Македонија
Партиски дуел околу здравствената услуга „Мој термин“
По воведувањето на услугата „Мој термин“, Македонија паднала за четири места поради лош здравствен систем, тврди во саботата СДСМ, на што од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека во времето на владеењето на нивните политички опоненти земјата ниту била рангирана а Европскиот здравствен потрошувачки индекс (ЕХЦИ).
„Воведениот Мој термин во здравството и другите лажни реформи на власта во заминување, им го отежнаа лекувањето на луѓето, поради што се итно потребни промени за заштита на здравјето на граѓаните. Најрелевантното рангирање на здравствените системи за Европската комисија, Европскиот здравствен потрошувачки индекс (ЕХЦИ), го потврди она што граѓаните го чувствуваат врз своето здравје. Тоа е дека добиваат сé полоши здравствени услуги, поради нефункционален здравствен систем“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Според нив, Македонија на ЕХЦИ скалата паднала за четири места подолу во 2016 година, во однос на 2014 година, што го илустрираат со графиконите од истражувањето, во прилог на ова соопштение.
Македонија, во 2014 година била на 16 место. Тоа е годината по којашто е воведен Мој термин во здравството (јули 2013). Но во 2015 година, граѓаните наместо да доаѓаат до поквалитетни услуги во здравството, Македонија има пад за две места. Најновите податоци за 2016 година покажуваат дека Македонија паднала уште две места на скалата, со што сега е на 20 место од вкупно 35 земји во коишто се правени анализите.
„Овој пад покажува дека таканаречените проекти во здравството се лажни и дека граѓаните `се се помалку заштитени од здравствениот систем. Граѓаните ја препознааа несовесноста на Никола Тодоров и на власта во заминување кои се заинтересирани само за тендери, а не и за заштита на нивното здравје и затоа избраа промени“, заклучуваат социјалдемократите.
На тоа од ВМРО-ДПМНЕ возвратија со тоа дека Македонија во времето на СДСМ воопшто не ни беше рангирана на Европскиот здравствен потрошувачки индекс (ЕХЦИ), „бидејќи Европа не предвидува рангирање за ѓерданите кои ги купуваше Владо Димов за своите колешки и за стентовите кои лешинарите од СДСМ ги продаваа на црно“.
Според извештајот на ЕХЦИ, системот „Мој Термин“ во сите досегашни рангирања е посочен како реформа која се препорачува за имплементација и во други европски земји и токму на имплементирањето на овој национален систем во голема мера се должеше најголемиот напредок на Македонија од 11 места на индексот, кој е најголем напредок за една година во историјата на рангирањето, тврдат од ВМЕО-ДПМНЕ
Во нивното обраќање до јавноста се наведува и дека во најновиот извештај дури и е наведено дека Србија постигнала напредок токму откако го имплементирала системот изработен по примерот на македонскиот „Мој Термин“.
„Ова е релевантно за сите стручњаци од сите земји освен за експертите од СДСМ кои во здравството го имплементираа системот „Мој Ѓердан““, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Тврдат натаму дека македонското здравство според Европскиот здравствен потрошувачки индекс за 2016 година е рангирано повисоко од поголем број развиени европски земји и земји од регионот, меѓу кои: Италија, Ирска, Унгарија, Полска, Литванија, Грција, Романија, Бугарија, Албанија, Србија, Црна Гора, и др.
„Овие факти се поразителни за СДСМ затоа што оваа партија не сака квалитетно здравство туку корупција и уценување на луѓето за нивните животи. Граѓаните тоа не им го заборавиле на СДСМ. Затоа СДСМ е поразен 10-ти пат по ред на избори“, возвраќа ВМРО-ДПМНЕ./крај/мф.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АВМУ реагира по пресудата за новинарката Лиридона Вејсели, загрозена е слободата на изразување
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) изрази сериозна загриженост поради првостепената судска пресуда од 12 јануари годинава против новинарката Лиридона Вејсели Тафили, оценувајќи дека ваквата одлука испраќа негативна порака за слободата на изразување и медиумските слободи.
Од Агенцијата посочуваат дека кривичното гонење на новинари за објавување податоци за носители на јавни функции, во контекст на нивната професионална работа, создава притисок врз медиумите и директно го ограничува правото на јавноста да биде информирана. Според АВМУ, сите релевантни чинители треба активно да придонесат кон обезбедување услови за непречено остварување на слободата на изразување и информирање, како и за заштита на новинарите и медиумските слободи.
Реакцијата на АВМУ следува откако новинарката и дигитална креаторка од Тетово, Лиридона Вејсели Тафили, беше осудена во Основниот суд во Гостивар на парична казна од 700 евра, односно 43.000 денари, за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“. Пресудата се однесува на новинарски прилог објавен на социјалната мрежа ТикТок, во кој таа го навела името и презимето на судија од Основниот суд во Тетово.
„Осудена сум од Основниот суд во Гостивар со 700 евра казна за изнесување лични податоци, затоа што при известувањето за една тема што ја обработував го спомнав името на судијата Назиф Илјази од Основниот суд во Тетово. Станува збор за случај во кој возрасно лице уценувало малолетник, му испраќало порнографски материјали и му се заканувало, а судијата му изрече казна од три месеци ефективен затвор“, изјави Вејсели Тафили за случајот за кој е осудена.
Во конкретниот предмет, Основниот суд во Гостивар, односно судијката Магдалена Мишоска, постапувала по предлог за издавање казнен налог поднесен од Основното јавно обвинителство Тетово, за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“ по член 149 став 1 од Кривичниот законик.
