Македонија
Пендаровски ги прими учениците добитници на пет медали на Oлимпијадата во Доха
Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими учениците коишто освоија пет медали на меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки којашто од 3 до 12 декември минатата година се одржа во Доха, Катар.
Во конкуренција на 409 ученици од 70 држави на Олимпијадата по природни науки македонскиот тим се закити со два сребрени и три бронзени медали, што претставува најголем успех на ваков вид натпревари. Мајкл Георгиевски од гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци и Никола Спировски, ученик во деветто одделение во скопското основно училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“, освоија сребрен медал. Бронзен медал, пак, освоија Емилија Николовска, ученичка во деветто одделение во ОУ „Григор Прличев“ во Охрид, Матеј Гелев, ученик во деветто одделение во велешкото основно училиште „Блаже Конески“, како и Стефан Дрмач, ученик во прва година во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ од Скопје. На олимпијадата учествуваше и Теона Кировска, ученичка во прва година во средното училиште „Кочо Рацин“, во Свети Николе.
„Секој позитивен пример мора да се истакне и државата мора да ги препознава и целосно да ги поддржува талентираните ученици и млади луѓе. Навистина е импресивно да се освојат пет медали на меѓународно, високо ниво. Посебно ме радува овој успех бидејќи досега многу ретко момчиња и девојки од нашата земја учествувале на меѓународни натпревари“, истакна претседателот Пендаровски на средбата.
Во оваа насока, претседателот Пендаровски посочи дека во рамки на своите надлежности во континуитет ќе дава поддршка за развој на потенцијалот и талентот на сите поединци во земјата.
На средбата учениците го објаснија процесот на селекција на учениците коишто имаат право да учествуваат на овој натпревар. Односно, како што рекоа тие, поминале низ неколку подготвителни тренинзи со ментори, професори од Природно математичкиот факултет, во Скопје. Следен предизвик, како што посочија учениците, е Олимпијадата во Франкфурт, Сојузна Република Германија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Херојот кој беше убиен во Вејце – Бобан Трајковски, доби споменик
Со почит кон споменот на бранителот Бобан Трајковски, на 28 април, во центарот на Куманово, во 12 часот, ќе биде откриен мурал со неговиот лик, во пресрет на 23-годишнината од неговата херојска смрт.
Бобан Трајковски, припадник на Баталјонот за специјални намени „Волци“ на Армијата на Република Македонија на 28 години го положи својот живот на олтарот на татковината против терористите од ОНА во 2001 година кај Вејце.
Муралот е изработен од талентираните уметници Младен Трендевски – Трендо, Горан и Дејвид (сограѓани на Бобан).
Организатори на настанот се Здружението СИЛА и колегите од специјалната единица ВОЛЦИ.
Скопје
Муцунски: Аеродром го заслужува најдоброто, започнува реализацијата на голем капитален проект
Градоначалникот на Општина Аеродром, заедно со претседателот на советот, Дејан Митески и директорката на основното училиште „Блаже Конески“ утрово на работен состанок ја утврдија динамиката по која до крајот на оваа школска година треба да започне реконструкцијата и доградбата на основното училиште „Блаже Конески“.
„Станува збор за важен инфраструктурен проект, онаков каков што заслужуваат граѓаните на Аеродром. По неговото финализирање, Аеродром ќе добие модерно и современо училиште, направено согласно сите европски стандарди, училиште кое ќе биде пример за квалитетна градба, одржливост и енергетска ефикасност“, истакна градоначалникот Муцунски во својата објавата на Фејсбук.
Тој додаде дека најважно од се е што реконструкцијата и доградбата нема да го наруши нормалното функционирање на училишните активности, а нивната организација ќе биде направена во консултација и согласно барањата на родителите, со кои утрово Муцунски одржа состанок.
Македонија
(Видео) Ковачки: Со над 800 милиони евра владата од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги решава проблемите на земјоделците
„Благодарност за поканата на нашиот градоначалник Виктор Паунов, тука сме заедно и со кандидатот за пратеник Гордана Барбашка. Како што нашиот градоначалник работи и покрај опструкциите од централната власт, гледате дека се развива и се гради. Во иднина ние планираме да дадеме 250 милиони евра за сите општини во Република Македонија без разлика кој е на власт. Само во Карбинци ќе доделиме 1,8 милиони евра за сообраќајна и комунална инфраструктура, значи дополнително општините ќе се градат и дополнително ќе се развиваат“, рече Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на Изборна единица 3.
„Како што работи нашиот градоначалник во Карбинци, така ќе работиме и ние на централно ниво. Дополнително за жителите од овој крај предвидуваме над 800 милиони евра во 4 годишен мандат за земјоделците што значи реконструкција на сите водоводни канали, да го решиме проблемот со водоснабдувањето, да го решиме проблемот со загарантираниот откуп, и да го решиме проблемот со загарантираната цена. Значи ќе отвораме и нови откупни центри.
Земјоделците од овој крај заслужуваат внимание, заслужуваат да си ја работат земјата тие, а не земјата да ја поседуваат феудалци како Љупчо Николовски и сличните на него.
Македонија е одлучна за промени, Македонија сака да биде горда, и Македонија заслужува да биде повторно твоја.
Затоа ги повикувам сите граѓани на 8 мај масовно да ни се приклучат да излеземе заеднички, да ставиме крај на овие црнила и овие сивила кои ги донесоа СДС и ДУИ“, изјави Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на Изборна единица 3.