Македонија
Полицијата пак не успеа да го донесе Зеќири на судење; Судијката: Била повикана брзата помош, не знам дали е пристигната

Ексгенералниот секретар Мухамед Зеќири одново не беше спроведен на судењето, каде што се гони за злоупотреба на службената положба и овластувањето. Ова беше и причината за одлагање на рочиштето, вторпат по ред. Судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска рече дека полицајци отишле да го земат Зеќири од домашен притвор, но не го спровеле оти им било кажано дека е со нарушено здравје.
„Не е присутен обвинетиот Мухамед Зеќири, кој не е спроведен од куќен притвор. Во 9 часот од страна на ПС Карпош направен е обид за спровод на обвинетиот и констатирано е дека тој не е во добра здравствена состојба поради што повторно била повикана брзата помош. Дадоа ветување дека штом ќе дојде брзата помош, ќе го информираат судот. Но, до овој момент немам информација дали е пристигната повиканата брза помош. Судот констатира дека на 3.2.2023 година поднесено е барање за одлагање на главната расправа од адвокатското друштво ‘Пепељуговски’ со прилог психијатриски извештај од 1.2.2023, изработено од ПЗУ „Евромедика“ преку доктор Александар Марцикиќ“, посочи судијката Јанчулева-Михаиловска.
Ова е второ одложување рочиште за предметот во две недели. И претходната година, слично како и сега, Зеќири не беше спроведен оти командирот на Полициската станица Карпош известил дека обвинетиот не е во добра здравствена состојба.
Обвинителката Катерина Коларевиќ поднесе обвинение против ексгенералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири. Тој се гони за злоупотреба на службената положба и овластувањето, односно дека во повеќе наврати, без јавна набавка, избрал фирми на кои им исплаќал владини пари.
Обвинителството тврди дека Зеќири го оштетил буџетот за речиси 1,5 милион евра, кои завршиле во приватни фирми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мицевски: Луѓе на Заев се кандидатите за градоначалници што ги предлага Филипче

Пратеникот и член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Јане Мицевски, и денеска упати критики до раководството на СДСM, обвинувајќи дека кандидатите за градоначалници кои ги предлага партискиот лидер Венко Филипче се, како што рече, луѓе на Зоран Заев.
„Луѓе на Заев се кандидатите на Филипче, истата матрица само различни луѓе“, рече Мицевски, додавајќи дека СДСM продолжува да функционира под влијание на поранешниот премиер.
Според него, кандидатите се определени со одобрување од Заев, а Филипче е само обична фигура без право на глас. Како пример го наведе кандидатот за Куманово, Мартин Костовски, за кого рече дека е близок соработник и функционер на СДСМ под влијание на Заев.
„Човекот кој беше директор на Службен весник, пратеник, а сега организационен секретар на СДС, е таму само затоа што е послушник на Заев. Како ќе каже Заев, така Костовски прави“, изјави Мицевски.
Тој посочи дека Филипче, како претседател на партијата, нема реална моќ и дека предлог-кандидатите мора да ги испорача во знак на благодарност кон Заев.
Според Мицевски, кандидатите се синоним за неспособност и пораз уште во првиот круг на локалните избори.
Македонија
На граничните премини Богородица и Табановце се чека по 30 минути

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна време на чекање на Богородица и на Табановце е 20-30 минути, а на останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира АМСМ.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Македонија
Поднесено обвинение против директорот на болницата за геријатрија за примање поткуп од 20.000 евра

Обвинителството поднесе обвинение против директорот на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, Мухсин Арифи, и уште едно лице, кои се осомничени за примање поткуп од 20.000 евра за да сместат болно лице во установата.
Директорот е обвинет дека сторил кривично дело – Примање поткуп, а второобвинетиот се товари дека сторил кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание.
„Првообвинетиот за болнички прием на лице во тешка здравствена состојба, од сведок – давател на доживотна издршка на лицето, директно побарал поголема имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што би морало да го изврши. Второобвинетиот директно ја примил таквата корист за првообвинетиот за да со искористување на своето реално влијание интервенира да се изврши службеното дејствие што морало да се изврши од првообвинетиот. При примање на дел од договорената сума во износ од 20.000 евра, второобвинетиот бил фатен на лице место од страна на полицијата“, соопшти Обвинителството.
Со Обвинителниот акт е доставен и предлог да се продолжи определената и продолжувана мерка притвор спрема двајцата обвинети.