Македонија
Петков контра Радев: Посетата на Северна Македонија не беше избрзана, туку многу задоцнета
Посетата на Северна Македонија не беше избрзана, туку ужасно многу задоцнета, рече бугарскиот премиер Кирил Петков реагирајќи на изјавата на претседателот на Бугарија, Румен Радев, кој, пак, оцени дека неговата посета на Скопје била избрзана.
Според Петков, вистината е дека Бугарија изгубила 30 години во тие односи.
„Мојата посета не само што не е избрзана, туку и ужасно задоцнета. Бугарската страна треба да има активна позиција, да има конструктивен тон на дејствие, да има јасни цели и точен пристап“, рече Петков додавајќи дека тој не можел да издржи да одложува ниту ден повеќе.
Претходно, Радев изјави дека Петков премногу се потпирал на надворешна експертиза.
„Мислам дека посетата на премиерот беше избрзана. Важно е бугарската дипломатија целосно да го реализира својот професионален капацитет – да не верува на надворешната експертиза, на невладини организации и да не подлегнува на надворешен притисок“, рече Радев.
Радев го критикуваше и претседателот на Стево Пендаровски поради неговата средба со претставници на ОМО Илинден и други организации од Бугарија. Според Радев, ОМО Илинден се сепаратисти.
Пендаровски минатата недела се сретна со претставници на македонските заедници во Бугарија, коментирајќи дека не гледа ништо спорно во тоа, додека бугарското МНР оцени дека средбата е во спротивност со договорот за пријателство во 2017 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во прекин сообраќајот на граничниот премин Евзони
Од 17:30 часот сообраќајот на граничниот премин Евзони (Богородица) е во прекин, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Македонија
Во наредните десет дена изменет сообраќаен режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта
СВР Охрид информира дека од денеска во наредните десет дена, на сила ќе бидат измените на сообраќајниот режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта, општина Дебрца.
„На овој патен потег, сообраќајот ќе се одвива наизменично по левата сообраќајна лента гледано во правец од Охрид кон Кичево поради што, апелираме до возачите, крајно внимателно и со прилагодена брзина да ги управуваат своите патнички и други моторни возила и во согласност со поставената хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација“, соопштуваат од СВР Охрид.
Македонија
СДСМ: „Тефтерчињата“ во судството од времето на Никола Груевски се вратија
„Го сменија јавниот обвинител за да постават обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник од ДПМНЕ назначија за член на Судскиот совет, поставија партиски човек во Советот за јавни обвинители. ‘Тефтерчињата’ во судството од времето на Никола Груевски се вратија“, велат од СДСМ.
„Сите знаат, следува целосно погребување на правдата. Со неуставна Резолуција во Собранието ДПМНЕ-ЗНАМ ја гушат демократијата, слободата на говор и се обидува да ја замолчи опозицијата да не зборува за договорот мигранти за пари.
Дури и Катица Јанева ја пуштија од затвор. Три години порано ја пуштија надвор од затвор за 3 месеци да тера кампања. Copy-paste сценарија како методите на Никола Груевски и Вучиќ. Режим 2.0.
Затоа е потребен широк фронт за правда на сите слободоумни граѓани, опозициски партии, прогресивни сили, здруженија. Заедно ќе ја одбраниме демократијата, заедно ќе ја одбраниме Македонија!“, се наведува во соопштението на СДСМ.

