Македонија
Под истрага негувателката во градинката во Радишани, малтретирала 3-годишно дете кое од стрес го загубило говорот
Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 32-годишна негувателка во детска градинка за која постои основано сомнение дека сторила продолжено кривично дело запуштање и малтретирање дете од член 201 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Како што соопштува Обвинителството, во временскиот период од 2022 до 2023 година, осомничената, вработена во детска градинка во Радишани, во повеќе наврати извршила психичко и физичко насилство кон оштетено тригодишно дете, кое ја посетувало јаслената група во градинката. На детето му се обраќала со погрдни зборови, го влечела и тегнела за косата, па тоа претрпело силен страв и стрес, што резултирало со губење на говорот и страв од одење во градинка.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување повеќе мерки на претпазливост кон осомниченото лице: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска осомничената да му се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање, забрана за посетување детската градинка и сите објекти што се дел од оваа детска градинка, забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со оштетеното дете, со неговите родители и со сведоците, како и забрана за преземање определени работни активности, кои се поврзани со кривичното дело, односно оддалечување од работното место.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кацарска: Судот ја покажува хуманата страна, над 30 вработени денес даруваат крв по повод 60 години Уставен суд
Со дарување крв вработените во Уставниот суд слават 60 години постоење на судската установа. Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска вели дека крводарителската акција е само една од акциите кои ќе ги спроведат за одбележувањето на јубилејот.
„Уставниот суд на Република Северна Македонија оваа година слави значаен јубилеј. Тоа е 60 години од постоење на судот. Веќе беше најавено дека во текот на целата година во Судот ќе се преземаат најразлични активности токму заради одбележување на овој значаен јубилеј. Самите вработени дадоа идеја една од акциите кои ќе се спроведуваат во Судот да биде и крводарителската акција, што значи Судот ја покажува и онаа хумана страна. Повеќе од половина од вработените се пријавија за давање крв, што значи од вкупно 60 вработени повеќе од 30 денес се согласни да дадат крв“, рече претседателката Кацарска.
Крводарителската акција е под мотото „Биди хуман спаси живот“, а ја реализира Црвениот крст на Македонија.
Македонија
Арсовска во увид на изградбата на подземната инфраструктура на новиот булевар Хрватска
Град Скопје продолжува со реализација на првата фаза на големиот проект за изградба на подземната инфраструктура на новиот булевар Хрватска, која опфаќа и нова водоводна мрежа која произлегува од градската програма за работа.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, заедно со екипи од ЈП Водовод и канализација Скопје и Секторот за планирање и уредување при Град Скопје, денес извршија увид во реализацијата на овој капитален инфраструктурен проект.
Во оваа фаза од изградбата на водоводната мрежа која се движи на трасата по новопроектираниот булевар Хрватска и заради формирање на прстенеста циркулациона мрежа и создавање на подобри хидраулички услови во градската водоводна мрежа предвидено е поврзување на двата магистрални доводи на вода Рашче со профил од Ф1600 и постоечкиот цевковод со профил од Ф700 на булевар Александар Mакедонски.
Со почеток на реализација на предвидениот магистрален цевковод со профил од Ф700 милиметри, по новопредвиден булевар Хрватска во првата фаза, започнати се градежните активности на поврзување на булевар Александар Македонски кај Естекада. Вкупната предвидена должина на магистралниот цевковод по булеварот Хрватска изнесува 2,8 километри. Реализацијата на овој дел од водоводната мрежа е предуслов за подобрување на водоснабдувањето на целата територија на општина Гази Баба.
Македонија
„Биди хуман- спаси живот”: крводарителска акција во Уставниот суд денеска по повод 60 години oд постоењето
Уставниот суд денеска организира крводарителска акција под мотото „Биди хуман- спаси живот” која ќе се одржи во периодот од 9 до 14 часот во просториите на Судот.
Акцијата за дарување на крв се реализира во соработка со Црвен крст на Република Северна Македонија, на иницијатива на Уставниот суд, по повод 60 години од своето постоење.
Организирањето на оваа хумана активност е иницијатива на вработените од Судот и досега се пријавени над 30 дарители од Уставниот суд, меѓу кои и судии и советници од стручната служба.
Преку оваа крводарителска акција Уставниот суд изразува солидарност и хуманост и истовремено се придружува на апелите на Црвен крст за подигнување на свеста за донирањето на крв и мотивирање на поголем број на луѓе за доброволно дарување.