Македонија
Поднесено обвинение против Оливер Дерковски за набавката на софтверот за изборите
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение против поранешниот претседател на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски, и тројца вработени во ДИК, под сомнение дека го оштетиле буџетот за над 1,3 милиони денари.
Сите се обвинети злоупотреба на службена положба и овластување која ја сториле при две јавни набавки.
„И.Ќ., А.А. и А.Ш. вработени во ДИК, како членови на Комисијата за јавни набавки, во периодот од февруари до септември 2020 година неизвршувајќи ги своите службени должности при спроведување на постапката за јавна набавка на софтверот за изборите, не го почитувале минималниот законски рок за поднесување понуди, не утврдиле дека економскиот оператор ‘Дуна’ ДОО Скопје не ги исполнува условите за учество во постапката и притоа не спровеле правилна постапка за евалуација на доставените понуди, туку понудата ја оцениле како прифатлива и доделиле максимален број бодови“, соопшти Обвинителството.
Првообвинетиот, Оливер Дерковски, како претседател на ДИК без да изврши контрола на постапката за евалуација на понудите, донел одлука за избор на најповолен понудувач.
Откако постапката била поништена, првообвинетиот спротивно на мислењето на Бирото за јавни набавки, донел одлука за спроведување постапка со преговарање без објавување на оглас и притоа по негови насоки биле намалени критериумите за вреднување на економските оператори во делот на квалитет. Покани за поднесување понуди за Набавка на нови и надградба на постојните софтверски решенија во ДИК биле испратени до два економски оператори и во повторената постапка повторно како најповолен понудувач бил избран економскиот оператор ‘Дуна’ ДОО со кој првообвинетиот потпишал Договор за јавна набавка.
Иако бил должен пред да го потпише договорот и пред да го имплементира софтверот да обезбеди негово тестирање заради утврдување дали истиот ги исполнува бараните услови, тој не го сторил тоа и дозволил истиот да се пушти во употреба без спроведено тестирањето и без направен квалитативен и квантитативен прием на услугата од договорот.
На ваков начин за економскиот оператор била прибавена корист – право да учествува во постапка за јавна набавка и да склучи договор на износ од 899.999 денари.
Во постапката за набавка на телевизори што ќе овозможат приказ на резултати од избори во надворешни услови, изготвувањето на техничката спецификација за јавната набавка било во консултации со учесник во постапката обвинетиот И.В.
Покани биле испратени до пет економски оператори на контакт-адреси што не биле регистрирани во Бирото за јавни набавки, а единствениот понудувач бил економскиот оператор „Тардис“ ДООЕЛ Скопје. Обвинетиот А.Ш. како претседател на Комисијата за јавни набавки, спротивно на правилата, иако знаел и бил свесен дека обвинетиот И.В. како овластено лице на единствениот понудувач е изготвувач на техничката спецификација, ја евалуирал понудата и во Извештајот за спроведена постапка, без присуство на членовите на комисијата, дал предлог понудата да биде избрана за најповолна понуда.
Дерковски го прифатил предлогот и донел одлука за избор на најповолен понудувач за предметната набавка. На ваков начин за економскиот оператор била прибавена корист – право да учествува во постапка за јавна набавка и да склучи договор на износ од 412.410 денари со вклучен ДДВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Сајкоски: Да донесеме уште поголема победа на 8 мај за просперитетна влада на ВМРО-ДПМНЕ
„Денес продолжуваме со активностите тука во Охрид, вчера поминавме прекрасни митинзи со огромна поддршка од граѓаните. Останаа уште неколку денови“, рече Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5 и ги повика сите да се приклучат и да донесат уште поголема победа во вториот круг.
„Сакам да ја изразам мојата благодарност и горд сум на тоа што го направивме во првиот круг, што ја дадовте вашата огромна поддршка за нашиот кандидат за претседател Гордана Силјановска Давкова.
Сакам да ве повикам и во вториот круг референдумски да излеземе за да можеме да ја реализираме Платформа 1198, за да може да реализираме многу проекти за регионов и нашава држава, да донесеме подобар економски развој и раст, да донесеме подобро образование и здравство, да донесеме подобар живот за сите. Затоа на 8 мај излезете сите да се активираме да кажеме НЕ за ова што се случуваше досега и да дадеме шанса за просперитетна влада која ќе ја носи Македонија напред“, изјави Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5.
Македонија
Херојот кој беше убиен во Вејце – Бобан Трајковски, доби споменик
Со почит кон споменот на бранителот Бобан Трајковски, на 28 април, во центарот на Куманово, во 12 часот, ќе биде откриен мурал со неговиот лик, во пресрет на 23-годишнината од неговата херојска смрт.
Бобан Трајковски, припадник на Баталјонот за специјални намени „Волци“ на Армијата на Република Македонија на 28 години го положи својот живот на олтарот на татковината против терористите од ОНА во 2001 година кај Вејце.
Муралот е изработен од талентираните уметници Младен Трендевски – Трендо, Горан и Дејвид (сограѓани на Бобан).
Организатори на настанот се Здружението СИЛА и колегите од специјалната единица ВОЛЦИ.
Скопје
Муцунски: Аеродром го заслужува најдоброто, започнува реализацијата на голем капитален проект
Градоначалникот на Општина Аеродром, заедно со претседателот на советот, Дејан Митески и директорката на основното училиште „Блаже Конески“ утрово на работен состанок ја утврдија динамиката по која до крајот на оваа школска година треба да започне реконструкцијата и доградбата на основното училиште „Блаже Конески“.
„Станува збор за важен инфраструктурен проект, онаков каков што заслужуваат граѓаните на Аеродром. По неговото финализирање, Аеродром ќе добие модерно и современо училиште, направено согласно сите европски стандарди, училиште кое ќе биде пример за квалитетна градба, одржливост и енергетска ефикасност“, истакна градоначалникот Муцунски во својата објавата на Фејсбук.
Тој додаде дека најважно од се е што реконструкцијата и доградбата нема да го наруши нормалното функционирање на училишните активности, а нивната организација ќе биде направена во консултација и согласно барањата на родителите, со кои утрово Муцунски одржа состанок.