Македонија
Полицијата не ги спроведе Јанакиески и Пепиќ од куќен притвор, одложено рочиштето за „Титаник“
Обвинетите за изборните нерегуларности, Миле Јанакиески и Мунир Пепиќ, не беа спроведени од куќен притвор, што беше причина за одложување на денешното рочиште за предметот „Титаник“.
Покрај Јанакиески и Пепиќ, на судењето не се појави ни обвинетиот Едмонд Темелко за кој неговиот адвокат рече дека е хоспитализиран, односно дека се наоѓа на болничко лекување од седми овој месец.
Судечкиот совет првично наредното рочиште го закажа на 20 февруари, но на оваа одлука реагира преатеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, кој истакна дека на овој датум нема да биде во државата поради службено патување во својство на шеф на делегација на македонското Собрание во НАТО.
На ова барање на Димовски рочиштето да не се одржи на 20 февруари остро реагира обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова, која посочи дека судот не треба повеќе да ги зема предвид службените патувања на Димовски бидејќи ова е вторпат како се одложува рочиште по негово барање.
„Илија Димовски како пратеник во Собранието на РМ ги знае своите обврски, а и однапред го има распоредот за закажаните рочишта во суд. Ова се случува вторпат, во иднина треба да внимава на службените патувања -кои треба да ги прифати, а кои не, со оглед на тоа дека ова е второ барање за одлагање судење со иста причина. Доколку понатаму во преден план се ставаат патувањата пред рочиштето, ќе го сметаме за намерно одлагање на расправата. Судењето не треба да трпи поради патувањата на Димовски“, ијзави Стефанова.
Судечкиот совет следното рочиште за „Титаник“ го закажа за 27 февруари.
Во „Титаник“ се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска-Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зегин во духот на хуманоста и желбата за сплотеност повторно го поддржа големиот празник Богојавление (Водици)
Големиот Христијански празник Водици, Богојавление и оваа година беше поддржан од компанијата Зегин. Покрај минусните температури повеќе од 160 учесници беа пријавени на главната Скопска манифестација а истата се одржа и во останатите Скопски општини како и во градовите ширум цела држава.

Според верувањата оној кој ќе го фати светиот крст ќе го следи здравје, среќа и бериќет низ целата година како и сите оние кои со голема храброст влегоа во светите води.

Хуманоста, желбата да се помогне и да се сплоти доброто во човекот е водечка сила која компанијата Зегин традиционално ја истакнува и на овој Христијански празник со тоа што обезбеди награди за преку 70 општини во земјата.

Со овој празник се заокружуваат дванаесетте „некрстени денови“, како и циклусот на зимски празници.

Компанијата Зегин посакува многу здравје, среќа, успех и мир на сите оние кои беа дел од манифестацијата, како и на нивните семејства.

ПР
Македонија
Македонски Концепт упати Дипломатски манифест до САД: Веруваме дека Македонија припаѓа во кругот на стабилни, демократски и доверливи западни сојузници
„Политичката партија Македонски Концепт, како легитимен политички субјект во Република Македонија со јасна про-западна, демократска и реформска ориентација, упатува Дипломатски манифест до САД, со цел да придонесе кон јасно, отворено и одговорно преиспитување на состојбата на билатералните односи. Ние веруваме дека демократијата има право и обврска да се брани“, соопштуваат од Македонски Концепт.
„Манифестот беше усвоен од страна на Националниот Комитет на МК на 19.02.2026 година, кој констатира дека стратешкото партнерство со САД претставува клучен столб на националната безбедност, политичката стабилност и про-западна ориентација. Секое сериозно нарушување или релативизирање на ова партнерство создава вакуум кој ја зголемува институционалната ранливост, отвора простор за деструктивни влијанија и ја поткопува довербата во демократските процеси.
Со особена загриженост го констатираме фактот дека Република Македонија во одредени контексти се третира во ист ранг со држави кои се соочуваат со сериозни безбедносни и институционални колапси. Тоа не е резултат на еден настан, туку на долгорочна државна слабост и недоволна решителност во справувањето со појави на верски радикализам, антизападни и прокомунистички идеолошки наративи и институционална корупција и недоследно владеење на правото.
Во таа насока, Манифестот ја афирмира потребата од политичка и економска декомунизација, лустрација, заштита на христијанско културно – историско наследство и сузбивање на појавите на нелегалната миграција која ги уништува традиционалните вредности во нашите општества. Искажуваме политичка волја за јасна корекција кон донесување на законодавни и институционални механизми против верски радикализам, јасно дистанцирање од комунистичката и секоја тоталитарна идеологија, системска борба против корупцијата, со мерливи и проверливи резултати.
Македонски Концепт ја поддржува идејата за продлабочен билатерален стратешки и безбедносен компактен однос меѓу Македонија и САД, а како членка на НАТО и деклариран сојузник, имаме легитимно право на отворен дијалог, фер проценка и почитување на постојните договори за стратешко партнерство. Охрабруваме директна комуникација, јасни критериуми и заемна одговорност, како основа за обновување на довербата.
Македонски Концепт верува дека Македонија припаѓа во кругот на стабилни, демократски и доверливи западни сојузници. Овој Дипломатски Манифест, го упатуваме како израз на сериозна политичка намера, вредносна усогласеност и подготвеност за одговорно партнерство со Соединетите Американски Држави“, соопштуваат од Македонски Концепт.
Македонија
Започна изградбата на атмосферска канализација на улицата „Томе Арсовски“ во Бирарија
Денес, градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, присуствуваше на почетокот на градежните работи за изградба на атмосферска канализација на улицата „Томе Арсовски“ во населбата Бирарија. Проектот има за цел трајно решавање на проблемот со собирање и задржување на отпадните атмосферски води, кои поради специфичната теренска конфигурација често предизвикуваат потешкотии, особено при пообилни врнежи од дожд. Станува збор за значајна инфраструктурна инвестиција, финансирана од буџетот на Општина Кисела Вода, информираат од општината.
-Изградбата и обновата на подземната инфраструктура, како што е и денешниот проект, се од суштинско значење за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и за долгорочен, одржлив развој на општината- истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска. Таа додаде дека вакви и слични проекти ќе продолжат и во периодот што следи, со цел системско унапредување на инфраструктурната мрежа.
-Ќе работиме во сите населби и населени места, со јасна заложба за рамномерен развој и еднаков пристап до квалитетна инфраструктура за сите жители, нагласи градоначалничката.

