Македонија
Пожарот кај Битола локализиран, но сѐ уште постои опасност, од Пелистер е оддалечен 10 километри

Регионалниот ЦУК Битола известува дека Екипите од ТППЕ Битола, НП ,,Пелистер”, ДПД,,Арханѓел” и доброволци се повлечени од терен од пожарот на м.в.Смолево (Општина Битола) во 23.00 часот. На терен во гаснењето биле активни повеќе од 50 луѓе и пожарот е локализиран но се уште постои опасност, бидејќи еден крак од истиот е се уште активен во густа борова шума и е во правец на с.Буково.
До овој момент не се загрозени населени места и објекти. Во текот на ноќта очекувано се намали интензитетот на горење на оние места каде што пожарот е се уште активен. Пожарот е одалечен од НП,,Пелистер” околу 10 км.
Екипите од ТППЕ Прилеп кои го гаснеа пожарот во атарите на с.Слепче и Гостиражни се повлечени од терен околу 23.30ч.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДОМ: Властите легализираат уништување плодни полиња, ова не е зелена политика, туку кратковидно решавање на енергетската криза

Демократската обнова на Македонија (ДОМ) е категорично против „уништувањето на земјоделското земјиште за профит на бизнис-интереси под превезот на ‘зелена енергија’“. ДОМ отсекогаш се залагал за обновливи извори, но не на сметка на домашното производство на храна и егзистенцијата на земјоделците.
„Оваа одлука е погрешна и штетна! Наместо да се користат веќе деградирани површини, индустриски зони и покриви на објекти, властите легализираат уништување на плодни полиња. Ова не е зелена политика, туку кратковидно решавање на енергетската криза на сметка на иднината на земјоделството“, велат од ДОМ.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со Николоски: Претседателката ја поздрави интензивната инфраструктурна активност

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се сретна со заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
Претседателката Сиљановска-Давкова ја поздрави интензивната инфраструктурна активност, како одговор на потребата од подобра внатрешна и регионална поврзаност, како и поврзаност со ЕУ.
Во модерната инфраструктура, таа гледа основа за побрз економски развој, како и зголемување на домашните и странските инвестиции.
Министерот Николоски ја запозна претседателката со изградбата на патната и железничката мрежа, како и со активностите за унапредување на јавниот превоз.
Обајцата изразија очекување стратешките проекти во транспортниот сектор да придонесат за подобрување на животниот стандард на граѓаните и овозможување одржлив развој.
На средбата се зборуваше и за последните измени на Законот за урбанистичко планирање. Според министерот, мнозинството од 68 гласа „за“ зборува за висок степен на усогласеност на пратениците.
Со законските измени, во поглед на поставувањето фотоволтаични централи и ветерници, тој не гледа зголемена опасност по плодното земјиште и смета дека постојат правни механизми за нејзино спречување.
Македонија
Тошковски на граничниот премин „Блаце“: Граѓаните ќе ја поминуваат границата побрзо и со една контрола

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со вицепремиерот Изет Меџити и министерот за внатрешни работи на Косово Џелал Свечла денес на граничниот премин „Блаце“ извршија увид во финализирањето на инсталација техничките системи и компоненти за набрзо да може да почне тест периодот на системот „One Stop Shop“ којшто треба да овозможи побрз премин на граѓани кои патуваат помеѓу Македонија и Косово.
„Констатиравме дека сета опрема од технички аспект којашто треба да се имплементира и инсталира е во фаза на инсталација и започнуваме со подготовки на вмрежување на двата системи. Имавме можност да видиме како ќе функционира технички тоа, во рамки на една единствена платформа. Информациите ќе се споделуваат меѓу двете министерства со цел да овозможиме со констатација на само еден полициски службеник косовските граѓани да влезат во Македонија и македонските граѓани да влезат во Косово преку контрола од страна на еден полициски службеник. Секоја држава го штити својот влез. Со овозможување на мали градежни зафати коишто ќе овозможат проширување на влезовите кон Македонија, ќе создадеме соодветни услови и влезот кон Косово од моменталните три кабини да овозможиме шест позиции“, потенцираше Тошковски.
Тој образложи дека во имплементирањето на системот „One Stop Shop“ за побрз пропуст на патници и стоки најдалеку во имплементирање е стигнато со Косово а во блиска иднина ќе следуваат и имплементации со Република Србија и Република Албанија.