Македонија
Отстранети 143 непрописно паркирани возила во Скопје
Во текот на изминатата недела (25.06 – 1.7.2020 година) со специјалните возила „пајак“ се подигнати вкупно 143 возила од јавните површини. Од вкупниот број непрописно паркирани и подигнати возила, 33 се отстранети од зонските паркиралишта, а другите 110 возила по налог на сообраќајната полиција по основ на сторени прекршоци: паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице.
Контролорите на зонските паркиралишта во истиот период санкционирале вкупно 166 возила, поради нерегулирано паркирање, односно за неплатена паркинг-услуга. Од нив, 33 возила се отстранети со пајак-службата, поради пречекорување на дозволеното време на задржување на паркиралиштето.
Градот Скопје и јавното претпријатие „Градски паркинг“ апелираат до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта. Апелираме сите корисници на услугите за паркирање, навреме да го регулираат плаќањето за паркинг-услугата, за да не бидат санкционирани и да не им биде поставен блокатор на тркалото. Плаќањето за паркинг-услугата може да се изврши преку СМС-орака или со греб-картичка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.
Македонија
Сали – Џанел: Холандската поддршка значајна за реформите и евроинтеграцијата
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со амбасадорката на Кралството Холандија, Озлем Џанел.
На средбата се разговарало за европската интеграција, спроведувањето на Реформската агенда и билатералната соработка. Министерот Сали нагласил дека членството во ЕУ останува стратешки приоритет, како и целосната усогласеност со Владеење на правото.
Било дискутирано и за уставните измени како предуслов за отворање на кластерите, како и за напредокот во рамки на Кластерот „Темелни вредности“. Воедно било истакнато дека третото барање за исплата на средства е доставено навремено, со значителен напредок во реформските чекори.
„Двете страни ја потврдија подготвеноста за понатамошно продлабочување на соработката во областа на реформите и владеењето на правото“, соопштија од Министерството.
Македонија
ССМ: Ако газдите не се одважат да дадат дел од колачот на работниците, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денес напладне ги блокираше стопанските комори во Скопје кои одбиваат да се согласат минималната плата да се големи на 600 евра, а сите останати да се зголемат за 100 евра. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, од улица им кажа на газдите во коморите, за кои смета дека избркале цели семејства надвор од државата, дека се оставени да бидат единствени виновници што не се покачува минималната плата.
„Владата веќе кажа дека се договарала со своите вработени, па ги остави газдите да бидат виновни за идниот генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Им порача на газдите дека понудата за зголемување на минималната плата е се уште на маса, но нема да остане уште долго оти следниот пат ќе се појават со генерален штрајк. Кажа дека во неработен ден ќе организираат голем работнички протест со организиран превоз за работниците, за да се даде шанса на секој работник да им се придружи.
Претседателот на ССМ Трендафилов објасни дека пред коморите, исто како и пред Собранието, се појавиле со само 21 работник оти толку бара законот, но да немало такво ограничување тој кажа дека бил подготвен за застане сам за да ги заштити работниците да бидат сликани и снимани.
Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, кажа дека се подготвени секојдневно да им бидат пред очи и на пратениците и на газдите.
„Доколку газдите не се одважат дел од колачот да го дадат на работниците кои во минатото им го овозможиле тој профит, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица со нив, со блокади со шатори и секој еден ден да ги потсетуваме дека повеќе за тие плати нема да работиме“, рече потпретседателот на ССМ, Пешевски.
За вторник следната недела ССМ најави блокада на Владата, пред повторно да преминат на нов голем работнички протест и генерален штрајк.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, денес кажа дека блокадите и протестите на ССМ имаат политичка заднина и во деновите што доаѓаат на македонската јавност ќе и покаже како лицата кои блокираат се поврзани со опозицијата.

