Македонија
Парична помош на семејствата со опожарени домови во Шуто Оризари
Одлуката за доделување парична помош на семејствата со опожарени станбени објекти во општина Шуто Оризари е една од точките за која ќе расправаат членовите на Советот на Град Скопје на денешната 49-та седница. Со оваа одлука е предвидено Град Скопје да им додели парична помош во нето-износ од 100.000,00 денари на три семејства со целосно опожарени станбени објекти и износ од 50.000,00 денари на три семејства со делумно опожарени станбени објекти.
Покрај оваа точка, на денешната седница Советот ќе расправа за поголем број одлуки поврзани со работата со јавните претпријатија и јавните установи во надлежност на Градот, а на оваа седница ќе се расправа и на следниве точки: Одлука за субвенционирање на ЈП депонија „Дрисла“ – Скопје; Одлука за давање привремено користење недвижна ствар на ЈУ Универзална сала – Скопје; Одлука за давање согласност на статутарната одлука за измена на Статутот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје; Одлука за давање согласност на Статутот на ЈП депонија „Дрисла“ – Скопје; Одлука за давање согласност на одлуката за давање донација на движен имот електромобили на ЈП „Градски паркинг“; Одлука за давање согласност на инвестиционата програма на ЈП „Лајка“ – Скопје за 2020 година; Одлука за давање согласност на инвестиционата програма на ЈП депонија „Дрисла“ – Скопје за 2020 година; Одлука за давање согласност на програмата за работа на ЈП депонија „Дрисла“ – Скопје за 2020 година, како и точката Одлука за давање согласност на одлуката за измена на цените на услугите во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.
Дополнително, на денешната седница советниците ќе расправаат за извештајот за извршување на буџетот на Град Скопје за периодот од 1.1. до 12. 2019 година; одлуката за измена на распоредот на средствата во буџетот на Град Скопје за 2020 година; одлуката за прием во сопственост на едно моторно возило; одлуката за продажба на недвижен имот – со намена домување; одлуката за давање соглaсност и право на градење објект; одлука за давање согласност на одлуката за измена на одлуката за ослободување од плаќање дел од потрошена вода на корисници што примаат постојана парична помош; како и одлуката за давање согласност на програмата за благосостојба на животни скитници на подрачјето на град Скопје во 2020 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.
Македонија
Пуштена во употреба реконструираната обиколница во Крива Паланка
Реконструираната обиколница во Крива Паланка е пуштена во употреба.
На настанот присуствуваше премиерот, Христијан Мицкоски, кој нагласи дека Владата продолжува со реализација на капитални инвестиции.

Тој посочи дека ваквите проекти претставуваат додадена вредност за граѓаните и за економијата и најави дека во наредниот период во Крива Паланка и во регионот ќе се реализираат инвестиции во вредност од неколку стотици милиони евра.
„Крива Паланка е влезна точка на делот од Коридорот 8 во Македонија“, рече Мицкоски, додавајќи дека меѓу приоритетите се третата фаза од железничката пруга, забрзување на втората фаза, како и нови патни делници кои ќе го заобиколат влезот во Куманово за сообраќајот кон исток.

Премиерот истакна дека Владата останува фокусирана на капитални инвестиции, при што како клучни ги наведе Коридорите 8 и 10, со приоритет на патничко, железничко и енергетско поврзување.
Мицкоски оцени дека инвестициите ќе придонесат за економски раст и ќе создадат услови за развој на локалните заедници, изразувајќи очекување дека дел од иселените граѓани ќе се вратат и ќе продолжат да живеат и работат во земјата

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој се обрати од настанот, рече дека со изградбата на експресниот пат Страцин–Крива Паланка, реконструкцијата на обиколницата и модернизацијата на граничниот премин Деве Баир целосно се развива источното крило на Коридор 8.
Тој посочи дека реконструкцијата на обиколницата, во должина од 4,5 километри, е инвестиција од 1,2 милиони евра и претставува значајно поврзување со Бугарија како витален дел од Коридор 8. Додаде дека во тек е модернизација и проширување на граничниот премин Деве Баир, при што првата фаза се очекува да заврши до јуни, а потоа ќе следи проширување на капацитетите.

Николоски нагласи дека во соработка со ЕУ се бара решение и за модернизација на делницата Страцин–Романовце, како и дека интензивно се работи на железничкото поврзување кон Исток. Потпишан е договор со Бугарија за прекуграничниот тунел, а се очекува Крива Паланка да биде поврзана со Скопје со дневна железничка линија.

