Македонија
Петрушевски до Ковачевски: Зошто ги штитите функционерите кои кријат имот
„123 функционери кријат 30 милиони евра вреден имот со месеци, а дел од нив и со години, односно не поднеле анкетни листови иако за тоа имаат законска обврска. Со месеци па дури и со години ДКСК не покренала постапка. Дали со ова се праќа порака дека може да се прави криминал и доколку си член на СДС И ДУИ нема да одговараш. Што се крие и кој се крие во аферата ‘Тајни имоти’, па власта се спрегна во релативизирање, пуштајќи дури и тези дека не се работело за првиот ешалон на власта, туку за вториот или третиот“, порача пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.
Според него, криењето на имот од над сто функционери не може никако да е случајност, туку тука постои основано сомнение дека се работи за системско криење на имот.
„И веќе четврти ден наместо одговорност и оставки од функционерите, гледаме бледи соопштенија и обиди за маргинализирање на случајот. Доколку не станува збор за системско криење, тогаш Ковачевски треба да побара пресек од Антикорупциска комисија на сите функционери кои не пријавиле имот и истите да ги разреши веднаш затоа што не го почитуваат законот“, рече Петрушевски.
Пратеникот посочи дека доколку не го направи тоа Ковачевски фрла само поголем сомнеж дека се работи за системско криење на имот.
„Едноставно не може да не знаеле дека имаат законска обврска да го пријават имотот“, рече Петрушевски кој упати едно прашање до премиерот Димитар Ковачевски кое гласи „зошто ги штитите функционерите кои кријат имот или и самите криете имот стекнат преку аферата „Броило“. Второ прашање го упати до претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска, „колку вкупно функционери по стапување на функција, или во рок од 30 дена по стапување на истата немаат поднесено анкетни листови“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК ги соопшти местата на кои ќе се прегласува на 22 мај
Државната изборна комисија (ДИК) денеска, на 105. седница, едногласно го усвои предлогот да се повтори гласањето во Изборната единица (ИЕ) 5 на избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1.194 и 1.202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во ИЕ 6 на избирачкото место 2101 во Општина Желино. Гласањето ќе се одржи идната среда, на 22 мај 2024 година.
ДИК на седницата ги разреши и претседателите на избирачките одбори, членовите и нивните заменици во избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга, 1272 во Општина Охрид и 2101 во Општина Желино.
Со оглед дека се кратки роковите за избор на нови избирачки одбори, за да биде регуларно прегласувањето, општинските изборни комисии (ОИК) ќе треба да ангажираат некои од веќе постојните избирачки одбори, или од најблиските избирачки места или некои други, и за тоа ќе треба да достават известување до ДИК.
Кампањата за повторното гласање ќе трае до понеделник, 20 мај, 00.00 часот. Притоа, ќе важат истите листи за болни и немоќни лица, ќе нема можност да се пријавуваат нови.
Според ДИК, има можност за измени и предлози за овластени претставници на кандидати. Тоа важи и за членовите на избирачките одбори кои се предложени од политичките партии.
Македонија
Кацарска ја чува обезбедување, денес добила закани дека „страшно ќе одговара“
Непознато лице денеска напладне во близина на ТЦ „Рамстор“ во центарот на Скопје вербално и се заканувало на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска. По инцидентот интервенирало нејзиното обезбедување.
„Полициски службеници од полициската станица Центар денеска во 14:00 часот го лишиле од слобода В.П.Г. (57) од Богданци, постапувајќи по претходна пријава дека во угостителски објект во трговски центар на подрачјето на Центар во Скопје упатил закани кон Д.К.(67) од Скопје со зборовите ‘ќе одговараш, страшно ќе одговараш’. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 144 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Пред неколку дена во подземна гаража на зграда во Центар пронајдени се импровизиран кревет и кујнски нож на гражаното место на Кацарска.
Од МВР потврдуваат дека известен е јавен обвинител, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Утре затворени неколку улици во Скопје
Утре од 08.30 до 12.30 часот, поради одржување на натпревар „Стопански триоги триатлон”, со стартно-целна позиција кај Спортскиот центар „Борис Трајковски” во дел од градот ќе има изменет режим на сообраќај, соопшти СВР Скопје.
Посебниот режим на сообраќај ќе опфати дел од уличната мрежа околу СЦ „Борис Трајковски” и дел од булеварот Илинден (десна коловозна лента), потоа на потегот од крстосницата со булевар 8 Септември до крстосницата со улицата Никола Парапунов и обратно.
Утре исто така со почеток во 09.45 часот, поради одржување на спортско-рекреативен настан „Прв до врв” ќе има посебен режим на сообраќај во делот од градот каде што ќе се реализира манифестацијата.
Настанот почнува пред Музеј на град Скопје – улица Св.Кирил и Методиј, потоа лево по булеварот Св.Климент Охридски, во продолжение право по булеварот Мајка Тереза, па лево по улицата Тодор Александров и по локалниот пат за Средно Водно до врв на Водно („Милениумски крст”).