Македонија
Павле Трајанов е реизбран за претседател на Демократскиот сојуз
Со учество на 350 делегати и гости денес пред „Хотелот Белви“ во Скопје, Демократскиот сојуз го одржа Шестиот конгрес, на кој ги презентираше своите програмски приоритети под мотото „За Европска Македонија“ и учеството на претстојните парламентарни избори.
Павле Трајанов е повторно избран за претседател на партијата, а истовремено е избран и нов Централен совет на Демократскиот сојуз.
Конгресот се одржа во духот на одбележувањето 20 години од формирањето на партијата, за што зборуваше Трајанов.
„Демократскиот сојуз повеќе од дваесет години опстојува на политичката сцена, препознатлив е по своите принципиелни ставови, објективност и искреност. Ние ниту едно значајно прашање не премолчуваме, за се имаме свој став и тој им го соопштуваме на граѓаните“, рече Трајанов.
Во своето обраќање Трајанов истакна дека приемот во НАТО е од огромна важност за стабилноста на државата, владеењето на правото и економскиот развој, а одлуката на ЕУ за започнување на пристапните преговори ќе ги забрза демократските процеси и севкупниот развој на Македонија. Промената на името на Република Македонија е најтешката и најризичната одлука за која следните генерации од историска дистанца ќе можат да дадат објективен суд дали ја зајакнале независноста и отвориле перспективи на Македонија.
„На сите ни е јасно дека без договорите со Грција и Бугарија далеку ќе бевме и од НАТО и од ЕУ, и затоа сум против ретроградните идеи со кои се најавува ревизија на договорите, судење за велепредавство и сл. Тоа е манипулација со чувствата на граѓаните“, истакна Трајанов.
Врвен приоритет во дејствувањето на ДС ќе бидат младите, со реални системски решенија и конкретни проекти. Ќе се формира посебен фонд со кој младите ќе управуваат за отворање нови бизниси и ќе можат да ги реализираат своите идеи.
Демократскиот сојуз во парламентот ќе предложи нов Закон за борба против организираниот криминал, со конфискација на криминално стекнатиот имот и забрана за политичко дјествување. Трајанов најави и уставни промени за прецизно дефинирање на одговорноста на судиите и обвинителите, но и други системски промени околу можноста за распуштање на парламентот, импичмент на претседателот на државата, преиспитување на Бандетеровото мнозинство и други решенија со кои ќе се јакне граѓанскиот концепт на државата.
Натамошната соработка со другите партии, според Трајанов, ќе зависи дали ќе останат на предизборниот договор, после изборите, во рок од три месеци да се прифатат предлозите на Демократскиот сојуз, Македонија да биде една изборна единица, за да се создадат еднакви услови и шанси за сите партии, и да се сруши монополот на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои 30 години се менуваат на власт, но државата стагнира.
На конгресот свое обраќање имаше и Зоран Димитровски, генерален секретар на ДС, кој ги презентираше програмските приоритети на партијата во наредниот четиригодишен мандат. Според Димитровски, со предлозите на ДС за уставни и системски промени ќе почне да се враќа правдата и довербата во системот. Тој зборуваше и за потребните реформи во здравството и образованието и медиумската област.
„Предлагаме обврска дипломираните лекари да останат да работат најмалку 10 години во Македонија, но државата да им понуди плата од 2000-3000 евра, а парите ќе ги обезбедиме откако ќе ги скратиме бројот на министрите, агенциите и владините советници.
Програмата на ДС предвидува воведување предмети медиумска писменост и критичко размислување во основните и средните училишта, како и зајакнување на слободните и критички медиуми преку создавање посебен Фонд за проверка на фактите и истражувачко новинарство од 1,5 милиони евра годишно.
Потпретседателот на Демократскиот сојуз Зоран Петров зборуваше за 20 годишниот јубилеј на партијата, при што истакна:
„Несоборлив факт е дека обемот и квалитетот на новите идеи, планови и предлози е граничникот кој ги раздвојува големите од малите партии, а не бројот на членството, бројот на општински организации, бројот на партиски возила, бројот на вработени во големиот број партиски подружници и слично. Демократскиот сојуз посветено се придржуваше до ова начело во изминатите 20 години, поставувајќи пред себе високи критериуми и стандарди во политичкиот натпревар. Демократскиот сојуз го стави својот потпис врз цела серија проекти, што е во функција на неговиот имиџ на сериозна, динамична и современа политичка партија“, рече Петров.
