Македонија
Петрушевски: Пеце Мирчевски го оштетил буџетот на СОЗР за 29.000 евра, се пишувал и како новинар за да патува во Бугарија
„Пеце Мирчевски потрошил десетици илјади евра службени пари за патувања, авио билети и сместувања, кои не биле службени, туку приватни. Пеце Мирчевски го оштетил буџетот на СОЗР за 29.000 евра, само потпишувајќи неосновани решенија за резервации на хотели, авионски билети и службени патувања кои не биле оправдани“, вели Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во периодот од 1 јануари 2022 година до 13 јуни 2024 година, Пеце Мирчевски во повеќе наврати потпишувал решенија за резервации на хотели, како и авио-билети за патувања во странство, со образложение дека се работи за службени потреби, иако во реалноста тие патувања не биле поврзани со неговата функција. На овој начин, тој го оштетил буџетот на СОЗР за 29.000 евра“, истакнува Петрушевски и додава:
„Пеце Мирчевски одел до таму што се пишувал и како новинар, за да патува во Бугарија, за каде патот и смештајот му е платен како на новинар. Аздисаноста за шетање на државен трошок од приватен карактер ја чинеле државата и пари и углед. Одговорност има“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Кисела Вода: Се чистат паркот „Македонија“ и останатите паркови во општината
Темелно се чисти паркот „Македонија“ и околните улици. Општина Кисела Вода, преку Секторот за месна самоуправа, ангажираше околу 30 сезонски работници кои спроведуваат интензивни активности за унапредување на јавната хигиена. Во фокусот на акцијата е собирањето на паднатите лисја, карактеристични за овој период од годината, како и отстранување на друг отпад од парковските површини, соопштија од општината.
Оваа акција, како што е наведено во соопштението, е дел од континуираниот пристап на Општина Кисела Вода за одржување и унапредување на јавната хигиена, а во наредниот период ќе продолжат слични интервенции и во другите паркови и зелени површини ширум општината, особено на локации со зголемена фреквенција на граѓани.
-Грижата за јавната хигиена и зелените површини е еден од нашите постојани приоритети. Со вакви редовни активности обезбедуваме парковите да останат чисти и уредни. Паралелно со ангажманот на општината, упатувам апел и до граѓаните за заеднички одговорен однос кон просторот што секојдневно го користиме, затоа што само заедно можеме да имаме чиста и уредна Кисела Вода- изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
Бугарското МНР: Скопје повторно отстапува, прашањето на кој јазик треба да биде Планот за правата на заедниците е внатрешно
Бугарија изразува загриженост за отстапувањата на Скопje од Европскиот консензус од 2022 година, се вели во ставот на Софија, објавија бугарските медиуми.
Република Бугарија, според објавеното, со загриженост ги забележува најновите тези составени од властите во Скопје, кои остро отстапуваат од суштината на Европскиот консензус од 2022 година.
„Прашањето на кој јазик треба да биде Планот за правата на заедниците што се очекува од Северна Македонија е внатрешно за соседната земја и не е тема на билатералните односи. Документот ќе го спроведуваат токму нејзините институции кон сопствените граѓани и логично е да биде на јазик достапен за нив. Изборот на Скопје да им го претстави нацртот на овој план на своите граѓани на англиски јазик е тешко да се објасни, особено ако Планот е планиран да се спроведе всушност“, се вели во ставот на бугарското Министерството за надворешни работи, според написите.
Властите во Софија потсетуваат дека Планот за права на заедниците е чекор наменет да следи по вклучувањето на Бугарите во уставот, кој сè уште е во тек и кој ќе им овозможи на нашите соседи да отворат преговори за пристапување.
„Во исто време, ги поздравуваме зборовите на премиерот Христијан Мицкоски дека ќе ги „прифати сите други коментари“ на бугарската заедница во Планот и сметаме на него да го одржи ова ветување кон нив“, соопшти Министерството за надворешни работи.
Македонија
Бадникови поворки на 6 јануари: се организираат во 80 градови и населени места низ Македонија
Здружението „Бадникови поворки“ информира дека и оваа година, на 6 јануари 2026 година, ќе се одржат Бадниковите поворки, како најголема народно-културна и духовна манифестација во земјава, посветена, како што велат, на радосното и достоинствено најавување на Христовото Рождество – Божик.
„Годинава, Бадниковите поворки ќе се одржат во рекордни 80 градови и населени места низ Македонија, како и во македонската дијаспора во Словенија, Италија, Австрија, Франција и Соединетите Американски Држави, обединувајќи илјадници деца, семејства и заедници во духот на радоста, светлината и заедништвото на празникот.
Централната Бадникова поворка во Скопје ќе обедини учесници од речиси сите скопски општини, заедно со нивните градоначалници, кои и оваа година активно учествуваат во реализацијата на манифестацијата.
Во духот на долгогодишната традиција, во претпладневните часови на 6 јануари, градоначалниците и општинските тимови најпрво ќе ги пречекаат и даруваат коледарчињата во своите општини, каде што децата, во придружба на своите родители, баби и дедовци, ќе ја споделат радоста на празникот.
Потоа, со организиран превоз, коледарчињата и нивните семејства ќе се упатат кон централната манифестација во Скопје, каде што ќе се оформи најголемата Бадникова поворка во Македонија.
Формирањето на поворката ќе започне пред Музејот на Град Скопје, од 11:30 до 12:00 часот. Токму овде, на сите деца кои немаат ѕвездичка, бесплатно ќе им биде подарена Божикна ѕвезда, а сите учесници ќе добијат и уметнички магнет со божикна порака – симболичен подарок за спомен од Бадникови поворки 2026, кој ќе ја продолжи празничната радост и по завршувањето на настанот.
Точно во 12:00 часот, оформената бадникова поворка пеејќи ја песната „Вечниот Бог“, ќе тргне од Музејот на Град Скопје и, движејќи се по улица „Македонија“, ќе пристигне на плоштадот „Македонија“, пред сцената поставена кај Божикната пештера.
На сцената, како круна на целокупната манифестација, ќе биде изведена „Божикна авантура“ – голема музичко-сценска изведба во живо, во која ќе учествуваат повеќе од 40 музичари, актери, пејачи и „Златно славејче“.
Традиционално, во претпладневните часови на 6 јануари, организирани групи деца и млади од Бадниковите поворки, пеејќи ја песната „Вечниот Бог“, ќе реализираат празнични посети кај:
Претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова,
Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан,
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, со што ќе ја споделат радосната вест за Христовото Рождество.
Здружението „Бадникови поворки“ ги поканува сите граѓани, семејства и деца да се приклучат на Бадниковите поворки 2026. Не е потребно претходно пријавување.
Со оваа манифестација, веќе 16 години, Бадниковите поворки се симбол на светлина, заедништво и достоинствено празнување на Бадник во Македонија и пошироко“, се истакнува во соопштението.
Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура и Град Скопје.

