Македонија
Пенов: По шеесет години, се реновира специјализираната болница „Нефрологија“ во Струга
По шеесет години од изградбата, објектот за подолг престој на специјализираната болница „Нефрологија“ во Струга првпат ќе биде реновиран, а ќе биде обезбедена и опрема за кислородна поддршка на пациентите.
Со поставување соларни колектори и фотоволтаичен систем ќе се обезбеди енергетска ефикасност на објектот за подолг престој за да може да се користи во текот на целата година, со што капацитетот се зголемува од 200 на 1.000 пациенти годишно.
„Имајќи ги предвид придобивките за корисниците на овие медицински услуги, Министерството за локална самоуправа со поддршка на швајцарската влада обезбеди средства во износ од 20,5 милиони денари. Установата учествува и со сопствени средства во износ од 3,6 милиони денари. Оваа Влада вложува во граѓаните, во подобрувањето на услугите и во условите за живеење. Граѓаните се тие што плаќаат даноци, а наша должност е тие пари да ги вратиме назад за она што навистина им е потребно“, рече министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов.
„Нефрологија“ – Струга е здравствена установа што обезбедува услуги за жителите од регионот, но и од целата држава. Реновирањето на објектот за престој на пациентите за подолг период, обезбедувањето медицинска опрема и обезбедувањето поголема енергетска ефикасност на објектот ќе ги подобри условите за лекување и за рехабилитација на пациентите. Вкупниот буџет на проектот е 24.134.166 денари, од кои 11.324.000 ги обезбедува Министерството за локална самоуправа, а 9.200.000 швајцарската влада.
Проектот има цел подобрување на условите за нега на пациентите, условите за работа на медицинскиот персонал, дигитализација во работењето, постигнување поголема енергетска ефикасност и развој на здравствениот туризам во Југозападниот Плански Регион преку реконструкција на централниот објект и објектот за т.н. холидеј-дијализа на ЈЗУ „Нефрологија“ – Струга.
Се инвестира во централен систем за дистрибуција на кислород во три сали за хемодијализа и во три соби наменети за интензивна нега. Реконструкцијата на одделот за т.н. холидеј-дијализа има цел да овозможи негово користење во текот на целата година од страна на социјално ранливи категории граѓани.
Министерството за локална самоуправа со поддршка на швајцарската влада, покрај овој, финансира уште шест проекти, меѓу кои и реконструкција на објектот за кардиологија во Охрид, опремување на Територијалната противпожарна служба во Куманово, Центарот за згрижување бездомни кучиња во Кавадарци, енергетска ефикасност на јавни објекти во Радовиш, реконструкција на домот за грижа на стари лица во Берово, центар за рехабилитација на деца со тешки болести во Кучково, за решавање на прашања за кои граѓаните во процес на консултација ги предложиле како приоритетни во планскиот регион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

