Македонија
(Видео) Повторно протести во Кисела Вода за дислокација на Центарот за зависници
Жителите на Кисела Вода повторно излегоа на протести на кои бараат дислокација на Центарот за зависници во населбата. Околу еден час тие блокираа дел од булеварот Борис Трајковски, жалејќи се дека не се чувствуваат безбедни и дека лицата што се лекуваат во Центарот расфрлаат шприцеви и игли кои се опасност за најмладите и за околината.
На протестот се појави и градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски, кој рече дека моментално решение е да се зголеми присуството на персонал и полиција во болницата, а со тоа ќе се намали шансата да се изнесува надвор дрогата.
„Ова е мерка за наредните 2 недели, а потоа, во наредните 3 месеци ќе се изврши дислокација на Центарот. Како решение остануваат трите локации кои беа споменати на средбата со граѓаните во општината пред 2 недели“, рече Темелковски, не сакајќи да прецизира каде ќе биде преместена болницата бидејќи, како што рече, тоа е работа на Министерството за здравство.
Жителите на Кисела Вода изјавија дека генерално се задоволни од овие предложени мерки, но очекуваат во текот на утрешниот ден да ги видат на хартија, па во зависност од тоа ќе одлучат дали ќе ги продолжат протестите.
Незадоволството на жителите од Кисела Вода ескалираше пред 3 недели, кога тие почнаа поинтензивно да бараат дислокација на Центарот за зависници. Досегашните средби со министерот за здравство, Венко Филипче, и со претставниците од општината не дадоа плод, но тие очекуваат во наредниов период да има точен датум кога центарот ќе биде дислоциран.
„Животот околу болницата станува неподнослив. Децата со страв ги пуштаме на школо. Последниве месеци четири деца се повредија со употребени игли оти се расфрлани насекаде. Немам ништо против нив, тие се лечат и треба да се лечат, но на друго место. Овде веќе нема куќа што не е ограбена, нема двор во којшто не влегле. Шприцеви си наоѓаме по подрумите и гаражите, не можеме мирно да спиеме. Пред очи на нашите деца среде бел ден на улица се соблекуваат по гаќи и се боцкаат во бутовите, а ние сме немоќни да направиме што било“, се пожалија жителите околу болницата на протестот минатиот месец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.