Во образложението на пресудата се наведува дека на 28 октомври 2024 година, околу 9 часот во Тетово, обвинетата без согласност на оштетениот Назиф Илјази, судија во Основниот суд Тетово, користела негови лични податоци спротивно на законските услови. Според судот, Вејсели Тафили на социјалните мрежи Инстаграм и ТикТок објавила видеа во кои го навела неговото име и презиме, со што му нанела штета на честа и угледот, како и на професионалната дејност што ја врши повеќе од 37 години.
Случајот предизвика реакции во јавноста и во новинарската фела, при што се отвори дебата за границата меѓу заштитата на личните податоци и правото на јавноста да биде информирана за работата на носителите на јавни функции, особено кога станува збор за прашања од висок јавен интерес.
Македонија
Од утре внимавајте, Безбеден град почнува официјално да казнува со суми од 20 до 500 евра и одземање на возачката дозвола
Од утре официјално започнува примената на системот Безбеден град, со што автоматското снимање и санкционирање на сообраќајните прекршоци влегува во полна функција. Станува збор за интегриран техничко-информациски систем кој преку камери и софтверски алатки ќе ги регистрира прекршоците во сообраќајот, без потреба од директно присуство на полициски службеници на терен.
Во првата фаза, Безбеден град ќе санкционира четири видови прекршоци: пречекорување на дозволената брзина, минување на црвено светло, управување возило со истечена регистрација и непрописно запирање или паркирање. Камерите поставени на клучни сообраќајници и раскрсници автоматски ќе го регистрираат прекршокот, ќе ја идентификуваат регистарската табличка и ќе ја процесираат снимката преку централен систем за верификација.
Откако прекршокот ќе биде утврден, сопственикот на возилото ќе добие известување со фотографски доказ, време и локација на настанот, како и соодветна прекршочна санкција. Постапката е целосно дигитализирана, а човечкиот фактор е сведен на минимум, со цел да се избегнат селективност, субјективност и можни злоупотреби.
Казните за пречекорување на дозволената брзина се определуваат според надминувањето на лимитот:
-
до 20 km/h над дозволеното – 20 евра во денарска противвредност
-
од 20 до 30 km/h – 45 евра
-
од 30 до 50 km/h – 300 евра и забрана за управување од 3 до 12 месеци
-
над 50 km/h – 400 евра, 4 казнени поени и забрана за управување најмалку 12 месеци
Во населено место, санкциите се построги и може да достигнат и до 500 евра, со задолжителна забрана за управување со возило.
Системот Безбеден град автоматски санкционира и минување на црвено светло, за што е предвидена парична казна од 250 евра, како и забрана за управување со моторно возило од 3 до 12 месеци. Доколку прекршокот предизвика опасност или сообраќајна незгода, се применува и кривична одговорност.
За управување возило со истечена сообраќајна дозвола, предвидена е казна од 100 евра за возачот и 250 евра за сопственикот на возилото, доколку станува збор за друго лице. Проверката се врши автоматски преку регистрите на МВР.
Казните за непрописно запирање или паркирање изнесуваат 30 евра за стандардни прекршоци, 45 евра доколку возилото го попречува сообраќајот и 50 евра ако е паркирано на место наменето за лица со попреченост. Во случаи кога возилото претставува ризик за безбедноста, се применува и подигнување со пајак-служба, со дополнителни трошоци.
Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа само 50 проценти од износот. По истекот на рокот, санкцијата се наплатува во целост, со можност за присилна наплата.
Надлежните институции посочуваат дека целта на Безбеден град не е репресија, туку превенција и зголемување на сообраќајната безбедност. Очекувањата се дека со автоматското санкционирање ќе се намали бројот на сообраќајни несреќи, особено оние со тешки последици, како и дека ќе се воведе повисоко ниво на сообраќајна дисциплина.
Со стартот на системот, Безбеден град означува нова ера во контролата на сообраќајот – ера во која прекршоците повеќе не зависат од присуство на полициска патрола, туку од тоа дали возачите ги почитуваат правилата.
Македонија
Сезоната за спортски риболов на водите во НП „Маврово“ почнува од утре
Од утре почнува сезоната на спортски риболов по Радика и Мавровското езеро, информираат од управата на Националниот парк „Маврово“. Риболовот ќе биде дозволен до крајот на октомври.
Од НП „Маврово“ појаснуваат дека спортскиот риболов на Мавровско Езеро е дозволен до 31 мај за време на викенд и државни празници, а понатаму ќе може да се риболови секој ден. Спортскиот риболов на Мавровско Езеро е дозволен за сите видови риби, освен пастрмка, која е во период на природен мрест.
По Радика и притоките дозволени денови за риболов од 01.02.2026 година до 30.09.2026 година се: петок, сабота, недела и државни празници. Во летните месеци јули и август, риболовот ќе биде дозволен секој ден.
За ловење риби на територијата на НП „Маврово“ потребно е да се купи риболовна дозвола и да се поседува легитимација за спортски риболов со платена членарина за тековната година.
Од Националниот парк „Маврово“ испраќаат апел до сите спортски риболовци да ги почитуваат законските одредби, забраните за риболов на одредени видови риби во одредени периоди од годината, како и дозволениот број и минималната големина на уловот.
Дневната риболовна дозвола чини 300,00 денари, годишна, 5.000,00 денари, додека за категориите ученици, студенти и пензионери годишната дозвола чини 3.000,00 денари. За месното население износите се за половина пониски од редовните. Дозволите може да се набават во Информативниот туристички центар во Маврови Анови и онлајн на сајтот на паркот.

