Македонија
Државата ќе менаџира со приватните клиники
Поради зголемениот број на новозаразени од Ковид-19, државата ќе менаџира со приватните клиники исто како и со државните здравствени институции, предложи по денешната седница Советот за безбедност до Владата.
„За сите услуги што приватните здравствени установи ќе ги даваат, ќе има компензирање. Не се работи за национализација, туку државата ќе се јави во улога на менаџер“, рече претседателот Стево Пендаровски.
Државата ќе покрие не повеќе од 30 проценти од пазарната вредност на трошоците за лекувањето во приватните клиники.
Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека сите ресурси на приватните клиники ќе бидат земени предвид, вклучително и болничките капацитети за сместување и кадарот.
„Периодот е навистина критичен и со оваа динамика на новозаразени очекуваме еден период кога бројот на новодијагностицирани пациенти ќе биде линеарен“, рече Филипче.
Тој вели дека заеднички со државните капацитети ќе се направи план за работа.
Министерот објасни дека се прават распореди за дежурство и функционирање во народниот период.
„Целата зграда на интерните клиники е практично зграда во која ќе се лекуваат ковид-пациенти. Тоа е така затоа што тука се лекарите интернисти, специјалисти, пулмолози и другите што имаат искуство во лекување вакви пациенти. Сите три катови се целосно спремни, два се речиси исполнети, уште еден кат, каде што се оториноларингологија и офталмологија, сега се спрема од утре да се стави во функција. Целокупниот кадар е ставен на чекање и во координација со одговорните сега се прават распореди како за дежурства така и за функционирање во следниот период“, рече Филипче.
Министерот посочи дека огромен е притисокот врз болниците, па затоа бројот на легла за ковид-пациенти ќе се зголемува и во болницата „8 Сепмтеври“.
„Сосем доволен број слободни кревети може да се стават во функција во болницата ‘8 Септември’. Таа болница ја задржа својата вообичаена работа, иницијално предвидениот број кревети, 80-90, веќе е пополнет, но може во следниот период, во согласнот со овој огромен притисок од изминатиот период, да се запре со системот ‘Мој термин’ и таму да се сместат уште повеќе пациенти. Целосна мобилизација, секојдневна координација, интерните клиники, спремни сме да ангажираме и дел од другите клиники, како хируршките, за што веќе имавме состанок. Се прави интерен план со повеќе директори на хируршките клиники. Тоа би бил следниот чекор. Но, со ова располагање на приватните капацитети сепак ќе направиме целокупен план, кој ќе ги вклучи сите ресурси“, рече Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ЦУК: Коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци
Во Центарот за управување со кризи, имало вкупно 1 694 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.
Од нив „реални“ повици биле 49,82 отсто, а 50,18 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 69,92 отсто и кон итната медицинска помош 28,91 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Во последното деноноќие немало евидентирани пожари на отворено.
Од ЦУК потсетуваат дека коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци во последното деноноќие.
Екипите ги отстранувале одроните на патот и нема прекин на сообраќајот.
Сервисни информации
Преку денот сончево со мала до умерена облачност, утрото претежно ведро и наместа постудено
Времето денеска со претежно ведро и наместа постудено утро. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во планинските региони ќе има услови за краткотраен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 16 до 23 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Во сабота попладне ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Потоа следува период на стабилно и топло време.