на националниот парк и неговата
улога во заштитата на биодиверзитетот, ќе промовира одржливи туристички практики и ќе
поттикнува активности кои треба да ја зајакнат посветеноста на заедницата кон неговото
зачувување.
НП Маврово е повеќе од природен рај – тоа е нашето живо наследство, кое мораме да го зачуваме
за идните генерации. Преку кампањата Откриј го Националниот парк Маврово, сакаме да ги
инспирираме посетителите да ја откријат убавината на паркот на одговорен начин, да научат повеќе
за неговите вредности, и да станат дел од неговата заштита – изјави директорот на НП Маврово,
Харис Ибраими.
Кампањата ќе трае речиси два месеци и ќе биде реализирана низ различни медиумски канали, со
засилен фокус на дигиталните платформи. Преку социјалните мрежи, информативни видеа,
интерактивни содржини и едукативни материјали, граѓаните ќе имаат можност да се вклучат и да
откриваат нови информации со цел подигнување на свеста за значењето на зачувувањето на
природата.
Како дел од кампањата, во Маврови Анови, спроти Инфо центарот на НП Маврово, е поставен
дигитален видео дисплеј преку кој посетителите ќе можат да ги добиваат сите информации и
новости за паркот. На него, преку видеа, ќе бидат промовирани природните убавини, ретките
видови и можностите за авантуристички доживувања.
Со скенирање на поставениот QR код, заинтересираните ќе можат директно да купат билет за влез
во паркот и да ја испланираат својата следна авантура во величествената природа на територија на
НП Маврово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Биди одговорен возач – користи зимска опрема“ – полицијата во Охрид ги потсети возачите на обврската
На 15 јануари, отсекот за превенција при СВР Охрид, ја реализираше превентивната сообраќајна кампања „Биди одговорен возач-користи зимска опрема“. Притоа, полициски службеници од отсекот, на повеќе сообраќајни пунктови во градот, остварија кратки разговори со возачите на моторни возила и ги потсетуваа на потребата и законската обврска за задолжително носење и користење зимска опрема во возилата како основен предуслов за безбедно движење на моторните возила во зимски услови.
Целта на кампањата е подигање на свеста на учесниците во сообраќајот, за доследно почитување на законската обврска за носење и користење зимска опрема во возилата во текот на зимската сезона и подигнување на безбедносната култура кај возачите и јакнење на свеста и совеста за поголема внимателност и одговорно однесување во сообраќајот во зимски услови.
На возачите, им беа поделени флаери со низа практични совети за безбедно управување моторни возила и им беше укажано на потребата од прилагодување на брзината према условите и состојбите на патиштата.
Скопје
Кисела Вода го модернизира осветлувањето: LED светилки со паметен систем за контрола
Општина Кисела Вода продолжува со проектот за замена на уличните светилки, со цел подобрување на осветленоста и енергетската ефикасност на јавните површини.
Се работи во населбата Пинтија, во рамките на втората фаза од проектот кој ги опфаќа и населбите Кисела Вода и Припор. Досега, се заменети над 2.400 светилки во населбите Пржино и Црниче. Со новите LED сијалици, осветлувањето ќе биде поекономично, со намалена потрошувачка на енергија во споредба со старите светилки, а нивниот век на траење е 4,2 пати подолг. Дополнително, светилките ќе се управуваат преку паметен систем, кој овозможува подобра контрола и ефективност.
Реализацијата на овој проектот кој се изведува во пет фази, обезбедува безбедни, современи и функционални улици, со пониска потрошувачка на енергија и долготрајни решенија за јавното осветлување во општина Кисела Вода.
Македонија
Предлог-законот за пушењето не е удар по угостителството, туку заштита на здравото работно место, велат од Министерството за здравство
Предлог-законот за заштита од пушењето, подготвен од Министерството за здравство, предвидува забрана за пушење во затворени јавни и работни простории, во согласност со европските стандарди и препораките на Светската здравствена организација. Со ова се воспоставува јасно и универзално правило кое ги штити сите граѓани, без исклучоци и без сиви зони, велат од Министерството за здравство.
Според јавноздравствените стандарди, пушењето е личен избор, но заедничкиот затворен простор не смее да биде место каде тој избор се претвора во ризик за здравјето на другите.
„Законот не уредува дали некој ќе пуши, туку јасно определува каде тоа не смее да се практикува, со цел заштита на здравјето на сите присутни. Квалитетот на воздухот во затворени простории е директно поврзан со здравствените исходи. Чистиот воздух значи помалку иритации на дишните патишта, помалку астматични напади и намален ризик од развој на хронични заболувања.
Предлог-законот ја третира изложеноста на тутунски чад како прашање на безбедност и здравје при работа, а не како прашање на животен стил. Во угостителските објекти, токму персоналот е најдолго и најинтензивно изложен на чад од цигари и други тутунски и никотински производи, поради што државата има јасна обврска да го заштити правото на вработените на здрава и безбедна работна средина.
„Искуствата од европските земји кои веќе воведоа вакви законски решенија, како Ирска и Велика Британија и многу други, покажуваат дека овие мерки не претставуваат удар по угостителството и неговите приходи, туку транзиција кон поуреден, поквалитетен и попредвидлив амбиент во угостителските објекти“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Тој додава дека ваквите мерки овозможуваат поголема посетеност од семејства, туристи и граѓани кои преферираат чист воздух, што на долг рок претставува директен бенефит и за самите угостителски објекти.

