Македонија
Пендаровски: Вакцинацијата во Србија викендов беше срам за нашата држава
Претседателот на државата, Стево Пендаровски, по завршувањето на седницата на Советот за бзбедност изрази благодарност до соседна Србија, откако илјадници македонски граѓани таму ја примија вакцината на „Астразенека“ против Ковид-19 за време на викендот. Тој додаде дека тие слики од Србија се срам за нашата држава.
„Побарав надлежните да го организираат процесот на вакцинирање во најдобар ред и таа операција да продолжи до целосна имунизација на населението – прекини не смее да има. Тоа не го барам само јас, и верувам дека го пренесувам и чувството на огромното мнозинство македонски граѓани кои се незадоволни од она што на тој план го направивме досега. Сликите кои ги гледавме од соседна Србија викендов тоа најдобро го илустрираат. Такви слики едноставно не смеат да се повторат. Благодарност до Србија, се разбира, но тоа беше срам за нашата држава. Државата мора да најде начин тука да им пружи здравствена грижа на своите граѓани“, рече Пендаровски.
Членовите на советот побарале на располагање да се стават сите расположливи ресурси за граѓаните да ја добијат соодветната здравствена заштита.
„Државата не смее да дозволи ниту еден граѓанин да не биде примен на болничко лекување. Од министерот Филипче добив уверување дека тоа не се случило и нема да се случи“, рече Пендаровски.
Тој ги повика приватните здравствени установи да се откажат од профитот и да ги намалат цените за лекување, па дури и да го упатат својот персонал на работа во јавните здравствени установи, доколку е тоа потребно.
„Убеден сум дека за време на големи колективни страдања, не треба ничии семејни несреќи и трагедии да ги користиме за лична добивка и делење дивиденди“, вели Пендаровски.
Во однос на недостигот на вакцини во земјава, Пендаровски рече дека околу 80 проценти од сите вакцини се распределени во 10 земји во светот.
„Сепак, тоа нашите граѓани не ги интересира. Точно е дека верувавме во механизмот ‘Ковакс’. Исто така, и во солидарниот фонд на ЕУ, кој иако најавен за јануари, ќе профункционира дури во април“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита
Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец декември 2025 година.
Исплатата се однесува на следните права: Гарантирана минимална помош; Гарантиран Детски додаток;
Додаток за социјално домување; Еднократна парична помош; Еднократна парична помош за новороденче; Образовен додаток; Образовен додаток – студирање; Родителски додаток за трето дете;
Социјална сигурност за стари лица; Траен надоместок; Цивилна инвалиднина; Сместување во згрижувачко семејство.
Исплатата на правата: Посебен додаток, Парична помош за попреченост и Туѓа нега ќе се изврши дополнително.
Корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска, 05 Јануари 2026 година.
Со цел да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците кои не користат картички, исплатата ќе се спроведе во 2 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето и тоа:
05.01.2026– А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л, Љ
06.01.2026– М, Н, Њ, О, П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.
Македонија
(Видео) Димитријевиќ: Цела структура на ВМРО во „Алта Банка“, Неделкова, баџанакот на Тошковски, Кадиевска-Војновиќ
Акциите на САД против корупцијата, како и специјалниот Закон на САД за Западен Балкан, се силен показател, се враќа фокусот за санкционирање на корупцијата и криминалот во регионот, истакна на прес-конференција Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.
„Зошто е ова многу значајно за Македонија? Заради врските и поврзаноста на актуелната власт во Македонија кои Антикорупцискиот тим на СДСМ целосно ги разоткри. Објавивме сериозен скандал со сомнителни зделки за преземање на Стопанска банка АД Битола од страна на „Алта банка“, институција која во јавноста е препознаена како блиска до Вучиќ и структурите на СНС.
Банкарот на Вучиќ – стана банкар и на Мицкоски во Македонија.
За овој скандал побаравме Управата за финансиско разузнавање и Финансиската полиција да отворат истрага за ова сомнително преземање и темелно да се испита потеклото на парите.
До денеска нема никаква реакција од ниту една надлежна институциј“.
Денеска, нагласи Димитријевиќ, откриваме нова врска, уште една поврзаност на „Алта банка“ со структури на ВМРО-ДПМНЕ, финансиери и функционери.
„Кој уште е дел од Алта банка во Македонија? Во менаџерскиот тим стои името на Лидија Неделкова. Звучи познато? Дали е ова симболот на „сваровски судство“ од времето на Груевски, која беше разрешена од Судскиот совет? Во Надзорниот одбор е Стевчо Јолакоски, баџанак на Панче Тошковски, актуелен министер во владата на Мицкоски.
Ќе го споменеме и малку познатиот Марјан Закев, член на менаџерскиот тим, кој во минатото бил сопственик и управител на фирма во која во 2014 година влегува „Ексико“ Скопје. На јавноста е позната по офшор-структурите и бизнис круговите блиски до Мијалков и Камчев, како и со предметот „Империја“.
Ако на ова се додаде и фактот дека за Член на Управниот одбор на банката од Битола била избрана Маја Кадиевска Војновиќ, поранешна членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ се е јасно“.
Оваа, како што ја нарече, ренген слика за цела една структура според него е директен доказ за поврзаноста на „Алта банка“ со ВМРО-ДПМНЕ, финансиерите и функционерите од оваа партија.
Праша дали затоа молчи Јавното обвинителство и не презема ништо и дали Мицкоски има отворено сметка во „Алта банка“.
„Бидејќи во јавноста веќе се објавени информации за уплати во инвестициски фондови во Србија, поврзани со структури блиски до СНС прашуваме: Дали некој функционер, член или близок соработник на ВМРО-ДПМНЕ има инвестирано или уплаќано средства во овие фондови? Очекуваме одговори и одговорност“.
Македонија
Во прекин сообраќајот на ГП Меџитлија за тешки товарни возила
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 09:00 часот сообраќајот за ТМВ на ГП Меџитлија е во прекин.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

