Македонија
„О2“ со барање и предлози до властите на Скопје за одлуки што ќе ги вклучат сите извори на аерозагадувањето
Поинаков пристап во решавање на проблемот со аерозагадувањето и носењето серија одлуки што ќе ги вклучат сите субјекти што го создаваат аерозагадувањето во Скопје, со зададени рокови и доволно време сите навремено да ги извршат потребните приспособувања, предлагаат од Здружението за истражување, едукација и креирање екополитики „О2 иницијатива“. Тие вакво барање испратиле до советниците и до градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, во кое ги наведуваат и одлуките што треба да се донесат за да се намали загадувањето во главниот град.
Од таму посочуваат дека во зимските месеци, според студијата направена во 2021 година за која се вршени дневни мерења во текот на една година на две локации во Скопје – кај мониторинг-станицата во Карпош и во Лисиче, утврдено е дека на согорување дрва и дрвна маса отпаѓа околу 50-60 %, на согорување нафта и мазут, за греење или како енергент во индустријата отпаѓа помеѓу 12 до 16 % и на сообраќајот отпаѓа меѓу 11 до 14% какозаднинско урбано загадување, но во близина на сообраќајниците и до 34 %. Во летните месеци, пак, најголемо загадување, дури до 46 %, го предизвикува градежната, почвената прашина.
„О2 иницијатива“ бара да се донесат седум одлуки во Град Скопје:
1. Забрана за греење на нафта, лесни масла, јаглен, мазут, кокс во град Скопје, која за домаќинствата би стапила во сила 1.10.2026, а од 1.10.2028 за сите други објекти.
Ова, според иницијаторите, ќе им даде доволно време на домаќинствата за измена на начинот на греење во прифатлив, што би подразбирало на гас, со пелети, топлински пумпи, инвертери и сл., а јавните објекти ќе имаат доволно време да објават јавни повици, да изработат проектна документација и ја изведат потребната промена на терен. Општините за оваа потреба може да аплицираат за инфраструктурни проекти до Министерството за животна средина од програмата за децентрализација на Владата.
2. Домаќинствата што ќе останат да се греат на дрва во град Скопје, како и другите субјекти што ќе користат дрва за греење и/или како енергент, а тоа се најчесто погони од дрвна индустрија, да мораат да постават филтри. Оваа мерка да стапи во сила од 1.1.2027 за правните субјекти и домаќинствата во урбаните делови на град Скопје, од 1.1.2029 за домаќинствата во руралните делови на градот. Постојат филтри за домаќинства во земјата, чии цени се пристапни за наши услови. Во тековниот период да бидат доделени субвенции од Град Скопје и од Владата на РСМ за филтри, соодветни на примањата во домаќинствата, со примена на скалест пристап, при што на најранливите категории ќе им бидат доделени суви дрва за греење за сезоната (за да се избегне горење гуми и друг отпад) и филтри.
3. Од 1 октомври до 1 мај, но и во преостанатиот дел од годината, во деновите со загаденост за ПM 10 над 50 μg/m3 и за ПM 2,5 над 25 μg/m3, кои ќе бидат измерени на најмалку две мониторинг-станици во Скопје, да може да сообраќаат само возила од прва еколошка категорија, со зелена налепница, во согласност со Законот за возилата. Исклучок ќе бидат возилата проектирани и изработени исклучиво за потребите на Армијата на Република Северна Македонија, полицијата, брзата помош, противпожарните служби, возилата на потполно глуви лица со потврда за членство од Националниот сојуз за глуви лица, на лица заболени од дистрофија, мултиплекс склероза, церебрална парализа, параплегија, хемиплегија, квадриплемија, детска парализа (полиомиелитис), слепите лица со оштетување на видот над 90 %, лица на дијализа и лица со ампутација на рака или нога со признато телесно оштетување од 80 % утврдено со акт на надлежната комисија во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на РСМ. Оваа мерка да стапи во сила од 1.10.2026.
