Македонија
Пендаровски ги прими учениците кои на 24. Јуниорска балканска математичка олимпијада освоија олимписко злато, сребро и две бронзи
Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими учениците натпреварувачи на 24. Јуниорска балканска олимпијада по математика кои освоија златна, сребрена и две бронзени медали.
Тој им честита на учениците за овој извонреден успех, нагласувајќи дека целата македонска јавност со голема радост ја прими оваа вест, која кај сите предизвика чувство на гордост и на среќа.
„Уживајте во овие моменти и радувајте се. Да се биде победник во олимпијада е голема работа и сите нè направивте горди. Вие сте позитивен пример за сегашните и идните генерации, ви благодариме“, рече Претседателот.
Тој додаде дека нивниот успех покажал дека нема нерешливи задачи, кога кон нив се пристапува тимски и одговорно.
„Вашите медали што гордо и денеска ги носите на градите упатуваат порака до сите млади во нашата држава дека со посветена и напорна работа, со вложен труд секогаш резултатите доаѓаат“, нагласи претседателот Пендаровски.
Претседателот им порача на учениците дека очекува да продолжат по истата патека, дека секогаш со мотивираност, желба и дисциплина можат да се совладаат и најголемите предизвици.
Учениците ги раскажаа своите импресии од одржаната олимпијада, како и периодот на нивните подготовки, кои во услови на пандемијата на Ковид-19, минаа во специфични околности.
„Тоа не го намали нашиот ентузијазам и желба за успех. Напротив, тоа нè мотивираше дополнително и со поголем елан да работиме и да покажеме дека и во нашата земја се негува љубовта кон математиката“, рекоа учениците на средбата.
Тие изразија благодарност за приемот во претседателскиот кабинет и ветија уште поголеми успеси во иднина.
Во периодот од 9 до 13 септември 2020 година во Грција виртуелно се одржа 24. Јуниорска балканска математичка олимпијада на која нашата екипа, сместена во просториите на Природно-математичкиот факултет во Скопје, се натпреваруваше преку видеоконференциска врска.
Екипата ја сочинуваа: Никола Спировски – добитник на златен медал, Дамјан Давков – добитник на сребрен медал, Никола Цветаноски – добитник на бронзен медал, Марија Атанасова – добитничка на бронзен медал, Матеј Гелев, Емилија Николовска, а водач беше Делчо Лешковски и заменик-водач Борче Јошевски.
Годинава, на 24. Јуниорска балканска математичка олимпијада учествуваа 10 балкански држави и 8 држави – гости, а ги опфаќа сите ученици од основното образование и од средното образование кои до денот на одржувањето не навршиле петнаесет и пол години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муртезани во ЕП: Нашиот долг евроинтегративен пат, често надвор од Копенхашките критериуми, не ја поколеба нашата визија за полноправно членство
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, се обрати на 24-от состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија, што денеска и утре се одржува во Европскиот парламент во Стразбур. Состанокот, на кој копретседаваа пратеници од Европскиот парламент и од Собранието на Република Северна Македонија, беше посветен на односите меѓу Северна Македонија и Европската Унија, со акцент на фундаменталните права и слободата на изразување, владеењето на правото и борбата против корупцијата, напредокот во пристапните преговори, добрососедските односи и регионалната стабилност, како и на прашањата од областа на животната средина, транспортот, енергетиката, инфраструктурната поврзаност, дигитализацијата и вештачката интелигенција.
Во своето обраќање, Муртезани се осврна на клучните приоритети на државата во европскиот процес, нагласувајќи ја посветеноста кон реформите во рамките на Планот за раст и Реформската агенда. Тој истакна дека земјата продолжува со имплементација на суштинските реформски чекори, како и со подготовката на значајни инвестиции што ќе ја зацврстат економската и институционалната усогласеност со Европската Унија. Муртезани се осврна и на оценките од Годишниот извештај на Европската комисија за 2025 година, посочувајќи дека извештајот го потврдува континуираниот напредок на Северна Македонија и дека препораките на Комисијата веќе се вградени во националното планирање.
„За Северна Македонија, чиј пат беше долг и честопати исполнет со предизвици надвор од Копенхашките критериуми, европскиот пат и полноправното членство остануваат прашање на цврста убеденост, а не на погодност. Секоја реформа што ја спроведуваме ја зацврстува нашата верба дека Европа е најсилна кога го исполнува своето ветување и дека Унијата е целосна кога оние што најдолго чекале конечно ќе бидат примени како полноправни членки“.
Македонија
Утре претежно облачно со врнежи од дожд, на повисоките планини снег
Времето утре ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд пообилни во источните делови. На повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег, а на некои од повисоките места од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, времето ќе биде претежно облачно, со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен северен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
До сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд.
Пообилни врнежи се очекуваат денес, во текот на ноќта и утре (над 25 l/m² за 24 часа). Во четврток на планините врнежите ќе преминуваат во снег, а во некои од повисоките места ќе бидат од дожд и снег. Од четврток ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Потребен е Национален регистар на дијаспората за да го знаеме точниот број на иселеници
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на јавната расправа за Национална стратегија за соработка со дијаспората, организирана од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, презентирајќи оценка, забелешки и предлози.
За неа, стратегијата е пресвртница во националната политика и сериозен обид за зајакнување на односите со дијаспората. Таа укажа дека за успех на стратешките определби е потребна централизирана интерсекторска координација, како и соодветна финансиска поддршка, како гаранција за одржливост на предвидените мерки и активности.
Претседателката ја посочи успешната стратегија на Црна Гора во соработката со дијаспората, гарантирана со Законот за дијаспора. Во уставната гаранција на грижата за положбата и за правата на нашите иселеници, таа препознава голема предност.
Според неа, нам ни е потребен Национален регистар на дијаспората за да го знаеме точниот број на нашите иселеници, нивниот профил, времетраењето на престојот итн.
Меѓу останатото, таа укажа и на потребата од преиспитување на решенијата од Изборниот законик и овозможување на иселениците да го уживаат нивното уставно загарантирано избирачко право.
Претседателката цврсто верува дека нашата дијаспора може да биде исклучително важен ресурс за македонскиот економски, образовен, научен и културен развој.

