Македонија
Покренато обвинение против ексградоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески

Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе обвинение против поранешниот градоначалник на Прилеп, Марјан Ристески, за несовесно работење во службата во врска со поставувањето на директорка на Домот за стари лица „Киро Крстески Платник“.
Според обвинителниот предлог, Ристески по објавената одлука од страна на Управниот одбор на ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески Платник“ од Прилеп и распишаниот јавен конкурс во кој како посебен услов било предвидено работно искуство од 4 години по дипломирањето, донел решение со кое за директор избрал кандидатка која во времето на изборот имала работно искуство од 2 години и 6 месеци по дипломирањето и не го исполнувала посебниот услов предвиден во конкурсот.
Во истиот предмет, за избраната кандидатка е отфрлена кривичната пријава за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. „Имено, во конкретниот случај не произлезе дека осомничената на некаков начин ја искористила својата службена положба или овластување, дека ги пречекорила границите на своето службено овластување, па со тоа за себе или за друг да предизвикала некаква корист или на друг да му предизвикала некаква штета, ниту, пак, ова кривично дело е сторено при вршење јавни набавки или на штета на буџетот на РМ“, соопшти Обвинителството.
Од таму додаваат дека надлежниот јавен обвинител утврдил дека незаконските дејствија со изборот на осомничената за директорка, иако таа не го исполнувала посебниот услов наведен во јавниот конкурс, ги сторил оној кој го извршил изборот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Постои сомнеж дека пожарот во Дрисла е подметнат

Скопската противпожарна бригада со сити сили се обидува да го локализира пожарот во депонијата Дрисла. Направен е противпожарен појас за да не се дозволи на огнот да тргне кон блиската трева, грмушки и шума од горната страна на депонијата., информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Како што додаде, постојат сомненија дека пожарот бил предизвикан намерно.
„Ќе потсетам само дека летово имавме рекордно високи температури но Дрисла не се самозапали“, рече Ангелов.
Противпожарните возила и дополнителните цистерни од „Комунална хигиена“ интервенираат на терен, а пожарот сè уште не е целосно локализиран.
Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски посочи дека станува збор за посериозен пожар од поголеми размери, при што постоела опасност огнот да се прошири.
Македонија
Филипче од Париз: Потребен е проактивен пристап и политички консензус за напредок кон ЕУ

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во рамки на еднодневната работна посета оствари повеќе средби со високи француски политички претставници, на кои во фокусот на разговорите беа реформската агенда и предлог Резолуцијата на СДСМ, како гаранција за заштита на националните интереси и решение за деблокирање на преговите со ЕУ.
Филипче одржа работна средба со пратеничката и потпретседателка на групата за пријателство Франција – Северна Македонија во француското Собрание, Лилиана Танги, со шефот на Канцеларијата за соседство, проширување и одбрана при Генералниот секретаријат за европски прашања, Жозеф Жустиниани, како и со директорот за Континентална Европа при Министерството за Европа и надворешни работи, Брис Рокфеј и со специјалниот претставник за Балканот, Рене Троказ.
На состаноците беше истакната поддршката од Франција во процесот на евроинтеграција, но и потребата од брзи резултати во исполнување на обврските и работа на реформите.
Филипче ги презентираше позициите на СДСМ и истакна дека партијата има проактивен пристап и работи на решенија за деблокирање на евроинтеграцискиот процес. Тој нагласи дека во завршна фаза е подготовката на Резолуцијата, со која ќе се потврдат националните црвени линии – македонскиот јазик, култура и идентитет, како и механизми за справување со евентуални непринципиелни барања што излегуваат надвор од Преговарачката рамка.
Во разговорите беше потенцирано дека во Европската Унија постои јасен консензус за проширувањето, и дека тоа е можност која Македонија мора да ја искористи. Француските претставници пренесоа очекувања дека нашата земја треба да направи напредок во евроинтеграцискиот процес, како што тоа веќе го прават државите од регионот, особено Албанија и Црна Гора.
Македонија
Пожар на депонијата Дрисла, Ангелов смирува дека не е алармантно, но е сложено поради хемиските процеси

Пожар избувна на депонијата Дрисла.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, рече дека пожарот не е алармантен, а скопската противпожарна бригада работи на негово гаснење.
Сепак, како што објаснува Ангелов, гаснењето на било која депонија е сложен процес поради хемиските и биолошките процеси кои се одвиваат во внатрешноста на депонијата како резултат на кои се создаваат запаливи гасови.
(Фото: илустрација, архива)