Македонија
Петровска – Шарец: Словенија и Македонија споделуваат иста визија за регионот
Министерката за одбран, Славјанка Петровска, ја почна дводневната официјална посета на Словенија по покана на министерот за одбрана, Марјан Шарец. По пречекот со воени почести во словенечкото Министерство за одбрана, Петровска и нејзиниот словенечки колега Шарец одржаа средба на која беше потврдена заедничката заложба за посилна одбранбена соработка бидејќи двете држави споделуваат заеднички вредности и иста цел – стабилен, мирен и безбеден регион со сигурна европска иднина.
„Словенија е наш докажан пријател, сојузник и гласен поддржувач на евроинтеграцијата на Северна Македонија. Оваа година одбележуваме 30 години соработка помеѓу двете држави и 28 години одбранбена соработка, која остави белег на развојот на одбраната и на Армијата. Живееме во комплексни времиња со многубројни безбедносни предизвици и затоа како блиски и пријателски земји и како сојузници во НАТО мораме да опстанеме на нашиот пат кон уште посилна, уште поинтензивна одбранбена соработка“, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска по денешната средба со словенечкиот колега Марјан Шарец во Љубљана.
„Балканот, особено Западен Балкан, мора да опстане на патот кон целосна демократизација и силна европеизација – пат кој е нераскинливо поврзан со пристапувањето кон Европската Унија. Овој пат мораме да го минеме ефикасно и квалитетно и словенечката поддршка во тој правец е секогаш присутна и исклучително важна за што искрено ви се заблагодарувам“, истакна министерката.
Во контекст на регионалната безбедност, која е приоритет и за Северна Македонија и за Словенија, Петровска порача дека регионот се соочува со свои предизвици, но ниту еден предизвик не е нерешлив доколку има политичка волја, храброст и насоченост кон иднина на соработка и просперитет.
„Традиционалните недоразбирања и историски предрасуди, за жал, сè уште не се целосно затворени и оставени во минатото. Решавањето на отворените билатерални прашања во регионот се клучни за подобрување на заедничката безбедност, но и европската стабилност. Примерот на Северна Македонија во овој поглед треба да биде искористен како позитивен патоказ“, рече Петровска.
Министрите на средбата се заложија за уште посилна соработка во областа на одбраната, при што министерката Петровска повика на интензивирање на заедничките вежби и обуки на армискиот полигон „Криволак“, склучување договор за одбранбена соработка, со цел развој на одбранбени капацитети и планирање, справување со сајбер, хибридни и асиметрични закани.
Петровска и Шарец разговараа и за соработката во контекст на НАТО – мисиите, односно за заедничкото учество во т.н. зајакнато истурено присуство во Латвија, каде што македонските мировници се дел од словенечкиот контингент. Тие се согласија дека улогата на НАТО е јасна и прецизна – тоа е одбранбена алијанса, чија основна цел е безбедност на секоја педа НАТО-територија.
Денеска, во Љубљана, министерката Петровска ќе се сретне и со претседателот Борут Пахор, а ќе се обрати и на церемонијата за примопредавање нов музејски експонат, германски противвоздушен топ од Втората светска војна, донација од Северна Македонија во Паркот за воена историја „Пивка“, а утре ќе присуствува на воена вежба, која ќе се реализира во Воздухопловната база во Церкље об Крки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Касами: Собранието го разреши раководството на партијата, важен чекор кон спојување на ВЛЕН во еден субјект
Централното собрание на Движењето Беса со мнозинство гласови ја одобри одлуката за распуштање на Централното претседателство на Движењето Беса, во продолжение на процесот започнат за спојување на ВЛЕН во еден субјект, објави на социјалните мрежи лидерот на движењето Беса, Билал Касами.
„Собранието на Движењето оцени дека треба да се отвори патот за структурирање на ВЛЕН и ја донесе оваа одлука врз основа на мораториумот за партиски активности од страна на субјектите што го сочинуваат ВЛЕН.
Во оваа прилика, Собранието ме овласти мене како претседател да продолжам со разговорите за иднината на ВЛЕН, давајќи поддршка на спојувањето во еден субјект, со решение што го почитува принципот на правда и го слуша гласот и волјата на гласачите на ВЛЕН и сите Албанци“, соопшти Касами.
На состанокот на Собранието, како што вели, била дискутирана и работата на функционерите на Движењето Беса во Владата.
„Членовите на собранието ја поддржаа мојата изјава дека Беса има капацитет за многу повеќе работа отколку што е сработено досега.
Анализата на работата на функсионерите ќе продолжи во наредните денови, додека наодите ќе бидат одразени во идната реконструкција на Владата.
Движењето Беса верува дека позициите во Владата се средство за наша најдобра и најефикасна служба на сите граѓани, а особено на Албанците, и сите идни одлуки ќе бидат засновани на овој принцип“, додава Касами.
Македонија
Од утре Мицкоски во Минхен на безбедносната конференција: во фокусот, геополитичката стабилност и улогата на Македонија како столб на стабилност во Западен Балкан
Oд утре (петок) премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе биде во неколкудневна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
Во рамки на конференцијата, Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници како и челни луѓе на меѓународните безбедносни организации.
Во фокусот на разговорите ќе бидат геополитичката стабилност на регионот, нагласувајќи ја улогата на Македонија како столб на стабилноста во Западен Балкан и активен придонесувач во НАТО алијансата.
Исто така премиерот Мицкоски на средбите и состаноците ќе ја реафирмира позицијата на државата за неопходноста од предвидлив и фер пат кон полноправно членство во ЕУ, без наметнати билатерални пречки.
На маргините на конференцијата, предвидени се средби со високи претставници на Европската Унија како и со шефови на влади и држави.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.

