Македонија
Отстранета уште една трафика и гаражи во Центар

Инспекциските служби на Општина Центар денеска отстранија уште нелегално поставени објекти кои не поседуваат соодветна документација.
Отстранет е еден времен објект – трафика, со димензии 2 х 1,5 метри, кој се наоѓаше на улица 11 Октомври, во централното градско подрачје, во близина на Црвениот крст.
Покрај трафиката, инспекциските служби денес отстранија и два помошни објекта – гаражи во населбата Дебар Маало, кои исто така не поседувале соодветни решенија за поставување.
Откако инвеститорите, односно сопствениците, не постапиле по издадените решенија за отстранување на нелегалните градби во законскиот рок од 3 дена, општината со градежна механизација ги отстрани, а трошокот за отстранувањето ќе падне на товар на инвеститорите.
За дополнително ослободување на јавните површини во Капиштец отстранети се и 11 паркинг-блокатори поставени без соодветна документација на улицата Васил Ѓоргов, информираат од Општина Центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски во Месина: Интеграцијата на земјата во ЕУ е генерациска заложба

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на покана на својот италијански колега Антонио Тајани, вчера и денес учествуваше и се обрати на министерската конференција по повод одбележувањето на 70-годишнината од Конференцијата во Месина, која се одржа во Таормина, Италија. Конференцијата ги обедини министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија, земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство.
Во своето обраќање, министерот Муцунски подвлече дека процесот на интеграција на земјата во ЕУ претставува генерациска заложба и сеопфатен потфат за општествена трансформација и демократски и социоекономски напредок.
„За нас, членството во ЕУ е генерациска инвестиција – наш најамбициозен проект на трансформација, преку кој нашата демократија созрева, економијата расте, а општеството станува поправедно и поотпорно. Улогата на европската интеграција отсекогаш била клучна – двигател на промените и засилена соработка меѓу нас и со нашите европски соседи. Искрено верувам дека за нас и за регионот, тоа е единствениот одржлив пат што може да гарантира мир, просперитет и демократски напредок.“, истакна Муцунски.
Тој ја реафирмираше цврстата посветеност на земјата кон забрзување на евроинтегративниот процес со цел стекнување полноправно членство во ЕУ, во согласност со јасно дефинираните пристапни критериуми и стандарди.
„Европската ориентација и вредности на нашето општество се јасни, и покрај бројните предизвици и неправди во текот на нашето децениско патување. Она што сега го очекуваме е предвидлив процес на пристапување – патека што ќе ни овозможи да ја постигнеме целта врз основа на јасни критериуми и заслуги, а не на билатерализација и идентитетски отстапки“, додаде тој.
Муцунски ја потенцираше и важноста од поголема предвидливост и динамика во интеграцијата на Северна Македонија и земјите од регионот во ЕУ, укажувајќи на потребата од уште поголема одлучност и единство на европско ниво во актуелниот геополитички контекст.
Во рамки на дводневната конференција беше усвоена и заедничка декларација со која се потврдува стратешката важност на проширувањето на Унијата како инструмент за стабилност, раст и соработка на континентот и во неговото соседство.
Македонија
Се закануваат оние што правеа упад и тепаа, вели Мицкоски по најавите за штрајк на контролорите на летање поради партиски вработувања

Партиските вработувања и трупањето несуштински кадри во услови кога нема доволно контролори на летање, според премиерот Христијан Мицкоски, не е вистинската причина за најавите на контролорите за штрајк на 10 јуни и затворање на небото доколку не престане непочитувањето на систематизација. Одговарајќи на новинарски прашања на повторното отворање на комплексот „Македонско село“ на Водно, премиерот Мицкоски најавите ги нарече закани од кои не се плаши.
„Не мислам дека е тоа причината. Се закануваат оние што правеа упад и кои тепаа. Е сега немаат внимание и не се толку силни да тепаат и тоа е. Ние од такви не се плашиме“, рече премиерот Мицкоски.
Струковиот синдикат на контролорите на летање со писмо до управниот одбор на М-НАВ побара да се поништи последниот оглас за вработување советници на директорите и друг помошен кадар оти реално неопходно е вработување контролори. Од таму повторно алармираа за нарушени човечки односи, блокирани јавни набавки, непочитување на колективниот договор и непочитување на спогодбата со која минатогодишниот штрајк беше ставен во мирување.
Состојбата во М-НАВ ескалира лани на почетокот на годината кога група од осуммина предводени од Беким Незири, тогаш советник во М-НАВ и функционер во ДУИ, упаднаа во контролната кула и натепаа контролор кратко по прес-конференцијата, на која Синдикатот обвини за партиски вработувања и злоупотреби. Обвинителството отвори постапка за кривично дело загрозување на воздушниот сообраќај, а некои од осомничените беа во притвор или куќен притвор додека траеше истрагата.
Македонија
Ѓорѓиевски: По 30 години, Пеленица конечно добива современ пристапен пат

Интензивно се работи на реконструкцијата на патот кој води кон Пеленица – една од фреквентните, но со децении запоставувани патни делници во овој дел на Скопје. По речиси три децении чекање, овој потег конечно ќе добие безбеден, функционален и достоен сообраќаен пристап за жителите на Кисела Вода, Драчево и околните населени места, информира градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Изградбата се одвива на потегот од „Јустинијан Први“ до границата со Општина Студеничани, на делница долга 3.370 метри. Патот се проширува на ширина од околу 6 метри, а за првпат се воведува и тротоар од едната страна, што досега никогаш не постоел на оваа рута.
Покрај асфалтирањето, се поставуваат цевки за третирање на атмосферските води, како и каналетки за нивно безбедно одведување, со што, според Ѓорѓиевски, се решава еден од клучните проблеми – поплавувањето на патот при врнежи.