Македонија
Платите на судиите не може да се намалат, постојат законски одредби, вели Ковачевски
Законските одредби, кои забрануваат намалување на платите на судиите, го прават комплексно решението за намалувањето на платите на функционерите. Вака денес објасни премиерот Димитар Ковачевски по посетата на компанијата „Вабтек МЗТ АД Скопје“. Работната група сè уште не дала предлог на кој начин ќе се намалуваат платите на функционерите, кои од март годинава се зголемени за рекорни 78 %.
„Во однос на функционерските плати, треба да се менуваат седум закони, при што кај дел од функционерите постојат законски одредби дека не може да се намалува платата. Постојат такви одредби. На пример, кај платите на судиите. Во овие делови од законите делот кај пратениците е регулиран со Законот за пратениците, а пратениците се над тие што ги избираат, а тоа е Владата, затоа велам дека се работи за комплексно решение. Тоа, на крајот на краиштата, треба да донесе правичност во плаќањето на трудот во согласност со одговорностите што секој ги има во државата. Ние бевме во ситуација во која претседател на држава имаше помала плата од секретарка во Агенција за електронски комуникации, на пример. Сметам дека тоа е исто така дебаланс, кој треба да се адресира на соодветен начин“, рече премиерот Ковачевски.
Во буџетот за 2024 година, како што претходно извести премиерот Ковачевски, не се предвидени средства за повисоките плати на функционерите, но Владата сè уште работи на решението со кое ќе се намалат, а кога ќе биде утврдено, треба да помине и во Собранието. Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, минатата недела рече дека има две опции за намалување на платите. Едната е со Законот за плати во јавниот сектор, а другата е измена и дополнување на седум закони со кои се регулираат платите на сите функционери, чии плати беа зголемени со одлуката на Уставниот суд во март годинава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.
Македонија
15 возачи лишени од слобода поради возење без возачка дозвола и под дејство на алкохол
Полициски службеници на целата територија на државата, во текот на вчерашниот ден, лишиле од слобода 15 возачи, од кои шест за возење под дејство на алкохол, на територија на Делчево, Кичево, Гевгелија, гевгелиско и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, пет лица се лишени од слобода затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на Скопје, Градско, светиниколско, Прилеп и неготинско. Четворица возачи пак се лишени од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа еден во Гевгелија, еден во Скопје, а двајца во тетовско. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

