Македонија
(Видео) Здруженија до пратениците: Најдовте начин за амнестирање, ама не и за спречување дискриминација
Претставници на граѓански организации, здруженија и платформи денеска со протест пред Собранието побараа законот за заштита и спречување дискриминација итно да биде донесен на денешната седница.
„Законот повеќе од осум месеци е заглавен во Собранието и покрај јавното ветување од СДСМ дека ќе се донесе во најкус рок. На последната седница претседателот на Собранието, без никакво образложение, го тргнал законот од дневен ред. Со ова Собранието уште еднаш потврди дека граѓаните не им се приоритет. Тие најдоа решение за усвојување закони за попречување на правдата, за амнестирање, за привилегии на пратениците, ама за ова не најдоа“, рече Елена Петровска од Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија.

Таа рече дека организациите силно ја осудуваат реториката на ВМРО-ДПМНЕ што ја користи од говорницата во Собранието.
„Тие поттикнуваат дискриминација и насилство кон маргинализираните заедници. Ги повикуваме СДСМ и ДУИ да го донесат законот денес и да ги заштитат правата на граѓаните. Партиските игри и личните ставови не смеат да бидат пред правата на граѓаните“, рече Петровска.
„Стојте си на зборот, усвојте го законот“, „Бидете пратеници за сите граѓани“, „Усвојте го законот и почнете со спроведување“, „Шовинисти не може да штитат од дискриминација“, „Амнестија – неветено остварено, недискриминација – ветено неостварено“, се само дел од пораките испратени до пратениците.

Со новиот закон, рече таа, би се надминале постојните недостатоци во претходниот закон во однос на воведување покуси рокови на постапката за заштита од дискриминација, зајакнување на независноста на Комисијата за заштита од дискриминација, а се овозможува и тужба за заштита од јавен интерес, па се овозможува неформални групи да поднесат претставка во име на граѓаните.
Протестот го поддржаа седум мрежи на граѓански организации и 92 здруженија и фондации што ги застапуваат правата на разни групи граѓани што се соочуваат со дискриминација, како здруженија на Роми, жени, луѓе со попреченост, ЛГБТИ, сиромашни и социјално исклучени граѓани, здруженија на разни групи пациенти, сексуални работници, луѓе што живеат со ХИВ, луѓе што употребуваат дроги, младински организации, мултикултурни здруженија, здруженија што работат на ЕУ-интеграцијата и се застапуваат за демократизација на општеството во повеќе области.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

