Македонија
Повеќе од 30 говорници од 9 држави ќе учествуваат на првата конференција за е-трговија во Македонија
Првата годишна македонска конференција за е-трговија, која ќе се одржи на 26 октомври во хотел „Мериот“ во Скопје, ќе биде реализирана од страна на триесетина говорници од 9 држави. Покрај локалните учесници и експерти за е-трговија, ќе има говорници и од Калифорнија (САД), Велика Британија, Чешка, Словенија, Бугарија, Србија, Полска и Белгија. Како што наведуваат организаторите, агендата има специфичен формат со цел да ги покрие сите аспекти од циклусот на електронската трговија и ќе почне со генерална анализа на сегашната ситуација на пазарот, по што следи дискусија за можностите за ширење на достигот на локалните е-трговци во границите на ЕУ, а ќе заврши со презентации и дискусии на теми како да се направи добар маркетинг, да се обезбеди квалитетна поддршка и корисничко искуство, како правилно да се искористат системите за плаќање и како без проблеми да се достави нарачаниот продукт.
Конференцијата ќе почне со кратки поздравни говори и воведни обраќања од претседателот на АЕТМ и ко-основач на „Групер“ – Нина Ангеловска, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој – Јован Деспотовски, гувернерот на НБРМ – г-ѓа Анита Бежоска и менаџерот за Бугарија и Македонија на „Мастеркард“ (Mastercard) – Вања Манова. Во овие поздравни обраќања, говорниците ќе споделат клучни факти, предизвици, статистики и очекувања за е-трговијата од нивните домени на работење.
Потоа, директорот за владини работи на EMOTA (European eCommerce & Omni-Channel Trade Association), Тријн Сааг (Triin Saag), ќе одржи говор во кој ќе ги истакне клучните можности и предизвици за македонските е-продавници во границите на ЕУ, по што ќе следи првата панел-дискусија во која ќе учествуваат локални е-трговци (paket.mk, Pazar3.mk, kupikniga.mk, platinavrata.mk) кои ќе ги споделат своите искуства на домашниот пазар.
За компромисот помеѓу функционалностите кои носат удобност наспроти факторите за намалување на ризик, ќе говори Богдан Боченек, раководител во Одделот за управување со измами во „Мастеркард“, по што следи нова панел-дискусија на тема „Иднината на е-трговијата како продажен канал за големите трговци“, во која искуства ќе споделат директори од „Македонски телеком“, „Оне.Вип“, ЕВН, „Еуролинк осигурување“ и „Спорт вижн“ (Sport Vision) Србија.
Потоа, учесниците на конференцијата ќе можат да слушнат за маркетинг и користење на гејмификација како тактика за привлекување и задржување корисници од светскиот експерт на оваа тема Ју Каи Чу, кој е автор, говорник и извршен директор на компанијата „Окталисис груп“ (Octalysis Group). Продолжувајќи ја дискусијата на темата маркетинг, привлекување нови корисници, искористување на алатки и последни трендови, своја презентација ќе има и Супратим Бисвас, главен директор за приходи во „Клевертеп“ (CleverTap), кој ќе зборува за ефектот на вештачката интелигенција и машинското учење врз маркетингот. Ќе презентира и Михаела Плесникова од „Киви“ (Kiwi.com), компанија која генерира повеќе од 1 милијарда евра годишни приходи преку е-трговија, и ќе објасни како се гради добар е-комерц бизнис кој продава сам по себе.
На темата плаќања, главен говор ќе одржи Денис Поточник, ко-основач на еден од најуспешните е-трговци во Словенија, кој ќе зборува за бесплатни премиум процеси на наплата како нова ера во онлајн купувањето. Споредба на некогашните и сегашните процеси на плаќање ќе направи и Биљана Доновска Гечева, генерален директор на Касис (Casys). Темата ќе заврши со панел-дискусија во која ќе учествуваат претставници на Народна банка на РМ, НЛБ Банка, Халк банка (HalkBank), Стопанска банка а.д. Скопје и „Каси“ (Casys), кои ќе дискутираат за сегашните начини на плаќање, како и за предизвиците и ограничувањата кои пазарот ги има во овој домен.
Формалната агенда на конференцијата ќе биде комплетирана со панел-дискусија на тема достава, во која ќе учествуваат претставници на Царинска управа на РМ, ДХЛ (DHL), Агенцијата за пошти и компанијата „Ековелосипедист“. Ќе се дискутира за начините на кои продуктот може да биде испорачан до крајниот корисник.
На крај, учесниците ќе имаат можност за меѓусебно запознавање и размена на искуства на коктел-забава поддржана од спонзорите на конференцијата.
Билетите можат да се купат онлајн со плаќање преку кредитна картичка или фактура на www.ecommerceconference.mk. Бидејќи интересот за билетите е голем, а количините се ограничени, купете ги вашите билети уште денеска!
Генерален спонзор на конференцијата е Мастеркард (Mastercard), златен партнер е ДХЛ (DHL), додека сребрени партнери се „Акцент компјутери“, ЕВН и „Спорт вижн“ (Sport Vision). Домаќин и водител на конференцијата ќе биде познатиот актер Сашко Коцев. Организатор на конференцијата е Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, првата и единствена асоцијација во државата која цели кон инклузивна е-трговија и има мисија да создаде иднина за е-трговски развој и успех на земјата.
За Асоцијацијата за е-трговија на Македонија
Мисијата на оваа асоцијација е да креира иднина за раст и развој на е-трговијата во Македонија, со главна цел да ги поддржи интересите на компаниите за е-трговија, да придонесе кон знаењето за е-трговија и негово проширување, вклучувајќи ги поврзаните услуги и технологии и да ги намали и елиминира бариерите кои го ограничуваат растот и развојот на идустријата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