Во согласност со законот, првата еколошка категорија ги опфаќа возилата со ниво на емисија на издувни гасови Евро 5 и повисоко, како и возилата со емисија на издувни гасови Евро 4 и Евро 3, на кои е вграден уред за погон на течен нафтен гас или погон на компримиран земјен гас, хибридните возила и електричните возила, како и возилата што имаат вградена опрема, која ја намалува емисијата на гасови во воздухот и ги достигнуваат стандардите на Евро 4, Евро 5 и повисоко.
Граѓаните може да ги искористат субвенициите во согласност со годишните програми на Министерството за економија и труд за субвенционирање дел од трошоците за вградување уреди за погон на ТНГ или друг вид алтернативно гориво и за субвенционирање дел од трошоците за купување ново возило со одјавување на старото.
4. Забрана за користење мазут, нафта, лесно масло, јаглен, кокс, петрол кокс како енергент во индустриските/производни погони, мали, средни и големи, со и без елаборати за заштита на животната средина, Б-интегрирани еколошки дозволи, А-интегрирани еколошки дозволи во град Скопје, онаму каде што производниот процес го дозволува тоа и каде што најдобро достапните техники укажуваат на можност за користење нас или електрична енергија (примарно од обновливи извори). Оваа мерка да стапи во сила од 1.1.2030. Сите индустриски/производни погони, кои треба да ја направат измената, а немаат пристап до гасовод, да се пријават до Град Скопје до 1.7.2025 за тој навреме да биде изграден.
5. Поставување систем од камери што ќе ја покријат Скопската Котлина со 24-часовен надзор за секаков вид палење и службите, како пожарникарската, ќе одговорат веднаш на терен и ќе добијат помош од локалната полиција. Дополнително, поставување видеонадзор над хроничните точки во градот, каде што редовно се пали отпад на отворено, со цел полесно идентификување и санкционирање на лицата што извршуваат казниво дело, како и брзо гаснење на веќе појавените пожари. Оваа мерка да стапи во сила од 1.1.2026.
6. Организирано бесплатно собирање на остатоците од бербата, органскиот отпад од службите на Град Скопје, негово компостирање во градски компостари, а за возврат добивање на 30-ина килограми органско ѓубриво на секои 100 килограми доставен отпад. На овој начин се спречува палење на стрништата. Оваа мерка беше спроведувана од Град Скопје во текот на 2019 и 2020 година и треба да се врати подобрена во сила од 1.1.2026.
7. За цело време на траењето на градежните работи околу секој поголем градежен објект да има поставено константен мониторинг на прашината (вкупна, ПM 10, ПM 2,5) како обврска на компанијата што ги изведува работите. За инспекција на спроведување на оваа одлука да се задолжат инспекторите за животна средина на Град Скопје и на општините во градот, како и градежните инспектори на општините во градот. Да стапи во сила од 1.1.2026.
Со овие одлуки ќе бидат опфатени сите извори на аерозагадувањето во град Скопје и нивното спроведување ќе доведе до намалување во законски зададените граници, кои за кратко време ќе бидат двојно или повеќепати пониски од сегашните во согласност со новата ЕУ-директива за квалитетот на амбиенталниот воздух. Очекуваме советниците и градоначалничката да покажат зрелост и одговорност и да постапат во најдобриот интерес на нас, граѓаните, и нашето здравје, особено во интерес на децата од овој град, без оглед на која партија/група припаѓаат, велат од „О2 иницијатива“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Исчезна Виктор Илиоски од Прилеп, мајката очајна
Семејството на Виктор Илиоски од Прилеп очајно бара помош за негово пронаоѓање.

Според објавата на социјалните мрежи, трагата му се губи од саботата попладне, околу 14 часот.
Облечен бил во тегет јакна, црни тренерки и сиви патики.
