Македонија
Петровска-Нилсен: Северна Македонија ги поддржува образовните програми на НАТО
Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска оствари средба со генерал потполковник Макс Нилсен, командант на НАТО одбранбениот колеџ (NDC) од Рим кој заедно со слушатели од 59 земји на сениорскиот курс се во студиска посета на Република Северна Македонија.
За време на средбата министерката Петровска ја истакна одличната 28 годишна соработка помеѓу министерството и НАТО одбранбениот колеџ и потенцира дека и е особено драго што денеска Северна Македонија може да се претстави пред слушателите како НАТО земја членка.
Петровска рече дека во сите овие изминати години, офицери на македонската Армија и високи службеници од Министерството за одбрана имаа можност да се усовршуваат на овој колеџ, а денес и со наш претставник да сме дел од самата образовна институција.
„Ние уште како партнери на НАТО започнавме со поддршка на образовните програми на НАТО, најнапред преку Партнерство за мир на одбранбените академии и институтите за безбедносни студии, преку Програмата за зајакнување на образованието во одбраната (DEEP) и сега со национален претставник во вашиот тим“, рече Петровска.
Министерката Петровска кажа дека нашата држава има огромна почит кон NDC како центар за образование, проучување и истражување за трансатлантските безбедносни прашања. Исклучително е важно што ставува збор за платформа за издигнување во кариерата за многу цивили и офицери од високи позиции кои доаѓаат не само од земјите-членки на НАТО.
Генералот Нилсен изрази задоволство што го предводи тимот од НАТО одбранбениот колеџ во посета на Република Северна Македонија и потенцираше дека на сите одржани средби можеле да се уверат во високиот човечки капацитет во институциите.
При денешната студиска посета, слушателите од земји членки на НАТО, од Партнерството за мир, Истанбулската декларација и глобални партнери надвор од евроатлантската област имаа средби со претседателот на Собранието, Талат Џафери, со Комисијата за одбрана и безбедност, со претставници од Министерствата за надворешни работи и за внатрешни работи, како и од Министерството за одбрана и Армијата
На средбите на слушателите им беа презентирани одбранбените реформи и одбранбената внатрешна и надворешна политика, трансформацијата, мисиите и операциите на Армијата во НАТО контекст.
Слушателите на сениорскиот курс е предвидено во иднина да работат во НАТО штабот во Брисел, командите на НАТО, како претставници во националните институции кои во иднина ќе соработуваат со НАТО Алијансата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Села: Не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии
Зијадин Села од Алијанса за Албанците во интервју за Трилинг по изборите и изборните резултати и случувања, вели дека се работи за изборен инжинеринг и закрупнување на неколку политички сили. Според Села, не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии.
„Тука се најглавните албански партии. А дали сме подготвени за во опозиција, по демократските правила, тоа не го кажувааат политичките чинители, тоа го кажува народот, кој гласаше на 8 мај за Европскиот фронт да презема одговорности и да биде дел од власта“, вели Села.
Тој смета дека „погрешна е дефиницијата за коалицирање победник со победник, треба да е мандатар со победник. Победникот од македонската страна е дефиниран со Устав. Демографската реалност е за да има стабилност и да одиме напред, треба да се испочитува волјата на втората етничка заедница која е 30%, наспроти 54% кои се Македонците, според последниот попис“.
Додава дека Владата треба „да се изјасни во врска со обидот за изборен инженеринг. Според Пржинскиот договор, на техничкиот премиер е да обезбеди фер и демократски избори. Тие не се надвор од одлуките кои се носат во ДИК и Управен суд. Техничката влада е договор на најголемите политички партии“.
За тоа како Европскиот фронт ќе се однесува како опозиција во Собранието, Села вели „треба да се почитува желбата на граѓаните, не на Мицкоски. Ние ќе се однесуваме сразмерно на тоа како ќе биде решено. Не сакам да коментирам желби. Од ДИК се уште не се објавени мандатите, кој колку има. Се уште Мицкоски не е мандатар“.
Македонија
Денес малку сонце, па облачно, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне наместа, особено во северните делови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме со силен ветер и изолирана појава на град.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.