Македонија
Под истрага негувателката во градинката во Радишани, малтретирала 3-годишно дете кое од стрес го загубило говорот
Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 32-годишна негувателка во детска градинка за која постои основано сомнение дека сторила продолжено кривично дело запуштање и малтретирање дете од член 201 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Како што соопштува Обвинителството, во временскиот период од 2022 до 2023 година, осомничената, вработена во детска градинка во Радишани, во повеќе наврати извршила психичко и физичко насилство кон оштетено тригодишно дете, кое ја посетувало јаслената група во градинката. На детето му се обраќала со погрдни зборови, го влечела и тегнела за косата, па тоа претрпело силен страв и стрес, што резултирало со губење на говорот и страв од одење во градинка.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување повеќе мерки на претпазливост кон осомниченото лице: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска осомничената да му се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање, забрана за посетување детската градинка и сите објекти што се дел од оваа детска градинка, забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со оштетеното дете, со неговите родители и со сведоците, како и забрана за преземање определени работни активности, кои се поврзани со кривичното дело, односно оддалечување од работното место.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