Свое обраќање на конгресот имаше и потпретседателката на Демократскиот сојуз, Весна Стоименовска Атанасов, која зборуваше за неправилностите во системот поради кои изминатите години се воочени многу неправди како резултат на политичкото самоволие.
„Програмски приоритет на Демократскиот сојуз е воспоставување на систем на одговорно и чесно владеење, што е пак многу тесно поврзано со постоење на правна држава, ефикасни и непристрасни институции и неселективна борба против организираниот криминал и корупцијата.
Од Конгресот, Демократскиот сојуз упати повик до сите граѓани да излезат масовно и да ги поддржат европските вредности, да гласаат за кандидатите на коалицијата „Можеме“ под реден број 3.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ бега од темата Груби и од борбата против корупцијата, рече Петрушевски
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција оцени дека Социјалдемократскиот сојуз, како што рече, бега од темата Груби, и наместо да го поздрави справувањето со криминалот, нуди приказни за театар и циркус.
„Времето покажува дека на СДС – безрбетна најдобро ѝ оди кога нешто треба да се продава, распродава и да се мести. И тоа е така без разлика дали тоа е местење на тендери или продавање на државата“, изјави Петрушевски.
Тој рече дека партијата наместо да поздрави, како што наведе, „чин на справување со незаконити дејствија, криминал, фаќање на лица кои бегаат или бегале од правдата“, се занимава со други теми.
„Очигледно е зошто го прават тоа, веројатно затоа што во конкретниот случај со Артан Груби не можат ни да се сетат во што се биле заедно вмешани, во какви зделки, коруптивни активности или криминал. Поточно во што се шурувале“, изјави Петрушевски.
Тој додаде дека актуелното раководство на СДСМ, меѓу кои ги спомена Венко Филипче, Оливер Спасовски, Јованка Тренчевска и Јон Фрчкоски, „кажуваат секојдневно некакви приказни“, но дека суштината, според него, е борбата против корупцијата.
„Професионална, координирана активност на надлежните служби за да се фати бегалец од правдата покажува на дело дека сега борбата со корупцијата и криминалот е решителна“, изјави Петрушевски.
Тој нагласи дека за ВМРО-ДПМНЕ клучна е борбата со корупцијата и криминалот и, како што рече, „поставувањето на здрави темели на начелото на владеење на правото“.
Македонија
Кардиологија и Кардиохирургија стануваат еден центар: заштедите од спојувањето ќе одат во опрема и едукација, најави Алиу
Владата на последната седница, која се одржа минатиот вторник(24.02.2026), на предлог на Министерството за здравство, донесе одлука за спојување на Клиниката за кардиологија и Државната клиника за кардиохирургија, со цел обезбедување повисок степен на интегрираност, координација и ефикасност во третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања, преку рационално искористување на постојните човечки, просторни и технолошки ресурси на двете установи.
„Со донесената одлука за спојување на двете клиники формираме единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика, до интервентен и хируршки третман. Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, создаваме предуслови за заштеда на средства кои ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
На овој начин ќе се овозможи подобра искористеност на капацитетите, односно зголемен број интервенции со интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби. Пациентите ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на единствена установа, без административни пречки и чекање трансфер, што значи поголема достапност и континуитет на здравствените услуги.
Воедно, спојувањето на клиниките ќе придонесува кон развој во сегментот на едукација и истражување, со креирање обединет академски центар со повеќе можности за обука на специјализанти, супспецијализанти и развој на научни програми.
Македонија
Исчистен просторот кај СЦ „Борис Трајковски“, подигнати 3.500 м³ отпад за 100 дена
Општина Карпош спроведе сериозни активности за уредување на јавните површини. Дивите депонии на повеќе локации се расчистени, а просторот околу Спортскиот центар „Борис Трајковски“ е целосно исчистен. На потегот кај „Скупи 5“ и кон Бардовци се подигнати над 3.500 кубни метри отпад, информираат од општината.
Покрај тоа, од општината велат дека се реализирани повеќе од 50 интервенции на јавното осветлување, спроведена е редовна дератизација и одржување на противпожарната инфраструктура во училиштата и градинките. Исто така, објавен е повик за стерилизација на улични мачки, а во училиштата започнаа активности за производство на компост и намалување на аерозагадувањето.

