Македонија
Пендаровски: Македонскиот јазик е семето на македонската држава и порив да го сочуваме нашето место во светот
Претседателот на државата, Стево Пендаровски, со порака по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик.
„Денеска, го чествуваме 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, заштитникот на нашиот идентитет, сегашност и иднина, коренот на нашето битие, ден кога ја славиме нашата посебност. Денеска оддаваме почит на македонскиот јазик, кој е чувар на нашата колективна меморија, вечниот паметник на нашето постоење и лингвистичка гордост“, вели Пендаровски.
Македонскиот јазик, додава тој, со долга усна и писмена традиција, е семето на македонската држава и порив што нè води со чест и достоинство да го остваруваме и сочуваме нашето место во светот. Затоа, порача Пендаровски, имаме обврска кон идните поколенија да го чуваме, развиваме и да го афирмираме македонскиот јазик како наш влог за иднината, да ги поддржуваме домашните и меѓународните научни истражувања за македонскиот јазик и неговите дијалекти, да ги негуваме особеностите на македонскиот јазик и правилно да го употребуваме за да го зачуваме за идните генерации.
„Но, да не ги заборавиме и нашите предци и нивната борба за докажување на посебноста на македонскиот јазик. Се потсетуваме на сите кои со своето дело низ вековите се вградиле во писмениот македонски јазик. Меѓу нив е Крсте Петков Мисирков, кој ни укажуваше дека јазикот е нашето духовно благо. Со пиетет го споменуваме кодификаторот на македонскиот јазик, Блаже Конески, кој нè учеше дека јазикот ни е нашата единствена неподелена татковина“, истакнува во пораката Пендаровски.
Во годината кога ја одбележуваме стогодишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов, еден од основоположниците на современата македонска книжевност, сакам да укажам на неопходноста да вложуваме повеќе во македонскиот јазик и литература бидејќи само така ќе бидеме достоинствен дел од европскиот културен и образовен простор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
23 мај, Националниот ден на Власите неработен за граѓаните припадници на влашката заедница
Министерството за труд и социјална политика соопштува дека согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07), 23 мај 2024 година (четврток), Националниот ден на Власите, е неработен ден за граѓаните припадници на влашката заедница во Република Северна Македонија.
Министерството за труд и социјална политика на граѓаните припадници на влашката заедница во Република Северна Македонија им го честита Националниот ден на Власите.
Македонија
Данела Арсовска од новата влада ќе бара прв приоритет да ѝ бидат законски измени за зголемување на платите на пожарникарите
За Денот на пожарникарите, 20 Мај, Бригадата за противпожарна бригада на Скопје доби уште едно ветување за поголема плата и нови униформи, речиси исто како и на сите празнувања изминативе години. Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, на пожарникарите им вети дека ќе побара од новата влада, т.е. прво нешто што ќе го смени да бидат прописите што кои ја ограничуваат платата на пожарникарите.
„Прво, нашите пожарникари треба да имаат промена во условите од кои може да бидат платени. Тие лимитирани средствата што ги добиваат како надомест за нивната работа навистина се ниски. Тоа го утврдува законот и, за жал, ние како локална самоуправа не можеме да одиме над она што е утврдено со законските рамки, дури ни преку колективен договор. Затоа, апелот е лимитирачките услови што ги ограничуваат нивните бодови да бидат меѓу првите нешта што ќе бидат отстранети со нов пропис“, рече градоначалничката Арсовска.
Застаната пред пожарникарите, градоначалничката зборуваше и дека петнаесет години тие немаат нови униформи поради бирократски процедури. Очекува поништувањето на сегашниот правилник да биде исто така меѓу првите прописи што ќе ги смени новата влада, како и одобрувањето доволно средства од буџетот за нови вработувања.
„За да може да функционира скопската Противпожарна бригада како што треба, со својот полн капацитет, треба да има минимум 450 пожарникари, а во овој момент има 180. Пречка за ова претставуваат одобрувањето на средствата и бројката од дотациите што доаѓаат од буџетот, кои, за жал, во текот на овие изминати години немаше слух да биде надминато и да добиеме одобрение за пополнување на бројот од 180 до 450. Затоа повторно морам да апелирам, ова треба да биде една од првите работи што ќе се сменат“, рече градоначалничката Арсовска на свеченоста во дворот на Бригадата за противпожарна заштита на Скопје.
Кога го заврши говорот, градоначалничката им сврте грб на камерите за да ги погледне пожарникарите кои стоеја зад неа и им се обрати со зборовите: „Браво за вас, се надевам дека кога ќе ги поништат поените, барем двојно ќе ви биде платата годинава“.
Командантот на Противпожарната бригада, Звонко Томески, потсети дека на денешен ден во 1836 година првпат се појавила организирана служба за противпожарна заштита на територијата на Македонија. Со текот на годините опстојувала, се развивала, се усовршувала и во рамките на можностите одговарала на потребите на своето време. Иако малобројна и без соодветна опрема, командантот Томески рече дека Противпожарната успева да одговори на сите повици.
„Денес, за жал, броиме 180 пожарникари од предвидените 384. Имаме 2.000 интервенции успешно релизирани од минатиот мај“, рече Томески.
Признанија и благодарници добија пожарникарите што изминатава година се истакнале, а изборот, како што објасни градоначалничката Арсовска, го направиле самите пожарникари.
Македонија
Владата нема испратено пораки за надомест, граѓаните да не наседнуваат на измамата и да не внесуваат лични податоци на веб страната
„Владата на Република Северна Македонија нема испратено СМС и други пораки во кои нуди надомест. Во конкретниот случај кој се појави во изминатите часови, станува збор за смишинг и фишинг измама која е пријавена и по која соодветните служби веќе постапуваат“, известуваат од Владата преку писмено соопштение.
„Доколку граѓаните добијат или веќе добиле порака со ваква или слична содржина во која се посочува Владата како испраќач, истата треба да ја сметаат за лажна и да не кликаат ниту на дадените линкови, ниту да одговараат на пораките кои ги добиле“, се наведува во соопштението.
Од таму апелираат до граѓаните да не наседнуваат на лажни пораки од странски телефонски броеви и мејлови и да не ги даваат личните податоци.
„Граѓаните треба да бидат внимателни и одговорни околу своите лични податоци, односно да не ги споделуваат и разменуваат со непознати лица, како и со лица на кои не може однапред да им се утврди идентитетот“, се додава во соопштението.