Македонија
Пет месеци се одложува почетокот на судењето за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ
Почетокот на судското рочиште за случајот „Талир“, кој се однесува на незаконското финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ, денеска којзнае кој пат беше одложено во Кривичниот суд во Скопје. Овој пат причината, како што информира претседателот на судечкиот совет, Осман Шабани, е неприсуството на судијата поротник поради здравствени причини.
Првото рочиште за „Талир“ беше закажано за 18 февруари и беше одложено поради отсуството на обвинетиот Илија Димовски. Тој тогаш го известил судот дека како шеф на собраниската делегација на Парламентарното собрание на НАТО учествува на состанок во Брисел. По ова, следуваа низа причини од разна природа поради кои беше одложуван почетокот на ова судење.
На денешното рочиште, кое не се одржа, се појави и ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кој по налог на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција заедно со уште десетина лица утрово беше уапсен поради сомнение за најновиот случај на ОЈО, каде што товари за злоупотреба на службената положба и неовластено работење во службата.
Неофицијално, Јанакиески и другите се сомничат за незаконско постапување за градба на три парцели за хотелски комплекс покрај Вардар од другата страна на Градскиот парк во Скопје.
Специјалното јавно обвинителство поднесе две обвиненија како дел од истрагата за предметот „Талир“. Првото обвинение, кое се однесува на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, ги опфаќа експретседателот на партијата, Никола Груевски, други пет поранешни функционери и самата партија како правно лице.
Второто обвинение ги опфаќа Груевски и поранешниот владин генерален секретар, Кирил Божиновски. Тие се товарат за незаконска изградба на партиското седиште „Христо Татарчев“, попозната како белата палата.
Обвинението за незаконско финансирање, покрај самата ВМРО-ДПМНЕ и Груевски, ги опфаќа и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

