Македонија
Отчукува часовникот до застарување на делото на Мијлаков – остануваат 16 дена до слобода
Преостануваат 16 дена во кои Апелација треба да донесе одлука за предметот „Титаник 2“, а за на обвинетиот Сашо Мијалков да не му застари делото. Предметот што Кривичниот суд предвреме го прати до Апелација, па беше вратен назад и повторно пратен – сега е во Вишото јавно обвинителство. Таму обвинител треба да даде мислење во однос на жалбите.
„Предметот денеска ни стигна од Апелација. Го дадеме на обвинител да го проучи предметот. Мислам дека утре или задутре ќе има одлука од страна на Обвинителството“, вели Мустафа Хајрулахи за „Макфакс“.
Ако предметот биде вратен задутре со мислење, ќе останат уште 14 дена за закажување јавна седница. По нејзиното одржување, ќе може да се донесе и одлука.
За овој предмет двапати се изрекува пресуда. Првата беше укината од Апелација во декември 2019 година. Од тогаш до јануари 2023 година предметот се судеше во Кривичниот суд. Судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани одново ги прогласија обвинетите за виновни. На повтореното судење ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, е осуден на казна затвор од две години. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, исто така доби казна затвор од две години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Илинден: За првпат се воведува финансиска поддршка за првачиња
Општина Илинден, како една од општините со постојан демографски пораст и зголемување на наталитетот, продолжува со креирање конкретни мерки насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Во таа насока, за првпат се воведува финансиска поддршка за сите првачиња, соопштија од општината.
„Општина Илинден од 2022 година, континуирано обезбедува ранчиња со училишен прибор за секое дете запишано во прво одделение во основните училишта на територија на општината. Почнувајќи од следната учебна година, покрај досегашната поддршка со ранчиња и училишен прибор, Општината како новина воведува доделување на субвенција во износ од 3.000 денари за секое прваче.
Целта на оваа финансиска поддршка е на родителите да им се олесни покривањето на дел од трошоците поврзани со започнувањето на образовниот процес, како и да се овозможи посигурен и порамномерен старт за сите ученици“.
Средствата за спроведување на субвенцијата во целост, како што појаснуваат, се обезбедени од Буџетот на Општина Илинден. Тоа додаваат од таму, уште еднаш ја нагласува посветеноста на локалната самоуправа кон вложување во децата, семејствата и иднината на заедницата.
„Во рамки на поддршката на млади семејства, општината неодамна ги зголеми и финансиските надоместоци за новороденчиња, со што јасно потврдува дека граѓаните се нејзин клучен приоритет и основа за долгорочен и одржлив развој“.
Македонија
Алиу: Министерството за здравство останува посветено на следење на најсовремените пристапи во развојот на кардиоваскуларната медицина
Министерот за здравство, утрово присуствуваше на стручен симпозиум, во организација на „Клиниката Жан Митрев“, кој претставува платформа за поврзување на меѓународните препораки со реалната клиничка практика.
-Особена вредност на овој симпозиум е интерактивниот формат, кој овозможува размена на искуства, унапредување на клиничкото одлучување и јакнење на соработката меѓу различни специјалности, со цел подобра, побезбедна и персонализирана грижа за пациентите. Посебно беше потенциран активниот придонес на континуираната медицинска едукација и развојот на кардиоваскуларната медицина, истакна во своето обраќање министерот за здравство, Азир Алиу.
Министерот, меѓу другото потсети и на новините во предлог-законот за заштита од пушење, чија цел е токму заштита и унапредување на здравјето на пациентите, имајќи предвид дека пушењето предизвикува кардио-васкуларни заболувања, кои се во подем, како кај нас, така и во светски рамки.
Министерството за здравство останува посветено на следење на најсовремените пристапи, во континуитет ги унапредуваме условите во јавните – здравствени установи и набавка на најсовремена опрема со цел развој на здравството во државата.
Македонија
Левица: Владата и стопанските комори против зголемувањето на минималната плата
Изземајќи се од одговорност, Владата цврсто стои на страна на работодавачите и повеќе од година и пол, во услови на енормна инфлација, ја држи минималната плата замрзната, обвини Левица.
Од партијата велат дека Економско социјалниот совет е окупиран од Стопанската комора и Владата и функционира како подружница на олигархијата.
„Со немањето слух за барањата на работниците и синдикатите, „третата економија во Европа“ продолжува да го стимулира иселувањето на младите, коешто се обидува да го надополни преку увоз на „странски работници“. Додека соработниците на Мицкоски носат одлуки за покачување на сметките за струја, вода, парно, комуналии, детски градинки, здравствени услуги и дозволуваат неконтролирана инфлација на основните намирници, сѐ повеќе вработени остануваат на работ на егзистенцијата, а вработување никому не му гарантира бегство од сиромаштија. Третата европска економија остана на дното по износот на минималната плата и остана во категоријата сиромашни држави“, се наведува во соопштението.
Според Левица, со самото тоа што Христијан Мицковски и Владата не дава поддршка за зголемување на минималната плата јасно е дека буџетската каса е празна дури и за тековните обврски кон вработените.
„Отсуството од преговори за минимална плата и префрлање на истите со работодавачите од приватниот сектор е само маска и дефокус од реалната состојба на буџетот кој владеачката ВМРО – ДПМНЕ не само што го испразни, она што остана од претходната власт, туку и продолжи со кредитни задолжувања и еврообврзници. Заради себичните партиски и бизнис интереси на десничарската Влада, егзистенцијата на работниците е доведена во прашање. Левица бара итно и неодложно зголемување на минималната плата согласно барањата на работниците, затоа што тоа е единствената алатка која гарантира егзистенција на обичниот човек“, велат од партијата.

