Македонија
Пендаровски во посета на Сојузот на синдикати: Мораме да ги заштитиме работниците за да останат во татковината
Претседателот Стево Пендаровски денеска беше во посета на Сојузот на синдикати на Македонија.
Во своето обраќање Пендаровски нагласи дека успешната економија и развојот на земјава се тесно поврзани со регулацијата на работните односи и цврстата и одржлива работно-правна рамка за работниците.
Тој рече дека е првиот претседател кој го посетува Сојузот, оценувајќи дека тоа е срамно за државата.
„Просто не можам да верувам дека ова е посета за првпат во историјата. Од една страна, велиме дека сме во историски момент, од друга страна да кажам отворено пред камерите, тоа е срам на државата, за сите што биле пред мене на која било позиција, ако е ова вистина, претпоставувам дека е проверен податок, да не дојдете во најстариот и најголем синдикат во државата, а да велите дека работите за правата на граѓаните и за народот кој живее во оваа земја едно со друго не оди“, рече Пендаровски.
Нагласи дека ние како држава сме доволно зрели и подготвени и легислативно и во пракса да овозможиме европски стандарди кога се работи за правата на работниците.
„И покрај високата стапка на невработеност, сведоци сме дека на пазарот на трудот има недостаток од работна рака во некои професии и занимања што се дефицитарни и ние мораме да ги заштитиме нашите работници и да им понудиме оптимални услови за да останат во својата татковина наместо да одат на работа во странство. Едноставно мораме максимално да инвестираме во човечкиот капитал“, рече Пендаровски.
Претседателот истакна дека соодветно со неговите надлежности и можностите, тука е да ги сослуша сите, со цел подоцна да придонесе кон овие процеси, да ги помогне дијалогот и соработката со надлежните, да ја ислуша секоја иницијатива, секој предлог, секоја сугестија, со цел да помогне во изнаоѓање на најдобрите решенија.
„Сакам да ве уверам дека во мене имате сојузник во остварувањето на вашите цели, тоа е заштитата на работничките права. Морам да потенцирам дека покрај донесувањето на подобрена законска регулатива која ќе овозможи остварувања на правата на работниците и заштита на тие права од можни прекршувања потребно е апсолутно функционирање на законските решенија во пракса, односно да имаат доследна имплементација. Меѓутоа, сакам да ви потврдам дека без да се слушне гласот на работниците, без да се чујат нивните претставници, односно синдикатите, ќе биде невозможно да изградиме праведно општество и во таа смисла ви благодарам за шансата да се видиме денеска, да се сослушаме“, додаде Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЕУ: Очекуваме соработка со претседателката на Македонија, парламентот и владата за да работиме на европскиот пат
Европската унија и честита на Гордана Силјановска Давкова за нејзината победа на претседателските избори во Македонија и со нетрпение очекува да работи со првата жена лидер во земјата, изјавија високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархељи
Борел и Вархеи, во заедничката изјава објавена по повод вториот круг од претседателските и редовните парламентарни избори во Северна Македонија, ги охрабрија „релевантните политички актери да работат на формирање парламент и стабилна влада“.
„Двете институции треба да работат заедно на подобрување на европскиот пат на Северна Македонија, кој вклучува имплементација на клучните реформи, особено во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата, во интерес на сите нејзини граѓани“, се вели во заедничката изјава на Борел и Вархеи.
Македонија
Боки-13 за операцијата „Бумеранг“: поднесе кривични против Заев, Спасовски, Русковска
Бојан Јовановски-Боки 13 поднел кривични пријави против поранешниот премиер Зоран Заев, ексминистерот за внатрешни, Оливер Спасовски, и двајцата генерални секретари на СДСМ, поранешниот Александар Кирацовски и актуелниот Миле Зачевиќ, како и против поранешната шефица на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
Тој дошол во Обвинителството на покана на актуелниот шеф на оваа институција, Ислам Абази.
Најави дела кривично-правната операција е наречена „Бумеранг“.
„Сите мои наводи и описот на настаните ќе бидат материјализирани со докази што потекнуваат од мојот телефонски уред, кој ми беше одземен при моето апсење во предметот ‘Рекет’. Се работи за кривични дела што се однесуваат на злоупотреба на службената положба и овластувањето, за изборни измани, незаконско финансирање политичка партија, злоупотреба на јавните набавки“, додаде тој.
Најави и продолжение на предавање докази во писмена форма.
„Поднесена е кривична пријава и против Вилма Русковска за злоупотреба на службената положба, примање поткуп, примена на тортура. Зоран Заев е речиси во секоја пријава“, рече Јовановски.
Македонија
Мицкоски на средба со коалицијата: доби поддршка за почнување преговори за состав на идната влада
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со претседателите на партиите во состав на коалицијата „Твоја Македонија“.
Беше констатирано дека коалицијата оствари успешен и историски резултат, кој создава и одговорност за реализирање на очекувањата.
Мицкоски доби поддршка од претседателите на коалициските партии за почнување преговори за состав на идната влада.
Според заклучокот на состанокот, разговорите треба да се водат врз основа на постулати за забрзан економски развој на Македонија, силна борба против криминалот и корупцијата и европските интеграции врз база на принципи и вредности, соопштија од партијата.