Македонија
Пендаровски со командантот на Националната гарда на Вермонт – Членството во НАТО е повеќе од заслужено
Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт.
На средбата се разговараше за досегашната успешна и плодна соработка меѓу Армијата на Република Северна Македонија и Националната гарда на Вермонт, преку заедничкото учество во мировни мисии, реализацијата на заеднички вежби, едукација и обука на припадниците на двете армии.
Соговорниците констатираа дека членството на Северна Македонија во НАТО дава дополнителен придонес кон напредокот, развојот и стабилноста на Балканот.
Претседателот Пендаровски се заблагодари за целокупната американска помош, како и за поддршката во областа на одбраната, која е основа за проширување на соработката и во други области од заеднички интерес.
Генерал-мајорот Грегори Најт ја истакна улогата на македонските вооружени сили и нивното учество во меѓународните мисии како исклучително успешна и подвлече дека членството во НАТО на Северна Македонија е повеќе од заслужено.
На средбата соговорниците разменија мислења и информации за актуелните состојби во Авганистан, каде што нашата Армија и Националната гарда на Вермонт координирано настапуваа во мисиите, чија цел беше да се обезбеди стабилност и да се промовира градењето на демократско општество.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во знак на длабока жалост зградата на општина Струмица светна во боите на српското знаме
Во знак на длабока жалост, солидарност и поддршка синоќа општинската зграда ја светнавме во боите на српското знаме, објави градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
Во објавата на неговиот фејсбук профил се наведува дека Струмица и струмичани сочувствуваат со неизмерната болка и тага на семејствата на загинатите и повредените во големата трагедија во Нови Сад.
– Ваква трагедија никогаш да не се повтори. Во овие тешки мигови, нашите мисли се со семејствата на настраданите, кои загубија свои блиски и се соочуваат со незамислива загуба. Им изразувам најискрено сочувство и поддршка, надевајќи се дека ќе најдат сила за да ја пребродат оваа трагедија, напиша Костадинов.
Македонија
Во Гевгелија утрово со измерени 14 степени Целзиусови е најтопло
Во Гевгелија утрово со измерени 14 степени Целзиусови е најтопло, а во Берово со минус два е најстудено.
Во Лазарополе нула степени, 1 на Попова Шапка, 2 степени во Крива Паланка, Тетово, Битола и Маврови Анови, 4 во Прилеп, Штип, Струмица и Крушево, 5 Охрид и Претор, 6 Куманово, 7 степени во Виница, 8 во Скопје-Зајчев Рид, Демир Капија и Кавадарци, 9 степени во Скопје-Петровец и 10 во Велес.
Утрово во најголем дел од земјава времето е сончево со мала облачност, само во северните делови е облачно. Времето денеска ќе биде променливо облачно и посвежо со сончеви периоди.
Македонија
Браќа осомничени за убиство и обид за убиство во Арачиново
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајца браќа од Арачиново на возраст од 23 и 30 години, кои се осомничени дека како соизвршители сториле по едно кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 1 и по едно кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.
Осомничените, соопшти вчера Јавното обвинителство, заеднички и со умисла на подмолен начин лишиле од живот едно лице, а се обиделе да го лишат од живот и неговиот син, поради нерасчистени должничко доверителски односи, односно поради долг од 7.000 евра, кој сега починатиот го имал кон покојниот татко на осомничените.
– Двајцата браќа се договориле да се најдат со таткото и синот, при што постариот брат тргнал кон нив физички да се пресмета, а помладиот извадил огнено оружје – пиштол и испукал неколку пати кон оштетените, нанесувајќи им повеќе прострелни рани. Кај нападнатиот татко настапила смрт, додека неговиот син се здобил со тешки телесни повреди. Двајцата осомничени со автомобил веднаш го напуштиле местото. Подоцна постариот брат е пронајден и лишен од слобода, а по помладиот се трага, стои во соопштението.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје за двајцата доставил предлог за определување мерка притвор, со тоа што за лицето во бегство таа ќе се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода.
До Судот е доставено и барање за издавање наредба за приведување на осомничениот кој е недостапен на органите на прогонот.