Македонија
Пендаровски: Нема заострена реторика во разговорите со Бугарија
Не смееме да се спуштиме на уличарско ниво, вели претседателот Стево Пендаровски негирајќи дека ја заострил реториката во комуникацијата со Бугарија по кочницата за почнување на преговорите со ЕУ. Пендаровски смета дека неговиот став оти Бугарија не може да обвинува за непочитување на договорот за пријателство и во исто време да додава нови барања не е обид да се покажеме како поголеми патриоти од соседите.
„Јас не мислам дека ја заострувам реториката воопшто. Јас во тоа интервју само кажувам дека последните бугарски барања не се содржани во договорот за добрососедство. Може да ги земете сите мои интервјуа наназад, пет-шест месеци, дури и една година, не постои заострување на реториката или обид сега да се покажеме како поголеми патриоти. Мојот став е дека ние не смееме да се спуштаме на уличарско ниво во разговорите со Бугарија, со Германија, во разговорите со кого било. Ние во овој момент имаме доверба од граѓаните да ја водиме оваа држава. И не само во овој спор, ние мора да прикажеме географски дека сме европска држава, во која има демократска власт, која владее на демократски начин и се изразува на европски начин. Не само во овој момент, ниту еден момент не е добар со лажен патриотизам да правите политички рејтинг“, рече Пендаровски.
Премиерот Зоран Заев вели дека ако седне на маса со Мицкоски, може да се извлечат само мотивации за нови кавги меѓу Македонија и Бугарија.
Тој додаде: „Ако сакаме да се скараме со Бугарија, не ми треба Мицкоски, тоа можам и сам да го направам. Целта е градење пријателство“.
„Продолжуваме со пријателска реторика. Реторика на дијалог, а не реторика на создавање конфликти. Ние со Бугарија имаме комуникација на сите нивоа. Секако, доминантно комуникацијата е меѓу двајцата министри за надворешни работи. Работат работни групи и негуваме надеж да направиме сè, додека е тоа возможно, до почетокот на декември, односно одржување на првата меѓувладина конференција. Ние сме пријатели со Бугарија. Колку и да е тешко и болно ова што го чувствуваме како неправда, сепак треба да изнајдеме европско решение преку дијалог, инвентивност, разговор, разбирајќи се меѓу себе за сопствените позиции. Само преку такви начини тоа ќе го направиме. Испраќам порака за наратив што ќе нè држи пријатели со соседите“, рече Заев.
Договорот за добрососедство не создава правна основа за блокирање, рече Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локален дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд. Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен денеска кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд. До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Делови од четири скопски општини денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности, општина Кисела Вода;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности, општина Карпош;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности, општина Бутел;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности, општина Центар.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.