Македонија
Европската Унија ги одби предлозите на балканските превозници, најавени нови блокади: „Последниот состанок беше катастрофален“
Европската унија ги одбила сите предлози на превозниците од Западен Балкан со кои требало да се реши проблемот со нивниот престој во Шенген зоната. Истакнато е дека превозниците донеле одлука за повторна блокада на товарните гранични премини, но засега не е познат точниот датум на новите блокади.
„Последниот состанок со нив беше катастрофален. Не прифатија ништо што предложивме, само рекоа – вклопете се во правилото 90/180, поинаку не може“, изјавил претседателот на деловното здружение „Меѓународен транспорт“ Неѓо Мандиќ за „Танјуг“.
На прашањето дали превозниците размислуваат за повторна блокада на товарните премини доколку наскоро не се постигне договор со Европската унија, Мандиќ изјавил дека одлуката веќе е донесена, но дека се чека усогласување со превозниците од другите земји од Западен Балкан.
„Донесовме одлука повторно да одиме со блокади, но за сè е потребно време, бидејќи мора да ја усогласиме постапката со колегите од другите земји од Западен Балкан. Кога ќе го усогласиме терминот, тогаш ќе го одредиме точниот датум. Мора да се состанеме и да се договориме околу сите детали, така што не знам кога ќе започнат блокадите“, нагласил Мандиќ.
Предлозите што на последниот состанок властите од регионот на Западен Балкан и превозниците ѝ ги упатиле на Европската комисија биле одбиени со коментари дека се „невозможни, премногу креативни и спротивни на Шенген законодавството“, додека било предложено возачите да пријават престој во некоја од поблиските членки на ЕУ, што за превозниците било неприфатливо, прене „Вијести“.
Протестите претходно започнаа на 26 јануари 2026 година со барање професионалните возачи да не се третираат како туристи во Шенген зоната, туку да добијат посебни правила за престој. Блокадите беа суспендирани на 29 јануари по најавата дека Комисијата ќе ги разгледа можните корективни мерки, но по објавувањето на официјалниот став на ЕК дека нема посебни измени за превозниците, се отворија нови реакции и незадоволство меѓу транспортерите.
Македонија
Oбвинувања за канабисот: ВМРО-ДПМНЕ бара истрага за лиценците, СДСМ прашува кој дозволил 5 тони дрога да ја поминат границата
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ и утрово разменија обвинувања поврзани со лиценците за производство на канабис и со запленетата марихуана.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека фирмата „ЦБД Медплант“ од Ново Село, од која, како што наведуваат, биле запленети околу 30 тони марихуана, добила лиценца во 2020 година, во период кога на власт биле Зоран Заев и Венко Филипче. Партијата наведува дека фирмата е директно поврзана со луѓе блиски до СДС и Заев и повикува Јавното обвинителство да ја испита поврзаноста на поранешни функционери со бизнисот со канабис.
„Постојат фотографии кои го прикажуваат Филипче во друштво со сопственикот, Тони Котев. Од вкупно околу 40 тони запленета марихуана, дури околу 30 тони се поврзуваат со оваа фирма или 70 отсто“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата нагласува и дека измените на Правилникот за одгледување на канабис во 2023 година, отвораат прашања за законитоста на процесот. Од партијата бараат институционална одговорност.
Од друга страна, СДСМ обвинува дека власта се обидува да дефокусира и да го заташка случајот со 5 тони дрога што ја поминале македонската граница и завршиле во Србија. Според СДСМ, јавноста 16 дена чека одговор како дрогата ја поминала границата и кој ќе понесе одговорност.
„Премиерот Мицкоски лицитира со 25, 40, па и 100 тони запленета марихуана, наводно нелегално произведена. Ако навистина станува збор за нелегално производство од такви размери, тоа отвора уште посериозно прашање за одговорноста која мора да се прошири на повеќе институции токму во власта“, велат од СДСМ.
Партијата прашува како се произвела марихуана на површина од речиси 40 фудбалски стадиони, наводно нелегално, а институциите не знаеле, не провериле, не контролирале.

