Македонија
Пендаровски – Матарела: Италијанска поддршка на политиката на проширување на ЕУ и за македонските евроинтеграции
Претседателот Стево Пендаровски со највисоки државни и воени почести го пречека претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела, кој престојува во официјална посета на земјата.
Во рамките на посетата, покрај тет-а-тет средбата, се одржа и пленарен состанок на официјалните делегации на Северна Македонија и Италија по што претседателите Пендаровски и Матарела одржаа заедничка прес-конференција, која почна со едноминутен молк по повод смртта на нејзиното величество, Кралицата Елизабета Втора.
На средбата станало збор за актуелните теми од билатералните односи и состојбите во регионот на Западен Балкан, европските интеграции, безбедносните прашања и модалитетите за справување со последиците од економско-енергетските кризи со кои се соочува светот.
Во контекст на билатералните односи било констатирано дека економската, парламентарната и секторската соработка се развиваат по нагорна линија за што искажана е подготвеност за нивно натамошно продлабочување.
„Една од клучните теми што ги дискутиравме беше нашиот евроинтегративен процес. Сакам јавно да ѝ се заблагодарам на Италија за поддршката на политиката на проширување на ЕУ и неоспорната поддршка за нас во тој контекст. Имајќи предвид дека во претстојниот период нѐ чека напорна работа и вложување на сите национални капацитети, искуствата што Италија е подготвена да ги сподели со нас, ќе ни бидат навистина корисни. За време на разговорите, потенцирав дека Северна Македонија останува кредибилен партнер на Унијата во справување со актуелните геополитички и безбедносни предизвици за што зборува и фактот за нашето 100-процентно усогласување со заедничката европска безбедносна и одбранбена политика на Унијата. Како сојузници во НАТО, со претседателот Матарела разменивме мислења и информации за војната во Украина и го реафирмиравме повикот за итно запирање на руската агресија врз една суверена држава“, рече Пендаровски.
Од италијанскиот претседател побарал поддршка во справување со последиците од енергетската криза, односно да ни биде овозможен пристап до механизмите и инструментите на Унијата за ублажување на негативниот ефект од енергетската криза врз нашите држави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Облачно со дожд и засилен јужен ветер, заладување кон крајот на неделата
Времето денес ќе биде облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, а наместа засилен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од 3 до 9 степени, додека максималните дневни ќе достигнат од 6 до 14 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со услови за повремен дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Под влијание на нестабилна воздушна маса, до крајот на неделата времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, кои наместа ќе надминат 20 литри на метар квадратен. До среда ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од јужен правец.
Во четврток и петок ветерот ќе го промени правецот во северен, што ќе услови пад на температурите.
Македонија
Денес ќе биде погребан Зоки Панкер
Последното збогување со Зоран Тодоровски – Панкер, сопственик на клубот „Балет“ ќе се одржи денес, 5 јануари, на Градските гробишта Бутел.
Капелата ќе биде отворена од 13:00 до 14:30 часот, а погребот ќе се одржи по завршувањето на обредот во капелата.
„Скопје се простува со човек кој остави трага, дух и став. Нека почива во мир“, наведуваат неговите пријатели на социјалните мрежи.
Македонија
Мицкоски за Венецуела: Апсолутно стоиме до потезите на САД
Ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави. Мене најмногу ме зaгрижува громогласната тишина на истите тие европски и светски земји во минатото кога меѓународното право се кршеше на грбот на Македонија и македонскиот народ.
Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски денеска прашан за позицијата на нашата држава во однос на приведувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од страна на САД, кое министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски вчера го поздрави, наспроти воздржаноста на земјите во Европа кон оваа акција и нивниот став дека со неа се поткопува меѓународното право.
Во изјава за медиумите при посетата на Сопиште денеска Мицкоски кажа дека „таквиот коментар би им го оставил на експертите по меѓународно право“.
– И како тогаш сите тие се оглувеа и никој од нив не го коментираше сето тоа. И како сега наеднаш, сите тие коментираат дали било тоа меѓународно право или не било меѓународно право итн., имајќи предвид дека познавам голем дел од тие што коментираат, а не се меѓународноправни експерти. Јас тоа би им го оставил на експертите по меѓународно право. Но, еднаш кога во животот ќе направите исклучок, тој потоа станува пракса и е прашање на време кога ќе се удри од вашиот грб, рече Мицкоски.
На прашање дали е тоа преседан што отсега може да се случи каде било, Мицкоски повторно укажа на случајот со нашата земја и одговори дека „преседанот е направен уште кога се менуваше знамето на оваа држава за да биде земја членка на ОН“.
– Кога се менуваше Уставот, кога се менуваше уставното име и се лажеа луѓето дека за рок од три-четири години ќе станеме членка на Европската Унија, членка на НАТО итн. Тоа се вистински преседани… Имаше и Хашка пресуда дека не треба да се блокира Македонија, па се блокираше и тогаш имаше громогласна тишина од сите тие што денеска коментираат… А дали ова е преседан или не е, ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави, изјави Мицкоски.

