Македонија
Пациентите со тешки повреди на рехабилитација ќе одат во странство, веќе има понуди од неколку западноевропски држави, вели Таравари
Од 115 пациенти повредени во пожарот, кои се лекуваат во странство, денес во земјата се враќа еден пациент, кој се лекуваше во Белград. Министерот за здравство, Арбен Тараври, вели дека тој ќе го продолжи лекувањето кај нас.
„Пациентот е во добра општа состојба. Како што кажавме вчера, тој 24 часа минимум треба да престојува на една од клиниките. Ќе биде направена тријажа и потоа ќе биде сместен на една од клиниките во Клиничкиот центар“, рече министерот Таравари.
Од пациентите што се лекуваат надвор од земјата се уште четворица – петмина, како што нагласи министерот Таравари, сѐ уште се во посериозна состојба, кај некои имало и влошување на состојбата, но тој уверува дека здравствените работници даваат максимум за да им помогнат да го поминат овој тежок период.
Рехабилитацијата за пациентите што се во потешка состојба, која се очекува да биде подолготрајна, ќе биде во странски болници.
„Веќе имаме понуди од неколку западноевропски држави за подолгорочна рехабилитација на потешките пациенти, кои по неколку недели, ќе се вратат во Македонија. За оние што се потешки и кај кои треба подолгорочна и попрофесионална рехабилитација веќе изразуваат подготвеност. Во следните денови ќе известиме и каде може да бидат сместени тие пациенти доколку има потреба за подолготрајна рехабилитација. Од оние што се во потешка состојба сигурно некои ќе имаат и таква потреба“, вели министерот Таравари.
Во болниците во Скопје во моментот се лекуваат 39 пациенти. 12 од нив се на Клиничкиот центар, 10 пациенти се во старата Градска болница, 10 во ГОБ „8 Септември“. Во приватните клиники се седуммина пациенти.
Министерот Таравари рече дека добрата вест за денес е тоа што од болница излегуваат 12 пациенти, па на лекување во скопските болници ќе останат 27 повредени во пожарот во Кочани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дебакл на Мицкоски, историски пад на странските инвестиции за 729 милиони евра, велат од СДСМ
„Драматчен пад на странските директни инвестиции во 2025 година од 61% покажуваат последните економски податоци на Народна банка. Со Христијан Мицкоски на чело на Владата, во 2025 година има намалување на странските инвестиции за огромни 729 милиони евра во споредба со 2024 година“, велат од СДСМ.
„Поради политиките на СДСМ, во 2024 година странските директни инвестиции изнесуваа 1 милијарда и 196 милиони евра, додека во 2025 година со Мицкоски тие се сведени на само 467 милиони евра. Дебакл.
Но, затоа има пари за криминални тендери, 161 тендер за една фирма, 51 за втора, 74 тендери за трета фирма блиска до власта. ВМРО-ОКГ се грижи само за својот приватен бизнис.
За време на владите на СДСМ, беа отворени 16 нови фабрики како резултат на директни странски инвестиции – гиганти. Се генерираа над 10.000 нови работни места само во технолошко-индустриските развојни зони.
Што се случува сега со Мицкоски и ВМРО-ОКГ? Има историски пад на инвестициите и губење на илјадници работни места. Германскиот гигант Aktiv официјално потврди дека се повлекува од Скопје, оставајќи 400 – 500 работници без работа. Во фабриката на Dura се кратат производни линии. Magna го стопираше своето претходно најавено ширење. Илјадници работни места се под сериозен ризик.
Ова е резултат на погрешните политиките на Мицкоски и ВМРО-ОКГ за изолација и криминални тендери за богатење на функционерите на власт.
Наместо да се занимаваат со економијата, тие преку своите медиуми се занимаваат со црна кампања и лажни афери. Нема интеграција – следи економска изолација“, соопшти СДСМ.
Македонија
Дел од општина Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од село Орман улица 5, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Претежно облачно и тивко, максималната температура до 17 степени
Времето денеска ќе биде прeтежно облачно. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно и тивко. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен во четврток кога ќе има услови за слаб локален дожд. Во четврток и петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.

