Македонија
Повредените со изгореници да не веруваат на мевлеми на социјалните мрежи, преврските се прават во болница, апелира директорката на Пластична хирургија
Тим од Пластична хирургија и од Министерството за здравство вчера констатирал дека во болницата во Кочани има услови за лекување на повредените пациенти, особено на оние со изгореници од прв и втор степен, но недостига кадар, па затоа тим од Скопје ќе биде на располагање во Кочани. Директорката на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, Јасмина Ѓоргиевска-Павловска, повика повредените пациенти на преврски да одат во кочанската болница.
„Нашата цел е пациентите со помал степен на изгореници да ги префрлиме, да не доаѓаат на два-три дена во Скопје, туку да може таму да одат на преврски. Во моментот пациентите од првиот и вториот пик се релативно стабилни и добри, без некои големи инфекции. На оние што се кај нас можам да кажам дека веќе и целосно им се зараснати раните, зборувам за оние што имаа изгореници од втор степен“, рече директорката Ѓоргиевска-Павловска.
Таа апелира повредените да не веруваат на сѐ што ќе им излезе на социјалните мрежи во врска со лекувањето на изгорениците.
„Вчера, некој ми потспомна дека има некои мевлеми што се продаваат на социјалните мрежи. Не знаеме од какво потекло се, дали се стерилни или не. Апелирам, преврските да ги прават со тимот лекари што ќе дојдат во Кочани во стерилни услови за да можеме инфекциите да ги сведеме на минимум“, апелира директорката Ѓоргиевска-Павловска.
Во лекувањето изгореници директорката предупреди дека инфекции може да се појават во секоја фаза од зараснувањето поради што мора да се внимава и на стерилни лекови и стерилни услови за преврски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Непречен сообраќај по претежно суви коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Од 22 часот вчера, патниот сообраќај на стариот регионален пат Р-1101 Прилеп – Битола е пуштен во двата правци. Претходно беше во прекиин поради сообраќајна несреќа, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
(Фото) Втора вечер на Новогодишниот базар во Чаир
Вчера се одржа втората вечер на Новогодишниот базар во Чаир, на Плоштад Скендербег, продолжувајќи ја празничната атмосфера што го одбележува овој настан. Плоштадот беше исполнет со бројни граѓани кои уживаа во декоративните светилки, празничните штандови и новогодишниот дух, велат од општина Чаир.

Вечерта започна со детска музичка програма, со песни и празнични настапи за најмладите, по што атмосферата продолжи со музика од DJ Едмир, создавајќи жив и пријатен амбиент за сите генерации.

Новогодишниот базар во Чаир продолжува и во наредните вечери, носејќи дополнителни содржини и празнична живост во пресрет на новата година.




Македонија
Стабилно и студено со ниски утрински температури
Утрото ведро и многу студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 5 до 12 степени.
Во Скопје, сончево со мала облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 6 степени.
Времето во наредниот период
Во наредните денови времето ќе биде стабилно и студено со ниски утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни и наместа ќе се спуштат до -10 степени. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец.

